Дали зависноста се развива поради задоволство?

Задоволството отсекогаш погрешно се поврзувало со зависноста. Тоа потекнува од таму што честите форми на зависност како злоупотребата на алкохол, дроги, коцкање, зависност од секс… даваат задовоство во исвесна смисла. Ваквата навидум поврзаност, историски ги водело луѓето кон заклучокот дека секој човек страсно „навлечен“ на алкохол, дрога итн., всушност е во потрага по што поголемо задоволство. На тој начин се формирало и верувањето дека зависниците се неморални хедонисти, луѓе кои бараат задоволство без разлика на цената во однос на нивната иднина како и луѓето околу нив. Секако, ова се само стереотипи и искривени верувања кои даваат погрешна слика за зависноста како состојба како и за лицата кои страдаат од зависност.

Дали задоволството е причината за развој на зависност?

Зависноста не се раѓа од задоволството, иако дури и некои од луѓето кои страдаат од зависност веруваат во тоа. Така на пример, на многу луѓе им се допаѓа вкусот и влијанието на алкохолот, сепак многу од нив не се зависни. Уште повеќе, доколку вкусот и ефектот од алкохолот би била причината за алкохолизам, повеќето од нас би биле алкохоличари, бидејќи голем процент од луѓето сакаат да пијат алкохол. Желбата за вкусување и уживање во алкохолот, не може да биде објаснување и директна причина за алкохолизмот. Така што, доколку некој повремено пие алкохол само затоа што ужива во тоа, не го прави во исто време и алкохоличар. Истото важи и за други облици на зависност во однесувањето.

Постојат и други објаснувања зошто уживањето во алкохолот не е причината која го објаснува развојот на зависноста. Повторно земајќи го алкохолот за пример, доколку само уживањето е причина за алкохолизирање кај лицата зависни од алкохол, тогаш тие би го контролирале пиењето од моментот кога тоа ќе почне да им создава проблеми (здравствени или во однесувањето), исто како што би прекинале со јадење или би го контролирале јадењето слатки доколку докторот им каже дека имаат дијабетес. На крајот, луѓето со проблем на зависност покажуваат поголеми деструктивни тенденции од било кои други. Тие може својот живот да го уништуваат со зависноста, но во други области може да бидат исто така разумни, внимателни и грижливи како и луѓето кои не се соочуваат со ваков проблем. Сепак, и покрај тоа може да не престануваат или да не го контролираат своето однесување. Јасно е дека станува збор за нешто поинакво и подлабоко од самото задоволство како мотиватор.

Тенденцијата да се повторува одредено однесување е всушност сосем поразлично од потрагата по задоволство. Потребата која стои зад зависностите е поврзана со еволуционата нормална потреба да се излезе од „стапицата“, да се излезе од чувството на беспомошност. Ова објаснува зошто луѓето кои страдаат од зависност продолжуваат со однесуваето кое ја зајкнува зависноста и покрај штета врз себе или другите. Од емоционален аспект, тие реагираат на многу поважна потреба отколку загриженоста за долготрајните ризици како последица од однесувањето.

Зависност всушност не е ништо повеќе или помалку од еден многу чест начин за справување со чувствата на неподнослива немоќ. Кога механизмите за справување не функционираат добро, ги нарекуваме симптоми. Зависноста не е ништо повеќе или помалку од психолошки симптом, начин на справување со тешки емоционални состојби, како и други симптоми кои сите ние ги имаме. Зависноста не се развива од самата потреба да се биде „стониран“, да се ужива, или било која друга форма на задоволство. На зависноста може да се гледа и како на (свесни или несвесни) автодеструктивни тенденци –  да се уништат, утапат во себе или заменат чувствата на безнадежност и немоќ со нешто друго (супститут). Затоа, зависноста е сериозна состојба која бара посветен и долготраен третман од стрна на професионалци, како и континуирана поддршка и грижа од стрна на ближните.

Ваквото разбирање помага да прекинеме со несоодветниот презир насочен кон лицата кои страдаат од зависност, како и несоодветниот презир кој лицата кои страдаат од зависност го насочуваат кон себе.



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *