Дали е правилно да се остане во брак поради децата?

Едно од прашањата пред кои често стојат родителите кои се во незадоволувачки брак и размислуваат за развод е – дали да останеме заедно заради децата?

Дури и кога знаат родителите дека не сакаат и нема простор да го „спасуваат“ бракот, самиот процес на разделба е претежок за нив, носејќи прашања за старателството, преселба, финансиски тешкотии.. итн., па логично е да си го наметнат и ова прашање.

Има неколку важни елементи кои треба да се земат предвид кога се преиспитуваме дали вреди да се спасува врската и да се остане во брак. Секако, ако се има деца, треба и тие да бидат дел од одлуката. Сепак, да се остане во брак само заради децата, не е пожелно да биде единствената или главната причина за зачувување на бракот.

Доколку размислувате за подобрување на бракот и сакате да направите нешто околку тоа, ви препорачуваме да побарате помош од психотерапевт: семејна и системска психотерапија, гешталт терапија, трансакциона анализа.. од сите овие правци кои ги третираат овие прашања и кои се работат на нашето поднебје, може да пронајдете терапевт со кој ќе почнете да работите.

Доколку пак стоите пред проблем на семејно насилство – физичко, психички, сексуално, финансиско, исконтактирајте некои од институциите и здруженијата кои може да ви дадат помош, поддршка и насоки на делување:

Фактори кои треба да се земат предвид при разделбата

Вие сте првиот учител на вашето дете. Тоа важи и за однесувањето и постапувањето во рамки на врските и комуникацијата со другите. Тие учат за тоа какви се врските и што да очекуваат од нив, гледајќи ве вас.

Ако детето е сведок на чести конфликти и насилство, ќе смета дека така се комницира во врска и дека одговорот за проблемите, стресот и конфликтите е насилство (насилството се нормализира). Ако мајката ги игнорира своите деца, тие ја примаат пораката дека тоа е природно и тоа го заслужуваат, и во иднина би толерирале партнер/ка кој/а која ги игнорира нивните потреби или самите би биле таков родител, учејќи од таков модел.

Ако нема комуникација меѓу партнерите, ниту отворени конфликти, правејќи ја атмосферата тензична, токсична и непријатна, тоа исто така е нездрава средина за живеење на децата. Децата многу брзо учат и ги преземаат однесувањата од родителите без селекција дали тоа е здраво или нездраво. Комуникацијата е клучниот елемент за било која врска – добра или лоша.

Ако родителите остануваат заедно заради децата, тие може да развијат чувство на вина. Во почеток може да се чувствуваат непријатно поради тоа што нивните родители не се среќни заедно, но штом сфатат дека остануваат заедно заради нив, ќе се јави чувство на вина. Никој не сака да биде одговорен за нечија несреќа.

Децата знаат и чувствуваат кога родителите не се среќни, не се сакаат, а домот не е пријатно место и атмосфера за живеење. Можеби не се когнитивно зрели за да направат проценка зошто е тоа така, кој и каква одговорност носи, дали и како може да биде поинаку.. но секогаш чувствуваат кога нешто не е во ред, и тоа најчесто, за жал, го припишуваат на себе си.

Иако никој не сонува за развод и да биде одделен од децата, сепак децата подобро би се чувствувле во атмосфера со родител кој ги сака, исполнет е и среќен, отколку во семејна заедница  каде како да се наоѓаат во еден постојан облак од непријатност, молк или агресија. Така што, откако родителите одговориле на прашањето дали вреди и сакаат да работат на својата релација, треба да бидат свесни дека – да не се остане заедно заради децата, може да биде подобро отколку да се остане заедно заради децата. Исто така, потребно е родителите постојано да имаат предвид дека ако одлучат да се разделат, тоа не значи прекинување и од улогата на родител и одговорноста да бидат свесни, посветени, грижливи и одговорни родители. Грижата и љубовта за децата во никој случај не треба да престане без разлика на партнерскиот однос.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.