Интервју со Проф. д-р Мирoслав Пендароски: Сонот како психолошки феномен

Интервју со Проф. д-р Мирослав Пендароски, Декан на факултетот по психологија при МИТ Универзитет Скопје и Психотерапевт, на тема: Сонот како психолошки феномен

 

Како психологијата го објаснува сонот?

Во светот на душата постојат низа потсветови кои во себе кријат неброени мистерии неодгатнати од љубопитниот човеков ум. Една од најголемите мистерии на човековиот психички живот е сонот. Како ниеден друг сложен феномен, сонот претставува место каде се спојуваат низа психолошки прашања од најразлична природа. Но, сонот нема да претставува никаква значајност доколку не постои соодветната психичка состојба на свеста која го овозможува неговото јавување – спиењето.

Дали сите спиеме?

Да, сите спиеме но навиките за спиење се индивидуално различни и зависни од низа особености на организмот и личноста. Но, секако е познато дека сите спиеме.

Дали сите сонуваме ?

Да, сите сонуваме! Ќе речете како ?! Некој ќе се јави и ќе потврдува дека никогаш не сонувал. Не, тоа не е точно, сите сонуваме, само некои од нас ги помнат своите сонови додека други не. Зошто е тоа така ? Зависи од многу фактори – дали сме спиеле во РЕМ или Не-РЕМ етапата на спиењето; дали сонот имал значајни елементи за нас; дали имаме проблеми со меморијата… итн. Прашање едно, а одговори безброј. Значи, сите луѓе сонуваат, сите.

Дали сонот се разликувал како феномен и содржина согласно историскиот и културниот период на негово разгледување или тој секогаш носи со себе иста или барем еквивалентна методолошка рамка и след на дејствата?

Да, сонот е под дејство на социјалните фактори исто како и на физичко-физиолошките и психичките. Со оглед на тоа, во различните епохи од развојот на цивилизацијата, а согласно уредувањето на државите и народите, сонот како дел, современик на таквите собитија, неминовно се менувал. Луѓето сонувале и во примитивните општества, но сонуваат и во најсовременото постмодерно доба на техничко-технолошки бум на сè и сешто! Човекот отсекогаш сонувал сè и сешто и секогаш морал да спие за да ги надополни депоата со истрошена енергија. И, можеби содржината на сонот и не се разликувала толку многу кај примитивниот и кај современиот човек. Но, секако дека значењата кои му се придавале на сонуваното сценарио биле и се различни согласно вредносниот систем и ставовите на околината како и општиот концепт на историско и културно читање и поимање на појавите!

Сонот е голема транзиција во самиот свој внатрешен феноменолошки свет. Ќе прашате како? Така што сонот всушност прави три премини, т.е. транзиции во време на своето егзистирање:

1) Транзиција од будност во спиење

2) Транзиција од не-РЕМ во РЕМ фаза на спиење и обратно и

3) Транзција внатре-содржинскиот аспект, т.е. транзиција на латентните, вистинските скриени пораки во манифестни, т.е. преправени содржини кои всушност го чинат сценариото на сонот, т.е. неговата наративна структура

Првата транзиција го опишува човековото циркадијално, односно циклусно, ритмичко функционирање. Имено, целиот живот во физичката стварност се базира врз основа на разните циклуси, на пример, циклусот во кој земјата врти околу својата невидлива оска т.е. деноноќие. Циклусот на годишните времиња кои се менуваат, циклусот кај жените на секои 28 дена итн. Значи, целиот човеков живот се должи на разни циклуси и ритмови кои дејствуваат врз неговиот начин на функционирање. Еден од основните циклуси е секако циклусот на промена на будноста и спиењето. Тој циклус се случува секое деноноќие.

Втората транзиција значи дека во текот на спиењето се менуваат четири етапи по кои повторно доаѓа првата етапа, овојпат наречена РЕМ фаза од англискиот израз Rapid Eye Movement или брзо движење на очите. Оваа фаза е позната како т.н. психолошка или соновна фаза на спиењето или поедноставено – сонувачко спиење затоа што околу 70-80 % од соновите се јавуваат токму во оваа фаза која се јавува на околу 90 мин. секоја ноќ.

Третата транзиција најубаво и најдетално ја објасни психоанализата која вели дека сонот носи сценарио кое не е едноветно со вистинската скриерна содржина на несвесното, т.е. дека латентната содржина на сонот се транзиционирала, променила во манифестна која е изменета порака и која само со одгатнување може да не доведе до вистинската лична порака на сонувачот.

Речиси и да не постојат области од психологијата и невропсихологијата кои по својата длабочина, хевристичка моќ и привлечност би можеле да се споредат со спиењето како процес и сонот како производ на тој процес. Уште од памтивек човекот се интересирал за корените на овие две поврзани психички појави од кои едната, спиењето е невропсихолошкaта а другата, сонот е психолошката реалност на целовитиот феномен на т.н. сонувачко спиење. На крајот би ја споменал дефиницијата која ја создадов врз основа на многу поткрепени факти за сонот:

 

СОНОТ  Е КРЕАТИВНА И ФАНТАСТИЧНА КОМБИНАЦИЈА НА ВЕРБАЛНИ, ВИЗУЕЛНИ И ЕМОЦИОНАЛНИ ЕЛЕМЕНТИ СПЛОТЕНИ ВО, ПОНЕКОГАШ СМИСЛЕНА А ПОНЕКОГАШ БЕСМИСЛЕНА КРЕАТИВНА ПРИКАЗНА КОЈА СЕКОГАШ НОСИ ЛИЧНО ЗНАЧЕЊЕ ЗА СОНУВАЧОТ!

 

 

 

Зошто сонуваме?

Мошне тешко и речиси невозможно е да се одгатне зошто сонуваме! Тоа е така поради фактот што низ историските епохи сè од преднаучните и примитивни сфаќања, па до денешните невропсихолошки теории се доаѓало до често контрадикторни разбирања на причините за сонувањето. Во стариот Египет на пр. се верувало дека сонот е во врска со светот на надчовечкото, Бог! Душата во сонот понира во небескиот праокеан и наутро испливува со важна порака. Овој аспект на гледање на причините за сонување влијаел на една од најголемите теории – психоаналитичката, а таа ни кажува дека сонот е производ на нашето несвесно односно дека сонуваме поради наталожениот материјал и емоционален набој предизвикан од некои значајни, а потиснати факти. Хипократ верувал дека во сонот можат да се прикажат скриените болести кои се невидливи преку ден! Оваа дефиниција нè води кон идеите на Фројд за пораките на сонот во врска со т.н. мали соништа кои се однесуваат на физиолошката состојба на нашето тело односно дека ние сонуваме поради состојбата на нашите органи кои во несвесното ни испраќаат информации за нашите функции како физиолошки, така и психолошки. Аристотел можеби прв прецизно ја сфатил феноменологијата на сонот, т.е. дека – сонот е душевниот живот на сонувачот и визиите се јавуваат од внатрешноста на сонувачот! На ова се надоврзуваат сфаќањата во древна Индија запишани во Упанишадите дека – сонот како и будноста е чиста психологија! Сонот не е лишен од искуства, а карактерот на сонуваните предмети не мора да е еднаков со истите во реалноста! Ова оди чекор потаму во определувањето на каузалноста, односно причинско-последичната врска во феноменот на сонот. Имено, оваа определба ни укажува дека сонот не е производ на будно и свесно искуство туку дека доаѓа како последица на внатрешните психички процеси за време на спиењето, односно дека е производ на невидливи процеси кои преку подоцна во психоанализата објаснетиот процес на т.н. поместување доаѓаат како преправени информации во т.н. манифестна содржина на сонот. Затоа во сонот ништо не е како што е! Т.е. ништо не се толкува буквално туку преносно, симболично и индивидуално. Фридрих Ниче изјавил – “Она што го искусуваме во сонот го содржи она што го искусуваме често, а кое и припаѓа на целата душевна економија! Ова уште попрецизно ни покажува дека ние сонуваме поради нештата кои ни се лично значајни, а кои бараат некаква елаборација и разјаснување во светот на соновите. Според Фројд ние сонуваме поради неопходноста да исполниме некоја своја неисполнета желба која доаѓа преправена во манифестната содржина на сонот, а сонот е всушност приказната која е таква заради неприфатливоста на нашиот свесен ум кон нашите скриени желби. Токму притисокот од несвесните пулзии и желби ја создава нарацијата наречена сон. Фројд изјавил – Сонот го чува спиењето! (доколку сонот не би постоел, агресивните и потиснати содржини на потсвеста директно би излегле во свеста и би го преплавиле Егото) Значи, меѓу другото сонуваме за да го зачуваме спиењето и регулацијата на нашето Его. Сонот е резултат на влијанието на: дразби од надворешноста, внатрешни физиолошки процеси, значајни нешта од реалноста, потреби и желби, Јунг верувал дека сонот настанува поради потребата да компензираме, надополниме некои неисполнети будни, свесни дејствија и потреби. Фриц Перлс барал да се демистифицира сонот!

Неговата идеја дека сонот кажува за тоа каков е односот на сонувачот кон животот и кон самиот себеси укажува дека ние сонуваме за да бидеме целосни, односно да имаме холистички однос кон себе и својот живот, како додека сме будни така и додека спиеме и сонуваме. Токму затоа тој деловите/елементите на сонот ги разбира како делови од личноста на сонувачот. Во поново време постојат невропсихолошки теории како на пр. онаа на Алан Хобсон кои велат дека сонуваме поради тоа што во РЕМ се активираат многу нервни кругови во мозочното стебло и ја бомбардираат кората на големиот мозок со информации кои се случајни, а сонот е последица на настојувањето на кортексот да им придаде некоја смисла, значење. Значи, како заклучок, немаме една сигурна причина зошто сонуваме, но имаме илјада причини за тоа како сонуваме и кое е значењето на сонот!

 

Постои ли такво нешто како универзални симболика и толкување на соништата?

Низ историските анализи и теоретизирања секако постоеле низа ненаучни, преднаучни и типични научни тврдења околу т.н. универзална симболика во соновите. Секако првите такви лудории околу барањето на општите значења на некои слики, елементи, делови од сонот, потекнуваат од фамозната психоаналитичка, Фројдова теорија за сонот која тврди дека всушност претежно, симболиката во соновното сценарио е сексуална. Па така некогаш сериозно, некогаш саркастично и ден денес стапот, доглнавестите предмети во сокот, движењето на воз во тунел, високи предмети итн. се асоцирале со фалус во ерекција, сексуален чин – коитус, спојување, пенетрација и други симболики. Всушност, многу од концептоте на Фројдовата теорија за сонот се погрешно интерпретирани како пан-сексуализам, универзализам, воопштување итн. Всушност, вистината е токму спротивна, т.е. сексуалните симболи во сонот само се поврзуват со индивидуалните, личните значења на сонувачот, затоа што сонот во современото значење има вредност само за сонувачот затоа што е негов производ. Јас лично последните години низ практичен развој на мојот т.н. Метод на линија на помал отпор се обидувам да ја поткрепам теоријата за личните посебни значења на сонот за сонувачот и да ги доближам неврокогнитивните теории како онаа на Хобсон со Фројдовата психоаналитичка теорија. Секако дека Јунг зборуваше за некаква колективна, универзална архетипска симболика на елемените на сонот кои се архетипски како на пример – сонцето, водата, земјата, ветерот, воздухот, енергијата , Бог итн. Сепак, тој сакаше да нагласи дека ние сонуваме слични елементи токму заради тоа што целото човештво ја дели истата колективна меморија на минатото а дека секоја архетипска претстава си има свое лично индивидуално значење за секој сонувач согласно неговото животно искуство, потреби, личност итн. Имено, ако двајца луѓе сонуваат скоро еквивалентна ако не и истоветна сцена, тие симболи нема еднакво да значат за двете лица токму поради горенаведените причини.

Кои автори-психолози и теории најмногу ги унапредиле сознанијата во врска со соништата?

Иако погоре набројавме некои важни автори кои ја унапредиле теоретската мисла и концепција научна за сонот, не е погрешно овде само да ги сумираме. Секако на прво место тука е психоаналитичката теорија на Фројд кој го задолжи светот со цело едно богатство од хевристички и клинички па и уметнички и естетски наоди во врска со сонот. Неговите идеи од генијален карактер за процесите на т.н. работа на сонот (поместување, потиснување, кондензација, симболизациоја итн.) се ненадминати до ден денешен токму заради откритието дека неодгатнатиот сон е како неотворено писмо! Јунг е уште едно големо име во теоријата за сонот со неговите идеи дека сонот е компензација на недостатоците на будниот живот. Теоријата на Адлер е многу блиска на ова јунгово откритие која само е надополнува дека човекот во сонот ја компензира изгубената моќ поради некој телесен недостаток. Рудолф Штајнер е истакнат теоретичар во областа на соништата и тој тврди дека сонот е исполнување на желби и дека силни личности сонуваат изопачени соништа ! Можеби неговиот придонес покрај поткрепата на Фројд е и тоа дека сонот покажува како индивидуално се разликуваме и како душевното богатство не може да биде скриено од очите на светот и сонувачот. Пол Холбах е уште еден теоретичар кој меѓу првите развивал теории за сонот во кои тврдел дека душата во сонот не дејствува со сопствена енергија туку под дејство на реалните предмети и настани а остатокот (т.е. сценариото, приказната на сонот) е производ на фантазијата! Оваа теорија е блиска до некои невропсихолошки теории како онаа погоре опишана на Хобсон кои пак, од друга страна ни покажаа дека сонот не е само психологија туку и биологија и неврологија! Други значајни имиња се секако Ерих Фром, Медард Бос и низа други психолошки мислители, теоретичари и практичари.

Како психотерапијата пристапува во работата со соништа?

Психотерапијата без соништа според мене, ја практилуваат две категории на терапевти: 1. Неуки и 2. Неосвестени! Тоа значи дека просто не е сериозно, а камоли хоолистички, а денешната терапија мора да е холистичка, да се нафатите да чепкате по длабините на душата (а терапијата е или треба тоа да биде!) без да ги прашувате вашите клиенти дали сонувале нешто и што тоа им значи. Сметам дека секој барем малку прониклив терапевт треба макар да ги замолува своите клиенти ако ништо друго да ги носат своите соништа на тераписките сесии, или барем, да зборуваат за нив! Ох, па од каде да почнам,. Има многу. Секоја сериозна тераписка школа ги користи соновите освен се разбира оние строго когнитивно-бихевиорални или краткосрочни терапии и/или интелектуалистички насочените (да не навредиме некој правец) , ги користи соновите на различни начини во својата работа. Гешталт терапијата пристапува на деловите од сонот како на делови од селфот на сонувачот и го помага процесот на освестување и враќање на во внатрешната целовитост и рамнотежа. Во Гешталтот кој е крал на експериментите, терапевтот може да го замоли својот клиент да ги поврзе со себе елементите и лкиковите од сонот, да се идентификува со дел од нив, или пак да го доврши сонот по своја желба. Психоанализата во својата длабинска анализа секако ги толкува соновите со својата познаат симболика наоѓајќи ги детаљите кои се сврзивно ткиво во процерсот на свесноста. Психодраматра ги одигрува соновите на своите клиенти поставувајќи ги на сцена како реални ликови и собитија и низ еден динамичен дијалог ги разгледува скриените пораки. Во арт-терапијата соновите може да се сликаат, цртаат, оформуваат во песок, со мозаик, со колаж, со камен и други методи со цел нивна експресија и сознавање. Во секој и секаков психотераписки модалитет, без разлика дали е интегративен или монотеоретски, постојат низа методи, процеси и начини за работа со соновите а која е од есенцијално значење за целиот тераписки процес. Јас во мојата интегративна, системско-еклектична терапија ги користам соништата на сите наведени начини , но во последно време го вообличувам својот метод на линија на помал отпор кој е комбинација на психоаналитички и еклектичен приод и каде преку асоцирање, амплификација и поврзување со себеси сонувачот/клиент го впотполнува своето поимање на себеси и своите внатрешни процеси. Имено, мојот метод има 12 аспекти кои се разработуваат поединечно при толкување на сонот и работата на него. Некои од нив се: емоционалниот, наративниот, когнитивниот, социјалниот, универзалниот, спиритуалниот, спацио-темпоралниот елемент и други. Низ грижливо смислени прашања се исцрпува анализата на секој од елементите на сценариото, т.е. наративната структура на сонот и низ личните толкувања клиентот доаѓа до проаката на сонот. Секогаш до сознанието и т.н. толкување доаѓа самиот клиент, се разбира со поддршка на самиот терапевт.

 



Психолог, Интегративен и Гешталт советник.
Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“.
Области на интерес и делување: Психолошко советување, Психотерапија и Човечки ресурси.
Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење.
Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *