Анксиозност – справување со повторливите стравови и мисли

Анксиозноста е чувство на вознемиреност и напнатост, а aнксиозната личност се чувствува загрозено, иако не ја знае причината. Таа чувствува напнатост, немир, незадоволство и неодреден страв.

Еден од проблемите кој ги вознемирува лицата со анксиозност е неможноста за ослободување од повторливите мисли. Штом еднаш негативната мисла влезе во главата, станува многу тешко да се убедиш себеси дека мислата не е вистинита.

Анксиозност - справување со повторливите стравови и мисли

Од околината стигнуваат совети од типот „не мисли на тоа“, но не е така едноставно. Всушност, психолошките студии покажале дека доколку се обидувате да не мислите на нешто, ќе почнете да мислите уште повеќе. Зошто? Затоа што додека си наредувате да не мислите на тоа, всушност вие продолжувате да мислите.

Реалноста е дека кога имате мисли кои ве мачат, ненамерно ги запаметувате. Ова се случува од различни причини:

  • Ја сметате мислата за стресна, а анксиозноста ги прави стресните мисли поактуални.
  • Се обидувате да не мислите на стресните мисли, и секако мислите на нив за да ги заборавите.
  • Поминал ден без лоша мисла. Вие сфаќате дека не сте помислиле на ништо лошо цел ден. За жал, тој заклучок ви ја враќа во глава лошата мисла.
  • Вашата анксиозност може да ја предизвика лошата мисла почесто, бидејќи е поврзана со вашата анксиозност.

Стравови и повторувачки мисли – како да ги контролирате?

Анксиозноста предизвикува многу слични стравови и повторувачки мисли кои луѓето тешко ги забораваат. Тоа е така бидејќи симптомите на анксиозност може да бидат многу слични помеѓу луѓето. Подолу ќе се осврнеме на најчестите повторувачки мисли кои се јавуваат кај луѓето кои страдаат од анксиозност.

„Нешто не е како што треба – ќе ми се случи нешто лошо“

Ова е вознемирувачка мисла која најчесто се јавува кај оние кои страдаат од панични напади. Се јавува бидејќи паничниот напад предизвикува интензивно чувство дека ќе се случи нешто лошо и физички симптоми кои имитираат посериозни здравствени проблеми. Се јавува во моментот, но може да трае и подолго, убедувајќи ги луѓето дека навистина имаат некакво заболување.

Ова се мисли кои тешко се контролираат. Затоа најнапред посетете доктор кој ќе ве прегледа и ќе ве смири. Следно, престанете да ги барате на google вашите симптоми. Анксиозноста перзистира кога ги гледате сите „заболувања“ поврзани со сомптомите кои ви ги предизвикува анксиозноста. И најважно, останете активни кога нападот ќе заврши. Штом нападот заврши, не се депримирајте со вашите грижи. Потсетете се дека тоа е паничен напад, наполнете се со енергија и продолжете го денот.

„Полудувам“

Анксиозноста може да предизвика чувство дека умот ве изневерува. Тоа не е само поради грижите, туку поради целото доживување на анксиозноста. Станува тешко да се одржи концентрацијата, се забрзува отчукувањето на срцето, дури може да почувствувате вртоглавица или чувство како нешто да е исклучено во процесот на мислење. Сето ова може да предизвика чувство дека полудувате.

Мислите перзистираат бидејќи ги предизвикува самата анксиозност, а анксиозноста води кон поврзани симптоми. Анксиозноста која изгледа дека не може да се контролира, го зголемува чувството на сомневање во себе, а тој сомнеж може да ве натера да се почувствувате дека нешто не е во ред со вас.

Вистината е дека секојдневно, милиони луѓе се соочуваат со анксиозноста. Но тие едноставно не зборуваат за тоа со други луѓе. Добар начин да си помогнете на себе е да учествувате во групи за поддршка. А колку повеќе учите за неа, ќе разберете дека тоа што го доживувате не е „ненормално“.

Анксиозност - справување со повторливите стравови и мисли

„Што ќе си помислат за мене?“

Многу луѓе се грижат како нивната анксиозност ќе биде видена од другите. Се грижат дека ќе изгледаат слаби. Во природата на човекот е тој да суди, а луѓето со анксиозност може да бидат загрижени дека ќе бидат осудувани.

Секогаш имајте на ум:

  • Нека не ви биде важно што мислат луѓето, вашата анксиозност е ваш проблем.

Луѓето секогаш ќе имаат некакво мислење, а можеби и веќе сте сретнале некој кој ве осудувал. Ако е така, не дозволувајте да ви пречи. На крајот, тој ќе излезе како лоша личност, не вие. Не дозволувајте мислејќи на луѓето да си ја влошувате вашата состојба.

Најдобар начин да ги намалите повторувачките мисли е да бидете отворени за вашиот проблем. Тоа не значи дека треба да им кажете на сите што ги познавате, но кажете им на најблиските. Кога ќе дознаете дека тие не ве осудуваат, нема да има за што да се грижите.

„Што ќе се случи ако отидам?“

Уште една мисла која доаѓа во многу варијанти, е размислувањето за најлошото можно сценарио. Размислувате за негативните работи кои „може“ да се случат доколку отидете на некое случување.

Најчесто е кај оние со панични напади и социјална фобија, но се појавува и кај други типови на анксиозност. Овие мисли се јавуваат кога се грижите дека доколку отидете на некој прием или учествувате во некоја активност, ќе се случи нешто лошо и колку и да се обидувате, мислите не исчезнуваат.

Кој е трикот за да се контролираат овие мисли? Тргнете веднаш, и активно трудете се да се убедите дека си поминувате добро и покрај вашата анксиозност. Едноставно прифатете го стравот, и решете дека и покрај него ќе се потрудите да си поминете добро.

„Јас сум безнадежен“

За крај, една од клучните мисли е дека не можете да ја контролирате анксиозноста. Најлесно е едноставно да се откажете од решавање на симптомите, верувајќи дека колку и да се трудите, нема да се ослободите од анксиозноста.

Најдобрата стратегија за контролирање на оваа мисла е веднаш да почнете да ги решавате вашите симптоми. Доколку се почувствувате безпомошно, веднаш обратете се во некој од центрите за ментално здравје, а психолозите и психијатрите ќе ви помогнат во решавање на вашиот проблем. Во моментот кога ќе почувствувате подобрување, ќе сфатите дека никој не мора да живее со анксиозноста засекогаш.



Психолог, едукант на семејна и системска психотерапија.
Лиценциран од Комора на психолози на РМ.
Претседател и основач на Здружение Психоинтегра.
Работно искуство во областа на клиничката психологија. Советувач во психолошко советувалиште на Здружение Доверба и координатор на проекти од областа на зависностите и психодијагностиката.


One thought on “Анксиозност – справување со повторливите стравови и мисли

  1. emilija

    nad 10 godini se boram so nea i so socijalni fobii, ina periodi koga sum super i koga funkcioniram odlicno no periodi koga sum obzemena i mi smeta vo sekojdnevieto, sum peocitala iljadnici statii, sum ucestvuvala na forumi, sum odela na psihijatri osven lekarstva nisto dr ne sum dobila ova se resava so grupna terapija dolg period sto za zal vo Mk vo pomalite gradovi nema, ima vo Sk i se naplaka od seansi po 20 eu sto e mnogu za sekoj poedinec, i ne s ni cudo sto antidepresivite i sedativite odat kako bomboni vo aptekite a ne se trajno resenie za nikogo, i taka se vrtime vo krug i stanuvame depresivno opstestvo

    Reply

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *