Дали поставувате превисоки очекувања од себе

Високите очекувања и барања од себе, најчесто се засноваат на крути правила и верувања за тоа како ние и другите луѓе треба да се однесуваме. Притоа уверени сме во тоа дека тие верувања и правила се апсолутни вистини, иако всушност не се.

Поставување високи оекувања од себе

Примери за некои од најчестите вакви барања и очекувања од себе:

  • Морам да бидам способен/а да пронајдам брзо решение за секој проблем.
  • Никогаш не смеам да се чувствувам лошо. Секогаш мора да сум среќен/на и задоволна…
  • Секогаш морам да бидам целосно дарежлив/а, внимателен/а, достоинствен/а, храбар/а и несебичен/а.
  • Морам да бидам совршена љубовница, пријателка, мајка, наставничка…
  • Не смеам никогаш да бидам уморна и болна.
  • Не смеам никогаш да направам грешка.
  • Не смеам никогаш да бидам лута или љубоморна.
  • Не смеам да се забавувам и да се одмарам сè додека не сум целосно спремен/а за испитот.

Со вакa поставени барања, секогаш кога личноста ќе се однесува спротивно на нив, и се чини дека прави нешто лошо и се чувствува виновно. Но, ретко кои луѓе го преиспитуваат своите уверувања и се запрашуваат: „Дали навистина морам да се чувствувам така? Што ќе се случи доколку не се однесувам така?“

Поголемиот дел од овие верувања и правила се научени во детството – од родителите, а подоцна и од наставниците и други авторитети. Како деца, навистина не сме можеле многу да избираме и во главно сме морале да ги слушаме родителите и наставниците. Но, во возрасниот период – изборот е наш. Не би требало да правиме нешта само за да ја избегнеме вината.

Секако, во животот имаме и обврски. Постојат причини зошто мораме да правиме некои работи, а други не. Но, кога си кажуваме на себе дека треба да направиме нешто така што би постигнале позитивни последици или избегнеме негативни – тоа не се грешки во мислењето, туку рационално заклучување. Но, доколку правиме нешто само затоа што чувствуваме дека мораме или требаме – често се работи за погрешно размислување.

Што можеме да сториме?

Првиот чекор во борбата против овие грешки е да си го поставиме прашањето на себе си: „Зошто мора или треба да се направи нешто?“ Кои позитивни последици ќе ги постигнеме со тоа, а кои негативни ќе ги избегнеме? Ако можете да смислите рационална причина, тогаш сте на добар пат. Ако не можете – многу е веројатно тоа да правите на автоматски и погрешен начин во размислувањето.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.