Едноставени навики за одржување на менталното здравје

Сите ние, повремено, сме жртви на динамичниот живот. Жонглирајќи со десетици обврски, често носиме неколку шапки наеднаш. Покрај своите професионални ангажмани, распоредот ни е полн и со многу останати активности.
Исполнувајќи работа која во минатото била фокус на неколку различни професии, ние денес сме домаќини, шофери, уредници на содржини на социјалните мрежи, бирократи и мајстори. Се чини дека листата на обврски постојано расте, а улогите кои ги играме немаат крај.
Сето ова, несомнено, влијае врз нарушување на животниот баланс. Менталното здравје пак, чии постулати зависат од таквиот баланс, најчесто страда. Неговото одржување бара посветеност и коинзистентност на долг рок, што ја наметнува потребата од здрави навики.

Многу од психолошките проблеми се всушност проблеми поврзани со живеењето

Томас Саз, популарен критичар на психолошката пракса, во раните шеесетти години од изминатиот век ја пишува книгата “Митот на менталната болест”. Во неа, користејќи прилично силни аргументи, се обидува да каже дека повеќето луѓе немаат психолошки проблеми, тука имаат проблеми поврзани со живеењето.
Ова го подржува и познатиот психолог Џордан Питерсон, кој вели дека низ својата долгогодишна пракса често се наоѓа во позиција да ги советува своите клиенти како да живеат.
Поставувајќи параметри околу нивниот живот, вели тој, доаѓам до истиот заклучок за кој говори Томас Саз.
Бихевиористите, исто така, често гледаат решение во здравите навики. Да се автоматизира тој процес, сметаат многумина од нив, значи да се води балансиран живот кој го зајакнува менталното здравје.

Одржливи навики кои се неопходни за балансиран живот

Постои низа на навики за кои повеќето од нас имаат потреба, а кои позитивно влијаат врз одржување на менталното здравје. Па така, интегрирање на неколку од овие здрави навики во нашето секојдневие може значително да придонесе кон балансиран и среќен живот.
Иако листата е скромна на број, постои потреба од компромис – да се интегрираат сите наеднаш е често невозможно, и таквиот обид би донел дополнителни турбуленции и поголеми предизвици.
Наместо тоа, изберете ги само оние кои лесно би се вклопиле во вашето секојдневие, и зацврстете ги со постојано повторување. Ајде да видиме за што станува збор.

Рутина
Никој не може да функционира без рутина, вели Џордан Питерсон. “…таа поставува рамка без која е невозможно да останете ментално здрави. Секој човек, без разлика на тоа каде се наоѓа во својот живот, има потреба од рутина. Истата може да се менува со време, но таквите промени се најчесто мали и растегнати низ одреден временски период.”

Регулиран циркадиски ритам
Времето на будење е од особена важност, бидејќи истото влијае врз 24-часовниот циклус на телесните активности познат како циркадиски ритам. Според Питерсон, неопходно е да се задржи исто време на будење како низ работната недела, така и низ викендот. Како важен дел од секојдневната рутина, треба да посветиме доволно енергија за да остане непроменето.

Физичка активност
Физичката активност регулира голем број на хормонални процеси кои се одвиваат во телото. Потикнувајќи лачење на ендорфин, серотонин, и допамин, физичката активност ќе ви помогне да искусите повеќе позитивни емоции, и подобро да ги регулирате негативните.
Но за оние од нас кои немаат навика да спортуваат или активно да се бават со некаков тип на вежби, да се започне е навистина тешко. Затоа, време е да се донесе паметна одлука и да се автоматизира целиот процес. Купете членство во некаков фитнес клуб, договорете се со некои од вашите пријатели да се среќавате почесто во природа, или пак станете претплатник на еден од дигиталните фитнес сервиси како што е Beachbody on Demand. Постојат и низа на бесплатни апликации кои ќе ве поттикнат да се движите повеќе, мерејќи го бројот на чекори во текот на денот, или пак покажувајќи ви низа на фитнес вежби.

Креативен и продуктивен аутлет
Еволуирани да создаваме и твориме, понекогаш сме жртви на бесцелно секојдневие. Ова најчесто можете да го забележите кај луѓето во години, кои после моментот на пензионирање влегуваат во еден период на блага депресија. Кога денот нема особена смисла, и кога умот и телото не се поттикнати да изнаоѓаат решение на зададени проблеми, еланот за живот несомнено се намалува.
Креативноста, љубопитноста и интелектот бараат предизвик, па така животот може да делува празен и досаден доколку немаме нешто кое ни го окупира вниманието. За таа цел, макар и доколку немате секојдневни професионални обврски, најдете нешто со кое ќе ви минува времето. Како што напоменавме претходно, добро би било да изградите рутина околу оваа активност, и да се придржувате на долг рок.

Социјална активност
Поимајќи се себеси во релација со луѓето околу нас имаме несомнено голема потреба од социјална активност. Добивањето одреден статус ни помага да ги регулираме позитивните и негативните емоции, а пак единствениот начин на кој можеме да се движиме низ социјалната хиерархија е да останеме социјално активни.

Сонце и воздух
Поминувајќи време на отворено, телото се снабдува со кислород и потребните витамини. Но причината за минување време на отворено е подлабока – еволуциски, нашиот ум има потреба од слободата поврзана со отворени пространства, видливо небо, свеж воздух и топла сончева светлина.
Запоставувајќи ја оваа потреба, менталното здравје често се влошува, изложувајќи ве на промени во расположението како и намалена способност да се регулираат негативните емоции.

Здрава и редовна исхрана
Џордан Питерсон вели дека многу од нашите проблеми се темелат на тривијални процеси. Но многумина од нас не сакаат да признаат дека ова е така, вели тој.
“… Да се каже дека прескокнувањето на доручекот е причината за вашата раздразливост, на еден начин ја навредува комплексноста на вашиот проблем. Затоа, можеби, ни е тешко да прифатиме дека тривијални работи слични на ова се одговорни за промените во расположението. Често сакаме да се анализираме себеси, не гледајќи го слонот во собата”.
Многумина од неговите клиенти, на пример, го намалиле степенот на анксиозност со едноставни промени во исхраната. Редовниот и богат доручек, вели тој, е клучен дел од секојдневието.
Здрави масти, помалку јагленохидрати, избегнување на процесирана храна, доволно протеини и свеж зеленчук… Сето тоа е неопходно за одржување на процесите кои го регулираат вашето ментално здравје.

Љубов
Ставајќи ја љубовта долу на листата не е индикација за помала важност. Имајќи го тоа на ум, потребно е да вложиме многу енергија во негување на здрава врска каде што меѓусебно се грижиме за еден за друг, обострано давајќи и примајќи почит.
Важно е да се комуницира отворено, вели Џордан. Според него “моногамната врска е најдобрата средина за развивање на здрава сексуалност, како и задоволување на сексуалните нагони.”

Хумор
Смеата е најдобриот лек, па така хуморот е еден од рецептите за добро ментално здравје. Дружете се со луѓе кои знаат да изнудат насмевка на вашето лице, гледајте ја позитивната страна на светот, примајте шеги на своја сметка и појдете на кино или пак на театар, минувајќи време низ насмевка и смеа. Како што вели Питерсон, не се земајте себеси премногу сериозно.

Терапија
Спротивно на она што многу луѓе го мислат, терапијата не е создадена за болниот ум. Секој може да почувствува бенефит од безбедна и охрабрувачка средина каде себе-откривањето е најважната работа. Гледајќи ги своите грижи, дела и цели низ една поинаква перспектива товарот на модерниот живот станува полесен, а вие дефинитивно ќе се чувствувате во контрола на својот животен наратив.

 

Автор: Славко Дешиќ




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *