Како да го прекинете повторувачкиот циклус на деструктивното однесување?

Често ние луѓето се трудиме и даваме сè од себе за да бидеме поинакви, посреќни, поисполнети… Сепак, најчесто секое утро се будиме со истото размислување, однесување и чувства како и претходните денови, месеци, па и години.

Сте се запрашале ли некогаш зошто е тоа така? Зошто дури и најинтелигентните луѓе упорно продолжуваат да прават непродуктивни и ирационални работи? Зошто секогаш завршуваме во врска која е деструктивна? Зошто се самосаботираме? Зошто хронично доцниме, продолжуваме премногу да пиеме, или да правиме погрешни финансиски одлуки, дури и кога толку се трудиме да се промениме?

Овие прашања се значајни за секого, особено за оние кои сакаат да направат промени кај себе, во работата како и за психотерапевтите.

Човековата тенденција за повторување е загатка која Фројд од неврологијата ја поместува во прв план во психологијата. Тој открил дека постои нешто моќно под површината на свесниот дел од личноста, што е одговорно за човековата компулсија за повторување на деструктивното однесување кое се обидуваме да го промениме.

Фројд го предложува моделот на санта мраз кој како метафора го претставувам свесниот и несвесниот дел на личноста (т.н. топографски модел на умот). Поголемиот дел од она што не мотивира и не засега – не влече назад или не турка напред – стои под површината на свесното. Ние даваме сè од себе од она што го знаеме: врвот на мразот е свесниот ум; но, моќните сили под површината се несвесниот ум.

 

Како да го прекинете повторувачкиот циклус на деструктивното однесување?

 

Несвесниот ум е замислен како сад каде ги одвојуваме од нас несаканите, застрашувачките аспекти од нашиот животот, односно чувствата, мислите и искуствата со кои не можеме свесно да се соочиме. Умот се заштитува од таквите перципирани опасности закопувајќи ги во несвесното (заштитен механизам кој Фројд го нарекува „репресија“). Сепак, иако потиснати овие содржини се сè уште живи и присутни во нашата личност. Тие имаат влијание врз нас.

Методите на психотерапијата, како психоанализата која допира длабоко под површината на свесното, се методи кои овозможуваат да се прекине ирационалниот (а сепак толку чест кај луѓето) повторувачки циклус. Тешкотиите се обработуваат во коренот, во седиштето на несвесните сили. Кога го осветлуваме несвесниот дел од нашата личност, можеме подобро да видиме и почувствуваме што навистина се случува таму. Соочувајќи се со нашите стравови и фантазии, наместо да ги избегнуваме, ни се дава целосно нова перспектива. Со текот на времето, содржините на несвесниот дел не ги доживуваме толку страшно. „Чудовиштето под креветот“ откриваме дека повеќе е имагинарно отколку реално.

Кога добиваме подобра слика за нашата динамика на несвесното, откриваме нешто што е од суштинско значење за процесот на промените. Откриваме начини на кои ние активно, намерно ги потхрануваме нашите тешкотии и проблеми. Иако е тешко за признавање, ваквиот увид е од клучно значење за нас. Ние сите несвесно се бориме против промените кои сакаме да ги постигнеме. Доколку ова не го знаеме за себе, ќе веруваме дека сме жртви на другите луѓе, околностите, судбината, или самиот живот.  Но, кога ќе сфатиме дека имаме активна улога во нашата заглавеност во репетитивните циклуси, тогаш откриваме дека имаме многу повеќе моќ отколку што мислиме дека имаме. Не мора да останеме робови на нашите несвесни стравови. Кога ги знаеме, може да се соочиме со нив.

Една од познатите фрази на Фројд е „каде што е идот, таму треба да биде егото“. Модерната верзија на оваа идеја е „каде што е несвесното, таму треба да биде свесното“. Постојат тајни кои ги криеме дури од самите себе. Но, овие закопани тајни го кријат клучот за можноста за вистинска промена. Доколку сакаме да направиме промена која ќе трае, мораме да одиме подлабоко во себе.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.