Хистерично (хистрионично) растројство на личноста

Секој од нас, во животот некогаш посакал да биде во центарот на вниманието. И тоа е очекувано и природно – да се чувствуваме пријатно кога од околината добиваме значење, наклонетости и внимание. Сепак, кај некои личности толку многу се развива оваа потреба за внимание, што станува доминантна, а околу која гравитираат останатите потреби на личноста. Кога ова е премногу нагласено, може да станува збор за хистерично нарушување.

Растројствата на личноста не претставуваат болест во медицинска смисла, туку станува збор повевќе за хронична маладаптација т.е неприлагоденост на условите на секојдневниот живот, неприлагоденост во интерперсоналните односи, како и постоење на дисфункционални ставови и однесување.

Карактеристиките на личноста преминуваат во растројство кога лицето размислува и се однесува на екстремен, нефлексибилен и неприлагодлив начин. Тоа може да предизвика големо пореметување во животот на лицето и обично значително го вознемирува лицето или другите.

Што е хистерично растројство?

Личноста која е дијагностицирана со хистерично или хистрионично растројство има постојана потреба за театрално однесување и постојано привлекување внимание кон себе си. Ова нарушување се јавува во раната возрасна доба (20ти до 30ти години) и според статистиката, почеста е кај жените отколку кај мажите. Многу често хистеричните личности може да бидат шармантни, енергични и духовити. За нив е специфична наклонетоста кон претеран флерт, манипулација и ставањето значаен акцент на физичкиот изглед за да бидат што повеќе забележани. Покажуваат емоционална лабилност, површност и често прифаќаат различни влијанија од другите (што исто така е поврзано со потребата за наклонетост и допадливост од другите).

Како се манифестира?

Постојат низа симптоми за ова растројство, а дел од нив беа наведени во воведот:

Привлекување внимание кон себе: ако не се во центарот на вниманието се чувствуваат непријатно и вознемирено.

Сексуална заводливост: склоност кон неадекватно и провокативно заведување на другите.

Променливо расположение и површни емоции: карактеристична е брзата промена на емоции и површност во емотивното реагирање.

Физички изглед: хистеричните личности го користат својот физички изглед за да привлечат внимание – може да е ексцентричен изглед, разголеност, преголем фокус на надворешната убавината и сл.

Стил на говор: во говорот немаат многу детали, покажуваа склоност кон генерлизација и желба да ги импресинираат другите (присутна мистичност, драматичност и сл).

Драматично однесување: хистеричните личности се склони кон претерана драматизација, театрално однесување како и пренагласени чувства во експресијата.

Сугестибилност: лесно потпаѓаат под влијание според моменталните околности и луѓе меѓу кои се наоѓаат.

Преценување на интимноста: вообичаено го преувеличуваат нивото на интимност во врската.

Според психодинамиката на хистеричните личности, зад надворешниот изглед на доминантност и независност, стои огромна желба за врзување. Зависни се од поддршката на другите и за нив претставува голема болка и страв чувството на напуштеност и осаменост (всушност, ова е нивната централна тема околу која се развива состојбата, каде и лежи суштината на терапијата). Театрлноста, драмата, емоцоналната нагласеност, нивото на активитет и значајноста на физичкиот изглед е само манифестација на силната потреба за љубов и внимание. Освен ова, склони се на психосоматика и злоупотреба на супстанци, што е пропратен симптом кај многу други растројства.

Која е причината за развој на нарушувањето?

Најчесто наведувани причинители на ова растројство се генетските фактори и искуствата во раното детство. Сепак, не постојат јасни докази за причинителите на растројствата на личноста. Како претпоставка, се издвојува начинот на воспитание на детето и принципот на награда и казна при воспитанието. Децата кои немале јасно дефинирани правила, не следеле последици за несоодветно однесување (попуслив стил на воспитание), но воедно добивале внимание и награда само кога ќе направат нешто посакувано за другите, при што не биле вреднувани за тоа што се автентично – немале можност да развијат чувство за сопствена вредност, поради што се склони во младоста да развијат вакво растројство.

Како се третира?

Во главно, луѓето со хистрионично растројство не веруваат дека им е потребна терапија. Исто така, склони се да претеруваат со интензитетот на чувствата, не сакаат рутини, што исто така го прават планот за терапија проблематичен. Најчести причини поради кои се обраќаат на терапевт се депресивно расположение или проблеми во врските, најчесто интимни и поврзано со загуба.

Токму затоа еден од главните делови на терапијата е работа на стравовите во релациите, чувството на зависност, како и чувството на лична вредност. Се работи и на редукција на импулсивното однесување, учење на вештини за решавање проблеми, потпирајќи се на своите капацитети и ресурси. Во третманот, ѝ се помага на личноста во освестување на мотивите и стравовите поврзани со нејзините шеми на размислувања, верувања и однесување. Реедукацијата најмногу се однесува на тоа како да се конектира со другите, на начин кој е здрав и исполнувачки, препознавајќи и запазувајќи ги своите и туѓите потреби.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.