Грешка во размислувањето: глобално етикетирање

Глобалното етикетирање е грешка која ја правиме кога негативно вреднуваме една специфична особина, однесување или активност на некоја особа и таа процена ја прошируваме на целата личност.

Глобалното етикетирање се однесува на процесот на целокупното вреднување на себе или на другите. Притоа вреднуваме една специфична особина, однесување или активност според некој стандард, а потоа таа проценка ја прошируваме на целата особа. На пример: Паднав на испит – глупав сум.  Ова може да довде до самопотценување, депресија, одбранбено однесување, непријателство или претерана загриженост поради туѓото одобрување или неодобрување.

Грешка во размислувањето: Глобално етикетирање

Оваа грешка се прави кога на луѓето, работите, настаните или искуствата им се придава некоја општа ознака. На пример: Мојот брак е катастрофа, Јас сум пропаднат случај, Мојата диплома е безвредно парче хартија, Тој е обичен невротичар итн. Ваквата грешка нам ни пречи да ги видиме нештата онакви какви што се.

Етикетирањето само по себе е едно од најштетните облици на глобалното етикетирање. На пример, еден студен прв пат паднал на испит по математика. Наместо да си каже на себе си – Паднав прв пат на испит по математика, тој си вели на себе – Јас сум лош студент или Јас сум пропаднат случај за математика. Во што е разликата? Во првиот случај веројатно би размислувал дека постои и втор пат и дека може повторно да полага и да го положи испитот, секако ако учи повеќе. Но ако си каже на себе си дека е пропаднат случај за математика, тоа ќе има и други последици. На пример – зошто воопшто би се трудел кога однапред знае дека е пропаднат случај и лош студент. Ваквото размислување нема да го мотивира за учење, па може и по втор пат да падне на испитот.  Доколку и натаму продолжи со негативно етикетирање за себе, може да се случи навистина тие особини да станат стварност (да си ги прилепи) – да стане лош студент и пропаднат случај за математика.

Како можеме да се спротивставиме на овие погрешни размислувања?

Секој пат кога ќе си кажеме дека сме глупави, мрзливи, неспособни, слаби или неуспешни – мораме да бидеме свесни дека правиме грешка во размислувањето. На ваквото глобално етикетирање најлесно можеме да се спротивставиме со точен и прецизен опис за она што не ни се допаѓа.

Наместо да си кажете на себе си – Дебела сум, кажете Имам седумнаесет килограми повеќе од мојата идеална тежина. Испаднав вистинска будала, можете да кажете – На почетокот на излагањето малку ми трепереше гласот и бев помалку сигурен/на. Нагласете го и она на што не се однесува глобалната ознака. Иако имам вишок килограми, изгледам добро кога внимавам на облекувањето или На почетокот бев несигурен/на, но остатокот од излагањето беше добро.

Потсетете се дека глобалното етикетирање во реалноста не се однесува на вас како на комплетна личност, туку само на еден дел од вас.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.