Егзистенцијална психотерапија

Егзистенцијалната терапија главно се фокусира на теми од човековото живеење како – слободна волја, самодетерминација и потрага по смисла, пристапувајќи и на личноста како целина, не фокусирајќи се доминантно кон симптомот.

Егзистенцијалната психотерапија има многу сличности со хуманистичката психологија, длабинска психотерапија и релациона психотерапија.

Егзистенционалната психотерапија често погрешно се интерпретира и доживува како таинствен, морбиден, песимистички, непрактичен, езотеричен тераписки пристап. Всушност, егзистенцијалната психотерапија користи позитивен пристап кој ги потенцира човечките капацитети и аспирации, додека ги осознава и прифаќа човековите ограничувања, сè во насока на развој на максималниот потенцијал на личноста.

Едни од главните идеи околу кои се развива овој пристап се:

  • Сите луѓе имаат капацитет за ширење на самосвесност
  • Секоја личност има единствен, неповторлив идентитет кој може да се осознае единствено во релацијата со другите луѓе.
  • Луѓето мораат постојано да се рекреираат, бидејќи животните смисли постојано се менуваат.
  • Анксиозноста е дел од човековата природа.

Историја на егзистенцијална психотерапија

Егзитенцијалната терапија се развила од филозофите како Фридрих Ниче и Сорен Киркегор. Како еден од првите егзистенционални филозофи, Киркегор теоретизирал дека човековото незадоволство може да се надмине само преку внатрешната мудрост. Подоцна, Ниче ја развива теоријата со воведување на идејата за слободната волја и личната одговорност. Во периодот околу 1900тата година, филозофи како Мартин Хајдегер и Жан-Пол Сартр почнуваат да ја истражуваат улогата и интерпретацијата на процесот на исцелување.

Ото Ранк бил меѓу првите егзистенцијални терапевти, а до средината на дваесеттиот век психолозите Паул Тилич и Роло Меј ја внесоа егзистенцијалната терапија „на пазарот“ на психолошките правци, преку нивните текстови и техники, како што стори и Ирвин Јалом по нив. Овој, сега веќе популарен пристап, започнал да влијае и на други теории, вклучувајќи ја хуманистичката психилогија и логотерапија, развиена од Виктор Франкл. Понатаму, други филозофи започнуваат да формираат здруженија за теорија и пракса на овој правец, значајни за натамошен развој на институции кои се занимаваат со оваа проблематика.

Основи на егзистенцијална психотерапија

Егзистенцијалната психотерапија се темели на финдаменталното верување дека секоја личност доживува внатрешни конфликти поради нејзината интеракција со одредени услови својствени за човековата егзистенција. Во главно, тие се:

  • Слобода, во релација со одговорноста
  • Смрт
  • Изолација
  • Бесмисленост

Соочувањето со било која од овие состојби, ја исполнува личноста со еден вид закана која води во состојба наречена егзистенцијална анксиозност. Оваа анксиозност ја стеснува човековата физичка, психичка, социјална и спиритуална свесност, што води и до долготрајни последици.

На пример, фактот дека секој од нас и сите од нашите сакани во еден момент ќе умрат, не знаејќи кога тоа ќе се случи, може да биде извор на длабока анксиозност. Игнорирањето на овој факт или преголемата насоченост кон него може да ја води личноста кон невроза.. Клучот според егзистенцијалните терапевти е да се постигне баланс меѓу – да се биде свесен за смртта, без да се биде преплавен од застрашувачката идеја за неа.

Како и смртта, и изолацијата и перципираната бесмисленост на животот и тежината од носење животни одлуки може да бидат извор за егзистенцијална анксиозност. Според егзистенцијалните терапевти, процесирањето на внатрепните конфлики поврзани со овие носечки животни теми, го детерминираат однесувањето на личноста и нејзиниот квалитет на живеење.

Кога се користи егзитенцијалната терапиja?

Егзистенцијалната терапија се препорачува за психолошки проблеми како што е злоупотребата на супстанци, што според егзистенционалниот пристап е резултат на инхибираната способност да се направи автентичен, значаен и самоопределен избор како да се живее. Интервенциите често целат кон самосвесност и саморазбирање. Егзистенцијалните психотерапевти се обидуваат да ги разберат и олеснат различните симптоми на клиентите како: анксиозност, апатија, повлекување, нихилизам, избегнување, срам, зависност, депресија, очај, вина, бес, гнев, огорченост, бесцелност, насилство… Тие, исто така се фокусираат на искуствата кои го подобруваат квалитетот на живеењето како што се односите, љубовта, грижата, посветеноста, храброста, креативноста, моќта, волјата, присуството, духовноста, индивидуалноста, самоактуелизацијата, автентичноста и трансцедентноста. Егзистенцијалната психотерапија вклучува учење на клиентот да расте и да го прифати и прегрне сопствениот живот на кој ќе му пристапува со чудесност и  љубопитност.

Тераписки процес

Егзистенционалните терапевти користат разни пристапи, но главните теми на кои се фокусираат се личната одговорност и слобода. Луѓето кои се подложени на оваа форма на терапија се водени да ги прифатат своите стравови и се работи на стекнување вештини за нивно надминување преку преземање активност.

Во текот на терапискиот процес, терапевтот може:

  • Да ги сподели своите слични искуства на клиентот.
  • Да му помогне на клиентот да ги изрази своите чувства во однос на неопходноста да избира и да носи одлуки во неизвесниот свет.
  • Да го предизвика клиентот да се соочи со начините на кои избегнува носење одлуки.
  • Да го сподели со клиентот сопственото искуство во врска со аспекти својствени за човековата егзистенција како на пример дека – во крај на линија се сами, мора да одлучуваат за себе, ќе доживуваат вознемиреност поради несигурноста во одлуките, ќе мора да се изборат да ја пронајдат својата смисла во свет кој се чини бесмислен.

Терапевтот може да ви помагне да најдете смисла во соочувањето со егзистенцијалната анксиозност преку изборот да се размислува и однесува одговорно и преку соочување со непријатните внатрешни содржини и конфликти наместо да се прибегнува кон надворешни сили.

Преку креативност, љубов и автентичност, клиентот е поттикнат да се движи кон развој и промена. Слично на тоа, кога клиентот страда од зависност или злоупотреба на супстанци (или пак било кои надворешни стимулации вклучувајќи ги и односите со луѓето), егзистенцијалниот терапевт во безбедна средина му помага на клиентот да се соочи со анксиозноста која не искушува за злоупотреба на супстанци и му помага да заземе лична одговорност. Целта е: Да научите да правите автентични одлуки за тоа како да се живее, преку лично осознавање, креативност и љубов, наместо да се дозволи надворешните влијанија да го детерминираат вашето однесување.



Психолог, Интегративен и Гешталт советник.
Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“.
Области на интерес и делување: Психолошко советување, Психотерапија и Човечки ресурси.
Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење.
Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *