Агнозии (оптички, акустични и тактилни)

Агнозиите се пореметувања кои се состојат во изменета состојба на распознавање и препознавање на примените дразби иако функционалната слабост на сетилните органи е зачувана. Можни се во областа на сите сетила.

Агнозии - (оптички, акустични и тактилни) (1)

Оптички агнозии

Болниот нема способност да ги распознае примените светлосни впечатоци иако органот за вид е неоштетен. Тој фактички не е слеп зашто функцијата на окото и спроводниот систем е зачувана. Во таквите случаи болниот може да посматра некои предмети, дури и да ги опише, но не е во состојба да ги препознае. Причината за оваа појава лежи во оштетувањето на одредени области во левата мозочна хемисфера (или двострано) и тоа во конвексниот дел на окципиталната кора каде се наоѓа психовизуелниот центар. Но, толкувањето на неговото настанување сè уште нема достигнато единствен научен облик. Додека некои размислуваат дека се работи за тоа дека соодветните енграми (слики, сеќавања) се уништени, други зборуваат дека енграмите и понатаму постојат, но дека не постои начин за нивно репродуктирање.

Акустични агнозии

Болниот не е во состојба да го препознае звукот, за да го означи неговото потекло. На пример, по лаењето не може да го препознае кучето, по отчукувањето – часовникот, по мјаукањето – мачката итн. При тоа болниот не е глув, тој го слуша звукот, неговиот осет за слух е исправен, слушниот нерв ја има зачувано функцијата, но пореметувањето на можноста за препознавање на звукот е јасно изразен. Жариштето се наоѓа во првата темпорална вијуга, на левата страна кај десничарите – психоакустична зона.

Тактилни агнозии

Болниот има зачувана палпациона способност на прстите и дланките, но при затворени очи само со допирање на предметите не е во состојба да се ориентира и да го препознае предметот кој му е во раката. Жариштето се наоѓа во средната третина на задната централна вијуга на спротивната страна.

Многу интересен вид на агнозија во која болниот не го препознава својот сопствен дефект, познат е под името Антонов синдром (по името на самиот автор). Болниот ја допира својата одземена рака, не ја препознава, се прашува што тоа може да биде, иако е потполно слеп, тој за тоа не е свесен и тврди дека добро гледа. Толкувањето на вакви појави и механизмот на нивното настанување е доста комплексен и за нив не постојат единствени ставови.

 

Извадок од: Основи на невропсихологијата – Вангелица Гаврилова




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.