Гешталт психотерапија: Основи и Принципи

За гешталт психотерапијата може да се каже дека е хуманистичка, холистичка, феноменолошка – егзистенцијалистичка, дијалошко процесно ориентирана терапија. Нејзините зачетоци датираат од раните 40-ти години на 20-ти век, а за татко на гешталт терапијата се смета познатиот германски психијатар Фриц Перлс.

Гешталт психотерапија

Како и за најголемиот дел тераписки правци врз гешталт психотерапијата значајно влијание имала психоанализата, а понатаму се надоврзуваат и гешталт психологијата, феноменолошката и егзистенционалистичката филозофија, организмичката теорија, теоријата на полето, Буберовата филозофија и биоенергетиката и филозофијата на истокот. Од сето ова, видливa e еклектиката во пристапот кон човекот, како една од принципите кои ја издвојува меѓу другите правци.

„Гешталт“ е германски збор кој значи облик, образец, форма, конфигурација. Една од основните поставки на гешталт терапијата е човекот да се гледа како интегрирана целина која има потенцијал за развој и може да се сфати како функција на делови од кој е составена. Јасно е влијанието на концептот целовитост и холистички пристап во чија основа се наведува дека целината е многу повеќе од самиот збир на поединечните делови и дека се сите делови во меѓусебните односи се зависни еден од друг.

Гешталт психологијата, исто така, се темели на поставката дека живите битија перцепираат некој облик како целина и дека ги организираат своите перцепции во една смислена целина. Точноста на перцепрцијата се темели на вродената способност и на моменталното искуство во овде и сега. Токму затоа, во гешталт терапијата се   верува во способноста на освестување и увид, а не во интерпретацијата на содржините.

Битни аспекти во Гешталт терапија

Теоријата на полето истакнува дека  човекот егзистира единствено во контекстот на околината со која е во реципрочна врска. Однесувањето се набљудува низ динамично меѓусебно делување на силите во еден дел на полето и во остатокот на тоа поле. Полето всушност претставува преставува – сите карактеристики на поединецот или групата и сите други значајни особи, група или својства на околината. Полето е всушност целина во кој сите делови се во меѓусебен однос. Нагласокот се става на процесот внатре во полето, повеќе одколку на неговата статична структура. Значи во Гешталт Терапијата човекот се гледа како целовито битие, од когнитивен, емоционален и телесен дел, а исто толку е важна и неговата еколошка целовитост со околината.

Фенеменолошката перспектива ја истакнува важноста на проучувањето на свесноста во нејзиното субјективно значење, структура и функција.

Целите на гешталт феноменолошката анализа се всушност свесноста, процесот на освестување, тераписка работа „овде и сега” и експериментирањето низ што личноста доаѓа до увид, промена и развој.

Тука се воочува влијанието на источната филозофија чија посебност е во нагласувањето на живеењето во моментот „овде и сега”. Егзистенцијалистичката  филозофија се занимава со проучување на човечката егзистенција, слобода, однос со други. Таа нема тенденција да ги интерпретира работите, туку да ги зема онакви какви што се, автентично, почитувајќи ги субјективните разлики, при што секој е одговорен за своите избори и однесување. Човекот е постојано во процес на самоостварување и тој е тоа што тој сам го прави од самиот себе и тоа со своето секојдневно делување. Според тоа човекот е свесно и одговорно битие.

Гешталт психотерапија

Влијанието на М. Буберовата филозофија на дијалогот во Гешталт Терпијата е преку неговиот концепт ЈАС-ТИ однос. Една личност има смисла единствено во релација со друга особа во јас –ти хоризонталниот дијалог како форма на процесот на контактот. Всушност, односот и контактот терапевт и клиент кој во себе обединуваат автентичност и одговорност се едни од важните аспекти на Гешталт Терапијата. Според  Гешталт Терапијата, сите односи произлегуваат од контактот и на контактот се гледа како основа кон промена и развој. Целта на терапијата е постигнување автентичност на личноста и преземање одговорност, така што личноста во текот на терапијскиот процес станува свесна и ја бира (креира) сопствената егзистенција.

Хуманистичкиот аспект на Гешталт Терапијата , како и поставката на организмичката теорија се гледа во фокусирање на приридната тенденција на човекот кон самоактуализација, односно тежнение кон раст и развој. Се нагласува посебноста на секоја личност која има свој избор и способност за интеграција.

Покрај поимот експеримент, едни од клучните поими во Гешталт Терапијата се контактот и свесноста. Контактот и свесноста се активни процеси кои се одвиваат на граница во полето организам/околината.

Контакт во Гешталт Терапијата се дефинира како однос помеѓу себе и другото (околина, отуѓени аспекти како делови од себе, блокирани емоции, мисли, сеќавања, односно сè што не е интегрирано во личноста, што не се доживува како јас, туку како друго. Контактот може да се гледа и како свесност,  однесување  кон, асимилација и отфрлање на неасимилирани новитети.  Модалитети на контактот се допир, слух, мирис, вкус, вид, говор и движење. Тие просеци ја преставуваат функцијата на контактот. Контактот е всушност  основата на промената и растот на личноста.

Свесноста е облик на искуства во кој личноста е во контакт со својата егзистенција, односно со она што она е. Свесноста се случува сега и овде, во моментот, а во себе вклучува контакт, примање на дразби, возбудување и формирање на гешталт. Тоа е процес на контакт со најважните случувања во полето на организмот во околинатаниз сензомоторна, емоционална, когнитивна и енергетска подршка во одреден момент. Перлс (1966) ја изведува формулата: „сега=искуство=свесност=реалитет” и истакнува дека единствена свесност е сега и овде, без оглед дали се работи за минато или иднина. Свесен контакт, всушност, прави нови смислени целини и како таков во себе вклучува интегрирање на проблемот.

Увидот е облик на свесност и претставува моментално зафаќање на јасна целина од различни елементи  во полето.

Личноста која е свесна знае што прави, како го прави тоа, знае дека има различни можности и знае дека самата избира да биде таква каква каква што е. Според Гешталт терапијата, секоја личност е одговорна за своите реакции и однесување.

 

Во прилог дадени се две видеа каде може да видите што всушност преставува Гешталт Терапијата, каква е нејзината форма, како и да ја увидите разликата меѓу изворната и современата гешталт терапја. Како што наведува Robert W. Resnick во второто видео, за еден систем/организам (во кои влегуаат и тераписките правци) да опстои, биде жив и витален, тој мора да биде отворен, да внесува нови информации, да се менува, проширува, прилагоува…

Психотераписка сесија предводена од Фриц Перлс – еден од трите делови од докуметарец во кој се прикажани различни психотераписки пристапи со еден ист клиент

 

Robert W. Resnick – За современата Гешталт Терапија

 



Психолог, Интегративен и Гешталт советник.
Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“.
Области на интерес и делување: Психолошко советување, Психотерапија и Човечки ресурси.
Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење.
Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *