Без коментар

Злоба, завист, игнорантност… премногу сме завеани во тој нечист воздух загаден од луѓе кои едвај чекаат некого да исплукаат. И додека порано слушав коментари од типот како ние балканците сме биле „топол“ народ, а „тие другите“ од европските земји биле ладни, без да се задлабочам, кимнував со глава. Но реалноста е поинаква. Дали сме топли или имаме недостаток на елементарна култура и се мешаме во сечиј живот? Туѓо е тоа што не е наше…да, така е, колку просто и да звучи, голем број луѓе од нашево поднебје всушност не го знаат значењето на зборот „туѓо“. Не е твое, немаш право на него, не смееш да се мешаш!

Соочена со зло, и возрасна особа, колку и да е самоуверена ќе се почувствува збунето. Замислете како би се почувствувало едно дете кога ќе се сретне со злобни луѓе, а да не зборуваме кога би израснало во таква околина… Всушност, злобните луѓе одбиваат да ги признаат сопствените недостатоци и сакаат да го проектираат своето зло на другите. Но кој е потрагичниот момент? Нивното плукање или тоа што тие сметаат дека се доволно компетентни и имаат дозвола до тој степен да го изразуваат своето мислење и да расфрлаат навредливи коментари за сè околу нив? Коментари кои се раѓаат во нивните закржлавени мозочиња со кои ја трујат околината. Толку вртоглаво брзо се движиме наназад, што хаосот почна да нè гуши и мислам дека веќе не знаеме каде да ја бараме вината. Можеби во факултетите кои штанцаат дипломи на ликови полни со комплекси и заостанати ставови без трошка свест? Па така, секој поединец смета дека е интелектуалец и граѓанин кој има право и е должен да ги осудува сите оние луѓе кои „не се по негова мерка“. Или вината е можеби во моќта за одлучување дадена на човек кој е израснат на некое брдо без контакт со други луѓе и различни начини на размислување?

Пред извесно време една од малкуте познати пејачки во нашава мала земја, победи на српско шоу и парите од победата ги донираше во дом за деца без родители. Емисијата не ја гледам, но подоцна го погледнав видеото и сето тоа ми беше симпатично и интересно. На facebook ми се појави коментар од некој пријател кој коментирал на статус од познат македонски „новинар“ кој во неговата емисија „јаде бурек“, а под него, лавина коментари од луѓе кои користат вулгарен речник во натпревар кој повеќе ќе ја исплука девојката која се појавила на шоуто. Сето тоа изгледаше толку одвратно, очајно и жално, па се почувствував толку безнадежно дека нешто може да се смени во нашиов менталитет. Не е срамота кога ги гледаат пејачките од западната сцена полуголи под дејство на разни опијати…срамота е ова нашево, дај да го исплукаме што и да направи. Епа можеби треба да престанеме да се чудиме зошто ниеден македонец не успева надвор од нашата земја, и зошто не одиме напред, и зошто сообраќајната култура ни е како во Багдад, и зошто полицаецот ќе казни некој кој има кал на тркалото, а пред една минута истиот тој човек си ја искршил колата на некоја од многуте дупки во градов, и зошто пациент на рутинска операција од жолчка си оди дома со хепатит Б?! На илјада зошто има едно затоа – ете затоа не нè примаат во ЕУ. Очигледно на нас ни се доволни турските серии во кои се прикажуваат обесправени ликови кои се помируваат со своите тешки судбини, тажните животни стории на наши сограѓани кои живеат во ужасни услови и размислувањето дека сè што прават останатите е срамота! Веројатно тука и ќе останеме…добро е ако не отидеме уште некој чекор поназад зашто стравувам дека побројно е населението кое размислува исто како и ликовите во турските серии.

За крај, нека им е алал на сите млади кои ја напуштија државава, а фактите говорат дека во просек од еден школски клас кој брои 30 ученици, 8 ќе ја напуштат земјава. Каде и да отидат верувам дека ќе наидат на пофлексибилна околина.



Психолог, Семеен и системски советник. Лиценциран од Комора на психолози на РМ. Претседател и основач на Здружение Психоинтегра. Работно искуство во областа на клиничката психологија. Советувач во психолошко советувалиште на Здружение Доверба и координатор на проекти од областа на зависностите и психодијагностиката.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *