Емпатија или панаѓур: Парадоксот на емпатијата како тренд

Во последно време на задоволство на хуманистите сè повеќе се актуелизира темата за значајноста на емпатијата во човековото живеење (на индивидуално, меѓучовечко и општествено ниво). Дури, на некој начин прераснува во еден вид тренд, тренд за подигнување на свесноста за стилот на живеење во психолошка и етичка смисла, како и за последиците од истото. Тоа зборува дека како што постои еволуција во другите сфери на живеење, така постои еволуција и во смисла на душевен, духовен и морален развој на човекот (иако ова е комплексна тема и може да се разгледува од повеќе и различни аспекти).

Емпатија или панаѓур: Парадоксот на емпатијата како тренд

Денес ваквиот феномен може забележи и е особено видлив  во содржините на интернет страните и социјалните мрежи каде на „секој чекор“ се споделуваат информации за потреба од давање помош, „постови“ кои повикуваат на сочувство, разбирање, толеранција на различности итн., а кои пропратно го истакнуваат и моралниот квалитет на човекот кој ги споделува (барем со такво чувство се здобива).

Мораме да признаеме дека за разлика од многуте други трендови кои во голем дел не ја водат индивидуата кон повисок квалитет на живеење, интегрираност и развој на квалитетот на односите со другите, за овој не можеме да го кажеме истото (барем не од прв поглед).

Сепак, ако се обидеме да му се приближиме и разгледаме од близу, можеме да видиме различни аспекти, како добри, така и помалку добри.

Во позитивна смисла, „трендот емпатија“ ни ја шири свесноста за себе, за другиот, за разбирањето, за градењето односи преку сочусвото, љубовта кон ближниот, потребата за давање помош итн. И навистина, има ли нешто побитно за зголемување на задоволството и смислата од живеењето од развивањето на овие квалитети кај човекот?

Сепак, истиот како да има и една друга страна. Имено, како негативност произлегува тоа што како на некој начин да се навлекуваме на овие информации со морален квалитет, но трагедијата е што нивната сеприсутност, истовремено не води и кон промени и во нашето однесување. Напротив, како да има спротивен ефект! Со самото тоа што што ја одбираме како содржина, „лајкаме“, споделуваме сочувство или евтини, инстант мудрости за живеењето, во секојдневното живеење и практикување ние се оддалечуваме од истите.

Зошто е тоа така?

Новите психолошки истржувања даваат одговор на ова прашање: Тоа се случува бидејќи преку одбирање, споделување или „лајкање“ на самата информација (со морален квалитет), ние на некој начин ја задоволуваме, смируваме нашата совест или импулс на нашата потреба за личен развој. Уште повеќе, ние ја дуеме нашата општа и морална слика за себе како тоа сме „добри“, свесни и совесни луѓе. Ова се случува и на свесно и на несвесно ниво. Се лажеме самите себе, се лажеме и меѓу себе…

Како и да е, ова не значи дека ние не треба да ги актуелизираме темата и потребата за поголем степен на емпатија во нашето живеење. Напротив, само да се предупреди за некои некорисни начини на притап кон оваа зачајна тема и нус ефекти од истото.

Поентата на овој текст не е да „исплука“ и да направи карикатура од ваквиот феномен кај луѓето, туку да го постави во фокус, да го осветли и разгледа од близу и да се обиде да даде одговор на некои прашања. Ова би ни помогнало да ја прошириме свесноста за емпатијата, за тоа на кој начин да се пристапува кон неа и што да се избегнува, бидејќи несомнено Емпатијата е од големо значење квалитетот на нашето живеење и за растот на нашето чувство за смисла и задоволство од животот.



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *