Депресија: разлики меѓу жени и мажи

Депресијата е една од најтешките состојби во рамки на менталното здравје со кои може да се соочиме и справуваме. Ова може да се должи и на живеењето со состојба на депресија без да се дијагностицира и третира, што не е редок случај. Многу луѓе кои страдаат од депресија не веруваат дека нивната состојба може да биде препознаена и да биде подобрена со помош и грижа. Иако секој може да влезе во состојба на депресија без разлика на полот, постојат некои значајни разлики меѓу мажите и жените во однос на оваа состојба.

Жените имаат два пати поголем ризик да развијат депресија во текот на животот, за разлика од мажите. Разбирањето како да ги препoзнаете симптомите на депресија е значајно за вас и за луѓето кои ги сакате.

Карактеристики на депресија

Значајно е да се знае дека депресијата е многу повеќе од чувство на тага. Личност која изгубила пријателство може да се чувствува тажно и да минува низ процес на справување со загуба. Повеќето, минуваат низ одредени фази, и потоа продолжуваат со животот во нивното вообичаено расположение. Но некои луѓе, се соочуваа со лична состојба каде не ги надминуваат длабоките чувства на депресивно расположение и нарушување на психичките функции во рамки на нормалното, секојдневно живеење. Може да станува збор за клиничка депресија која ја карактеризира многу повеќе од привремени фази и промени во расположението заедно со падовите во животот и може да биде многу сериозна.

Симптоми на депресија кои се заеднички за жените и мажите

  • Долготрајни чувства на безнадежност и очај
  • Недостаток на интерес за активности во кои претходно сте наоѓале задоволство
  • Нарушување на вниманието
  • Нарушувања во сонот и исхраната
  • Неможност да се спроведуваат вообичаените секојдневни обврски и активности

Ова не се единствените начини на кои се манифестира депресијата, но се подеднакво вообичаени помеѓу мажите и жените.

Депресија кај жените

Кога станува збор за жените, постојат дополнителни аспекти во однос на депресијата кои се присутни. Жените имаат поголема тенденција да ги изразуваат емоциите, некогаш на начин како често плачење без посебно јасна причина, губење на самодовербата и голема несигурност. Постои, исто така, поголема преваленца на нарушувања во исхраната. Иако кај мажите се случуваат промени во исхраната, кај жените е поспецифично да пројавуваат проблем со прејадување (емоционално јадење), отколку да намалат со исхраната.

Жените исто така може да пројавуваат во поголема мера негативен внатрешен говор насочен кон себе си и да чувствуваат вина поради своите проблеми и проблемите на луѓето околу нив.

Проблемот со овие карактеристики на состојбата е што ја влошуваат депресијата. Доколку постојано си повторувате дека вие сте проблемот, се прејадувате и имате негативен внатрешен говор, чувствата на преплавеност и безнадежност растат и состојбата на депресија се влошува.

Депресија кај мажите

Кај мажите постои послаба тенденција да ги изразуваат отворено чувствата кои се поврзани со тагата. Тагата почесто ја изразуваат преку однесување кое е ризично.

За мажите е многу поспецифично да развијат проблеми со чувството бес и контрола на бесот. Не е невообичаено за мажи кои се насилни, да страдаат од депресија. Ова секако не го оправдува насилното однесување, но би било тешко да се надмине се додека не се работи на позадината на проблемот.

Исто така, чест е случајот мажите со депресија да развојат завиност од супстанции, како обид да се справат со емоционалната болка. Зависноста само ја маскира вистинската состојбат и во исто време ја влошува.

Како што постојат различни аспекти на депресијата кај мажите и жените, така, постојат и различни тригери (болни точки-поттикнувачи) меѓу половите.  Главниот, најчест тригер за двата пола е голема животна промена како – крај на врска, здравствена промена, загуба на блиска личност, раѓање на дете итн.

Ако вие или ваша блиска личност доживеала значаен трауматичен пресврт или некоја битна промена во животот и се пронајдовте во дел од претходните описи, ви препорачуваме да побарате професионална поддршка. Депресијата често се случува меѓу луѓето да не е дијагностицирана и третирана, а тоа ги влошува последиците од состојбата. Постојат многу центри за ментално здравје кои може да ви понудат помош, така што, охрабрете се и исконтактирајте некој од нив.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.