Градете однос кон себе како кон најдобар пријател

Најдолгата врска која ќе ја имате во текот на животот е со самите себе. Затоа, од вас зависи вложениот труд и посветеноста на силата и длабочината на контактот со себе си. Многу често овој процес, иако нужен, не е лесен и бара вложување.

Вашето занимање, хоби, аспирации, соништа, желби, социо-економски стаус, дури и односите со другите луѓе (вклучувајќи ги и сопругот/та, партнерот/ката, пријателите, родителите, децата, роднините…), нема самите по себе да ви го дадат чувството на среќа и исполнетост. Зошто? Затоа што без прво да научите како да уживате, како да се цените и почитувате себе си, никогаш не ќе можете да ги уживате, цените и почитувате другите луѓе и нешта во животот.

Градете однос кон себе како кон најдобар пријател

Доколку не го научиме ова, целиот свој живот ќе го поминеме во трчање по љубов, прифаќање, афирмација и валидација во еден бесконечен циклус на залуден хаос, збунетост, разочарување и постојана празнина.

Во процесот на личен развој и зреење, неопходно е потребно да се разбере дека станувањето свој најдобар пријател не е се еден збир очајни, исилени и вештачки позитивни зборови насочени кон себе, туку вистинско прашање на живот или смрт. Звучи драстично и драматично? Да, затоа што е. Без да заземете контрола над својот живот и да станете свој најдобар пријател, ќе продолжите да ја чувствувате болката на отфрленост, осаменост, срам, самопрезирање и напуштеност. Освен тоа, како може да сакате друга личност вистински и целосно, без претходно да научите како да се сакате себе си? Учењето како да станете свој најдобар пријател е одличен почеток!

Пред да започнете со процесот, потребно е да знаете дека прес вас има доста работа. Потребно е напор и упорност за да се ослободите од лошите навики. Дел од вас може навистина да негодува и да се спротивставува за промените кои сакате да ги направите. На тој дел од вас, всушност му е удобно со старите навики и нема желба да гледа или да ги прави работите на поинаков начин, што може и да предизвика борба во вас.

Тоа е така бидејќи ние се држиме до тоа што е најудобно за нас, дури и тоа да значи поткрепување на сопствената болка и автодеструктивни циклуси. Бидете свесни за ова: Морате да ја повикате во себе храброста, одлучноста, силата на волјата и истрајноста со цел да ги надминете старите навики и да воспоставите нови. Дури и нешто сосем едноставно како признавањето дека сте направиле грешка во начинот на кој се однесувате кон себе, може да биде огромен камен за сопнување. Во врска со тоа, Newman и Brekowit коментираат: „Страшен удар за егото е чувството дека сте направиле грешка. Токму затоа луѓето не сакаат да се менуваат. Тоа би значело признавање дека грешат“.

Градете однос кон себе како кон најдобар пријател

 

Научете да се пофалите себе си

Кога ќе направите нешто на што сте горди, задржете се малку на тоа, пофалете се себе си, ослободете го чувството, прифатете го.

 

Сфатете дека во основата на својата личност вие сте вредни

Повеќето од нас своите неуспеси ги изедначуваат со својата личност. Зошто е тоа погрешно? Затоа што успесите и неуспесите константно се менуваат (зависно и од надворешните услови над кои немаме контрола) и тие постојано ќе влијаат на нашето чувство на вредност, сè додека не развиеме внатрешно чувство за сопственоста достојност и вредност.

 

Научете да се насмеете на себе си

Не со потсмевање или на ироничен начин, туку како пријател. Бидете добродушни кон себе, обидете се преку хумор да најдете една поинаква перспектива за себе. Кога ќе престанете да гледате на сè во врска со себе си премногу сериозно, ќе отворите дел од себе за воспоставување внатрешна хармонија и чувство на прифаќање.

 

Прифатете се наместо да се самоказнувате

Дали некоја ваша блиска личност вербално би ве тероризирала со критики со саати? Не. Вистински пријател ги прифаќа добрите и лошите страни на другата личност. Тоа доаѓа од прифаќањето дека секој во себе има и негативна страна. Не само што прифаќањето носи подобро чувство, туку и дава елан да ги решите проблемите, наместо да „главите“ во нив.

 

Поминете време во откривање за вашиот карактер и личност

Кои се вашите длабоки мотиви и движечки сили, кои работи ви се допаѓаат, а кои не ви се допаѓаат, кои се вашите најголеми силни страни и слабости? Голем дел од луѓето надвор од себе го бараат изворот за формирање на своите вкусови, ставови, желби, идеи и цели бидејќи не поминуваат доволно време да развијат стабилно чувство за себе. Колку повеќе време посветите на тоа да се запознаете себе си вистински, полесно ќе ви биде да се почитувате себе си за тоа што сте, наместо другите луѓе, трендови и животни околности.

 

Научете како да си дадете самоподдршка

Вистински добар пријател дава поддршка и утеха кога имате некоја потреба или болка, често точно знаејќи што ви е потребно за да се чувствувате подобро. Кога станува збор за самоподдршка, од друга страна, ние често имаме тенденција да си ја давиме преку предавање на храна, секс, коцкање и други зависности, вклучувајќи го самосожалувањето и други самодоеструктивни однесувања. Учењето како да се соочиме со болката, наместо да бегаме од неа е една од најесенцијалните (и најтешките) начини за развивање на љубов кон себе си. Кога ги слушаме своите емоционални потреби и отворени сме за ранливоста да доживееме срам, гнев или болка, тогаш може да преземеме соодветни чекори за да си олесниме за болката која ја чувствуваме на здрав и продуктивен начин.

 

Научете како да ви биде забавно кога сте сами

Кога мислиме на уживање, повеќето од нас тоа го изедначуваат со друга личност. Одење на кино, спортување, одење во ресторан… Тажната слика е што најголемиот број од нас научиле да уживаат исклучиво во друштво на други, но не и кога се сами. Обидете се да принајдете и развиете хоби или интерес што може да го правите сами. Така може да ја продлабочите врската со себе.

 

Секој ден направете нешто добро за себе

Тоа може да биде топла бања со купка, релаксирачко време минато на сонце, вкусен пијалак… Има многу работи кои може да ги направиме за себе, сè што треба е да одвоиме малку време и да вложиме напор да ги направиме.

 

Бидете во контакт со своето тело и не ги игнорирајте симптомите

Вистинскиот пријател се однесува љубезно и те мотивира да го извлечеш најдоброто од себе. Тажно е што многу од нас го третираат ужасно своето тело. Го занемаруваме, игнорираме, и константно злоупотребувме , правејќи од него склад за физички, емоционални и психички болести. Слушајте те ги потребите на вашето тело. Ако сте уморни, дајте си повеќе време за одмор, ако сте се здебелиле, исклучете ги газираните пијалаци, ако имате константна болка, посетете лекар.

 

Научете како да се фокусирате на вашите силни страни, отколку на вашите слабости

Можеби ова звучи едноставно, но всушност не е. Промената на фокусот бара базично репрограмирање на вашиот ум, особено ако имате тенденција да критикувате и да се потценувате постојано. Можеби си мислите дека не се третирате себе си толку лошо, но сепак голема е веројатноста дека најголем дел од времето сте несвесни за дијалогот кој ви се одвива во вашиот ум. За да го промените ова потребни ви се стратегии, на пример можете дел од денот да одвојувате време за да си кажувате на себе убави нешта. Можеби звучи вештачки и излитено, но е докажан начин за јакнење на самодовербата и среќата.  Ваквиот говор може да вклучува: „Си простувам на себе си“, „Добро го третирам своето тело“, „Добро се чувствувам со себе“.

 

Да станете свој најдобар пријател е процес кој бара доста упорност и труд, но штом во континуитет ги спроведувате горенаведените препораки, вашиот живот ќе стане посреќен и поцелосен. Најдобрата работа во врска со тоа да станете свој најдобар пријател е дек тоа е подарок за цел живот, нешто што никој нема да може да го одземе од вас.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.