Интелектуална елита

Пред извесно време гледав емисија каде гостинка беше професорка од нашиот државен универзитет. Темата на емисијата беше дебата поради учебниците од кои учат студентите на филозофскиот факултет. „Кој ги прегледува пред објавување и колку учебниците ги следат стандардите, новите откритија и правила кои се поставуваат низ светот за одредена професија?“

Нормално, за после дипломирањето студентот да знае какви се светските норми кои треба да ги следи во својата струка, кои ставови треба да ги остави дома при одење кон неговото работно место и да се подеси во професионалец кој во текот на работното време ќе наиде на разбирање за секој човек кој ќе се најде пред неговата врата.

Знам за себе додека учев на истиот факултет, филозофски, смер психологија поголемиот дел од скриптите беа на некој стар југословенски јазик. Не велам српски, хрватски или словенски туку мешавина од сите јазици што дури во една прилика скриптата ја дадов на пријател од Србија и тој не знаеше да преведе зборови од неа. На телевизија гледаме песни за „кирилицата“, рекламни кампањи за нашиот јазик, проекти, промоции небаре јазикот е нов…и во ред, тука не се мешам и не е мое да се мешам, но што правиме со стручната литература?

Во погоре споменатата емисија професорката беше во дебата со млада дипломирана девојка која и поставуваше конкретни прашања, но професорката се однесуваше толку надмено како спроти неа да седи човек кој не е достоен за нејзиното присуство. Неколкупати спомена дека таа и нејзините колеги се „интелектуалната елита на Македонија“. Изгледаше дегутантно бидејќи таа „елита“ и после дваесет и неколку години самостојност на нашата држава не успеалa да напише стручна литература на македонски јазик. Јас лично сметам дека тоа е една од најважните обврски на професорите, да напишат литература на својот јазик. Нели, да сакаа студентите да учат од хрватски скрипти најверојатно ќе запишеа факултет во Хрватска.

Јас сè уште се чудам како е можно да се дозволи студентите во својата земја да учат од скрипти на туѓ јазик? Иако оваа тема не сакав да ја чепкам бидејќи е премногу осетлива, сметам дека е потребно да се отвори ова прашање кое е од круцијално значење за студентите, но и за професорите кои гордо чекорат на универзитетот, а си ја немаат завршено својата „домашна задача“. Од друга страна моето студирање го продолжив на приватен факултет каде имаше фантастични предмети битни за мојата струка и предавања на кои со задоволство седев во прв ред и литература, секако на македонски јазик од која навистина се учи, а не е конфузен материјал со небитни и напумпани теми и згора на сè на туѓ јазик од кој дополнително треба да се измачиш за превод. И иако на почетокот можеби сите со резерва гледаа на приватните факултети факт е дека нудат сè поквалитетна програма. Добро е што ги има поради таа конкуренција која можеби ќе ги натера професорите од државните факултети да го подигнат квалитетот кој е паднат на едно екстремно ниско ниво. Во разговор со постара професорка, ми рече: „тие самите си ја сечат гранката на која што седат“…



Психолог, Семеен и системски советник. Лиценциран од Комора на психолози на РМ. Претседател и основач на Здружение Психоинтегра. Работно искуство во областа на клиничката психологија. Советувач во психолошко советувалиште на Здружение Доверба и координатор на проекти од областа на зависностите и психодијагностиката.


One thought on “Интелектуална елита

  1. Енџи

    A плус што по два предмети ние (генерација 2009/2010) немаве НИКАКВА скрипта, па на предавањата професорките ни диктираа и ние запишувавме во тетратки. И тоа едниот предмет беше задолжителен.

    Reply

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *