Дали претеравме со романтизирање на болестите во името на толеранцијата на различностите

Дали почнавме премногу да ги романтизираме болестите и дури и вредности и избори кои не водат кон развој, сè во името на толеранција и глорификација на различностите?

Како психолог се трудам да ги пратам „трендовите за ширење на свесноста“ и самата сум борец за истото, но се прашувам, во целата приказна дали почнавме да  правиме карикатура од истото, губејќи ја границата меѓу здравјето и болеста или корисното и штетното.

Дали ја претеравме со романизирањето на болестите во името на прифаќањето и толеранцијата на различностите?До сега, човештвото, многупати докажало дека поставувањето здрава граница меѓу крајности (а особено одржување на исата) ни е слаба точка. Како да сме во еден магичен круг на одново и одново влегување од крајност во крајност.

Показатели за истото постојат на секој чекор, но ќе издвојам еден. Пред извесно време наидов на содржина на интернет каде во еден уметничко – филозофски дух се „слави“ кршењето на стандардите за убавина и општествените норми за сексуалната привлечност. Во случајот се работеше за филм и фотографии каде експлицитно е прикажана голотијата и убавината на еротичноста, во случајов меѓу предебела жена и маж, кој пак, се вклопува во овие, општествениве стандарди за убавина. Е сега, се наметнуваат прашањата – дали треба луѓето да се дискриминираат поради дебелина и надворешен изглед? Секако дека не! Дали треба на било каков начин луѓето да си го одземаат правото на сексуалност и уживање поради конвенцинално неатрактивен надворешен изглед? Апсолутно не! Зошто одговорот е „не“ е повеќе од јасно. Но, дали треба истите да се наметнуваат како нови стандарди?

Идејата е во тоа дека ние не треба да плукаме по воспставените општествени стандарди зошто така е сега модерно и ќе си мислиме и ќе се рекламираме себе си како свесни и совесни, туку да го ставиме прстот на чело и да размислиме зошто воопшто човештвото ги воспоставило овие стандарди на таков начин. Од што всушност се родиле стандардите и нормите и што од тоа е оправдано кај нив, а што не е и треба да се отфрли?

Во конкретниов случај, зад стандардите за убавина стои човековата биолошка програма за репродукција. Зад стандардите за тоа што е сексуално привлечно стои можноста и способноста за размножување. И сето тоа е многу нормално и треба да постои. Природната селекција, сакале ние или не постои, а кога не би постоела, веројатно не би постоеле ни ние како вид. Кога ќе здогледа жена со нормална тежина, висина, облини… мажот добива информација дека таа е здрава и спремна физички за оплодување. Дебелината, исто така, не е здрава и е поврзана со многу проблеми со здравјето, тука барем располагаме со доволно информации.

Ова не е научна фантастика, филозофија, дискриминација и политика, ова е биологија која е оправдана, и има смисла како на индивидуално, така и на ниво на вид!  Дали тоа значи дека треба да се повикуваме на отфрлање и дискриминација на лицата со прекумерна тежина (или која и да е некомпатибилност со привлечноста во конвенционална смисла)? Дека треба да ги понижуваме, исмеваме или на било кој начин дискредитираме како личности? Апсолутно не! Но, со глорифицирањето на дебелината за инает на стандардите кои не се вклопуваат со нас, што всушност правиме? Само стануваме карикатура на толку, несомнено значајната потреба да се толерираат и прифаќаат различностите.

Иако звучи драматично, ова како да прераснува во еден вид перверзија. Зошто перверзија? Затоа што се злоупотребува и искористува на еден валкан начин толеранцијата на различностите и недискриминацијата.

Истото, за жал се случува и на темата ментално здравје. Ние луѓето како никогаш да не научивме како да им приоѓаме на овие теми – болести, страдање, болка, отстапување од вообичаеното… Или им пристапуваме со фобија, не прифаќање и осудување, или пак сега ќе ги славиме, романтизираме и воспеваме…

Ваквата тенденција, исто така, има ризични импликации врз оние кои налетуваат на ваквите информации и гледишта, а се сè уште во процес на развој и созревање. Кога еден тинејџер би го прифатил безрезервно ова глорифицирање на болестите, можеби ќе добие зелено светло во врска со самоповредувањето и сл., без притоа  да побара совет и помош од возрасни или професионалци, што би водело директно кон усложнување и влошување на состојбата.

Разбирањето, прифаќањето на различностите и состојбите (во контекст на здравје, болест) не значи и да ја „славиме“ болеста. Тоа значи да разбереме дека секоја индивидуа се разликува една од друга и дека секој трга од различна појдовна точка и има различен пат до самоактуелизацијата. Значи и да не го тргаме погледот од последиците на нашите избори и делувања. Реалтивизацијата на нормалното, не значи и бескрајна релативизација на вредностите, состојбите и последиците од однесувањето. За здраво поставување граници и критерииуми потребно е активно да ги вклучиме умот и срцето и да ги преиспитуваме воспоставните внатрешните и надворешните критериуми. Можеби ќе е потребно повторно да ги изградиме или постојано коригираме. Овој процес не е лесен, секако. И бара постојана интер и интроспекција, бара енергија и посветеност. Но, без вложување, на ниту едно поле не би добивале резултати. Без тоа, не би имале ни осмислено и исполнето живеење и квалитетен контакт со себе и околината.

Да се потрудиме ширењето на свесноста и разбирањето да ги заменат осудувањето или пак претерувањето во било која крајност, макар и навидум „позитивната“.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.