Дали сме одговорни за своите емоции?

Не е мал бројот на оние кои веруваат дека нивните емоциите ги предизвикуваат другите луѓе, а не тие самите, со својот внатрешен говор. Оваа грешка се јавува двојно: веруваме дека ние сме причината за туѓите емоции и дека другите луѓе се причината за нашите емоции.

Нашите емоции не се предизвикани од другите луѓе

Какви последици има ова ирационално верување?

Доколку ние веруваме дека сме причина за туѓите емоции, стануваме премногу претпазливи во односите со другите бидејќи не сакаме да ги повредиме. Еве неколку секојдневни примери:

– Пријателите ве повикале на вечера. Уморни сте, нерасположени и повеќе би сакале да ја поминете вечерта во кревет гледајќи ТВ. Сепак, одлучувате да одите со пријателите за да не ви се налутат.

– Вашиот пријател секогаш кога разговарате не ви дава да дојдете до збор. Вие сепак не му го кажувате тоа за да не го повредите.

– Пријателката преку телефон веќе саат време ви зборува за своите најнови љубовни јадови. Вие не прекинувате со разговорот, иако веќе доцните на работа.

Секако, ова не значи дека вашето однесување нема никакво влијание врз другите луѓе. Некои видови однесувања ќе предизвикаат позитивни реакции, други негативни. На пример, подобро е на соседот да му кажете да ја намали музиката, отколку да му викате. Ниту значи дека можете да поминувате низ животот однесувајќи се како што ќе ви дојде во моментот, без оглед на другите, бидејќи „и така не сме ние одговорни за туѓите емоции“. Често во животот правиме нештa што баш и не ни одговараат, ако процениме дека тоа ќе ни помогне во односите со другите, или ако со тоа и помогнеме на друга личност.

Она за што станува збор е дека е претерано да се тврди дека ние ги предизвикуваме туѓите емоции. Поточно би било да се каже дека другите луѓе одговараат на нашето однесување со своите емоции. Тие го интерпретираат нашето однесување и реагираат на чувствата зависно од својата интерпретација на нашето однесување. Така на пример за една личност отстапувањето место во автобус е знак за пристојност и добра волја, додека за друга е знак дека изгледа старо и немоќно.

Ние можеме да влијаеме на сопственото однесување, но вообичаено не можеме многу да влијаеме на тоа како другата личност ќе го интерпретира истото и која емоција ќе следи од таквата интерпретација.

Преземањето одговорност за туѓите чувства може да има неколку негативни последици:

Ако постојано се грижиме да не ги повредиме другите и сакаме да ги задоволиме, тогаш ретко кога ќе ги задоволиме своите потреби. Ако пријателот со кој разговарате доминира и вие не можете да дојдете до збор и тоа никогаш не го кажете за да не го повредите – по некое време ќе бидете малку задоволни кога ќе се сретнете, бидејќи нормално е и вие да сакате да споделувате во разговорот. Во тој случај тој сигурно нема да го промени своето однесување, а и зошто би го направил тоа кога нема претстава дека тоа вам ви пречи.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.