Носење добри одлуки во тешки времиња

Како знаете на што да се посветите во животот или какви одлуки да донесете? Каква работа, пријатели, партнер/ка, патување или задолженија ќе одберете? Постојат многу опции. Како знаете дека сте ја направиле вистинската одлука? И што всушност значи „вистинска“ одлука?

Никој не сака да биде е збунет, да прави грешки и да се соочува со непријатностите кои се резултат на направените одлуки. Сепак, за жал или за среќа, секојдневно се соочуваме со многу одлуки кои може различно да влијаат врз нашиот живот.

Носење добри одлуки во тешки времиња

Соочени со повеќе опции, во процесот на носење одлуки, лесно може да си создадеме чувства на емоционална „преплавеност“ и конфузија. Чувството на конфузија, често води кон стагнација поради неодлучноста. Дури и свесните, интелигентни и самомотивирани луѓе може да бидат толку исплашени дека ќе направат погрешна одлука, што се заштитуваат со не донесување никаква одлука. Но, кога не правите никаква одлука, нема прогрес. Вашите одлуки го создаваат патот и движењето во вашиот живот.

Без одлуки, нема развој.

Ако е така, тогаш што да правиме кога се соочуваме со носење одлуки? Што да направите за да донесете одлука, прочистена од конфузија, страв и анксиозност?

Фокус на сегашниот момент

Стравот кој извира од фокусот на можната иднина доколку се направи одлуката, не е здрав приод (тука не станува збор за не стремење кон иднината која ја посакуваме, туку за катастрофичните сценарија и очекувања кои често не парализираат). Наместо тоа, фокусирајте се на сегашноста и како таа одлука ќе се одрази во сегашниот монент. Вашата моментална реалност е сè што постои и сè што ви е потребно. Дајте го најдоброто од себе во склад со тоа што го чувствувате и направете ја најдобрата одлука што можете да ја направите, во согласност со она што сметате дека е исправно.

Ендек на минатото

Минатото е добар показател за тоа што да очекувате и што може да се случи. Сепак, не секогаш постои значајна поврзаност  на сегашноста со минатото и не е продуктивно опсесивно да ја барате истата. Гледањето на секоја одлука која ја правите со очи прочистени и ослободени од минатите искуства е поздрав и пореалистичен пристап. Да се биде свесен да не се носи минатото во моменталните ситуации е попозитивен пристап во животот. Живеење во „тоа што беше“ или „што може да биде“ несомнено го оневозможува живеењето во сегашниот момент.

Повлекување

Доколку можете, апстрахирајте се од ситуацијата. Обидете се да се фокусирате на нешто сосем друго. Добро наспијте се. Забавувајте се. Одете на некое патување. Кога сте неодлучни кој потег да го направите, дозволете си да излезете од процесот на носење одлука бидејќи, парадоксално, тоа може да ви помогне да погледнете појасно на ситуацијата и да донесете правилна одлука. Некои луѓе ги прават најзначајните одлуки во животот после патувања. Заминуваат конфузни, несигурни и вознемирени. На магичен начин, за време на патувањето или откако ќе се вратат, точно знаат што сакаат да направат.

Нешто поголемо и позначајно од самата ситуација

Секако дека е полесно да се каже отколку да се стори, но обидете се да не си создавате преголем притисок да разберете и склопите сè. Да, имате опции и одлуки кои треба да ги направите, но постојат и други фактори кои може да ве афектираат и се надвор од вашата контрола. Тие може да се согледаат во некои коинциденции, пропуштени летови, иронични случки итн. Понекогаш ситуации, можности и луѓе се појавуваат во нашите животи без наш труд или удел. Тоа не значи да се прогласите за неодговорни за она што ви се случува во животот (секако дека имате свој удел и тој е многу значаен), туку да разберете дека не сè зависи 100 % од вас. Сликата е поголема од она што само вие го согледувате. Кога давате сè од себе да го живеете животот кој го сакате, ваквите синхронични случувања се јавуваат многу почесто.

Многу малку одлуки се апсолутни и малку нешта се постојани

Кога носиме одлуки, лесно е да се заглавиме во идејата за постојаноста на сето со што се соочуваме или за тоа што одлучуваме. Но, вистината е дека многу малку нешта се постојани. Многу избори може да се ревидираат и да се менуваат попатно. На пример, доколку се преселите во друг град и не е тоа што сте го очекувале, можете да се преселите повторно, барајќи нешто подобро. Доколку сте се состанувале со личност која не е тоа што првично сте мислеле и ве привлекло, разделете се и побарајте посоодветна личност за вас. Доколку сте започнале кариера која не ве прави среќни, размислете, направете план и обидете се со нешто друго што повеќе ве исполнува.

Ваквите процеси не се лесни, за разлика од зборовите кои ги опишуваат. Но, поентата е дека не се невозможни, а плодовите од нив се многу вредни. Луѓето секојдневно се соочуваат со големи промени и повторно преживуваат.

Многу често, кога стекнувате самодоверба и верба да скокнете во непознатото, прекрасни нешта ве чекаат откако ќе истапите. Секако има случаи кај личности кои излегле од некоја ситуација и жалат. Но, многу често, не станува збор за само еден избор со кој ќе стекнете нешто или кој ќе ве „скрши“. Изборите, најчесто се мали. Вие ја имате слободата да правите многу избори во текот на денот. Еден позитивен избор, го следи друг и тоа ве носи во позитивна насока. Со практикување носење одлуки со мали избори, утврдувате позитивен пат. Ова ја намалува конфузијата која ја создавате кога носите одлуки и ви дава контрола да го одберете најдоброто решение кое го имате во моментот. Откако ќе го направите тој чекор, може да се опуштите и да дозволите животот да ви го покаже патот. Вашата свесност за тоа кој и што е околу вас ќе ви помогне во донесувањето одлуки.



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *