Анксиозност: што претставува и како се третира?

Во услови на брзо темпо на живеење, брзи технолошки промени, промени во средината и глобалните светски социјални кризи, застапеноста на состојбата на анксиозност меѓу луѓето е сè поголема. Според истражувањата во САД 25% од возрасното население страда од анксиозност, додека кај 5% од нив се јавуваат сериозни потешкотии и нарушувања. Ваквите податоци се уште повеќе загрижувачки бидејќи најчесто анксиозните личности не ја сметаат доволно сериозно својата состојба за да побараат професионална помош.

Анксиозност: што претставува и како се третира?

Каква психичка состојба е анксиозноста?

Анксиозност (лат. „anxius“- загриженост) е психичка состојба за која е карактеристично јавувањето на чувства на мачнина, тежина, уплашеност, непријатност, вознемиреност, страв до степен на паника, психомоторна напнатост и внатрешен немир. За анксиозноста, исто така е специфично што најчесто е немотивирана и не е поврзана со некој конкретен објект, настан или личност.

Кои се симптомите на акнскиозноста?

Анксиозноста физички се манифестира преку: забрзана работа на срцето, хипертензија, забрзано и плитко дишење, тремор, гастроинтестинални нарушувања, мускулна напнатост, губење на здив и чувство на гушење, болка во градите, вцрвенување и потење, чувство на слабост итн.

Психичките знаци за состојба на анксиозност се: лесно губење на трпението, потешкотии со концентрацијата, очекување на негативен исход од секоја животна ситуација, потешкотии со спиењето, опсесивност (преокупираност со некои работи), потреба за бегство или криење итн.

За разлика од состојбата на фобија или паника, на анксиозните личности не им е секогаш јасно поради што ја чувствува таа тешкотија. Анксиозните лица едноставно постојано имаат чувство на тешкотија.

Според S. Estein, анскиозноста е квалитативно различно доживување од стрвот и се јавува кога личноста не може да се соочи со опасноста. Неспособноста за справување со опасноста може да се јави и поради непрепознавање на изворот на опасност.

Анксиозноста како состојба и како особина на личноста

Резултатите од спроведените истражувања покажале дека веројатноста за појава на анксиозност зависи од самата личност, ситуацијата и видот на анксиозниот одговор.

Ансксиозноста како состојба е посебно доживување во специфична ситуација и специфично време. Оваа состојба може да се опише како состојба на возбуденост, напнатост, чувства на непријатност и загриженост која се јавува во одредени можни ситуации, како нивна последователност или пак со замислување и антиципирање на такви ситуации.

Од друга страна, анксиозноста како црта на личност е релативно трајна особина или диспозиција да се биде анксиозен/на во многу различни ситуации.

Третман на анксиозноста

Со цел подобрување на квалитетот на живеење на анксиозната личност, се нудат соодветни професионални третмани. Притоа, исклучително важно е раното препознавање на анксиозноста и соодветен третман. Професионалното третирање во раните фази помага да се спречат некои потешки последици како што е депресија, злоупотреба на алкохол, психотропни супстанци и друго.

Доколку често чувствувате потрешкотии карактеристични за анаксиозната кои ви го нарушуваат секојдневното функционирање, најдобро е да се обратите кај професионалец за ментално здравје. Постојат бројни психотераписки пристапи како гешталт терапија, когнитивно-бихевиорална терапија, семејна терапија и други кои може да ви помогнат да ја надминете анксиозната состојба. По потреба, според проценката на професионалното лице во тртманот може да се вклучи и фармакотерапија, односно употреба анксиолитици и антидепресиви.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.