Како да го препознаете самозалажувањето?

Ние луѓето сме експерти за самозалажување. Се лажеме со верувања кои не се вистинити и одбиваме да веруваме во нешта кои се вистинити. Така, ние се лажеме од тоа зошто одбираме да носиме брендирана облека, наместо небрендирана, до тоа како нашето детство влијае врз нашиот избор за романтичен партнер/ка. И најчесто, не сме целосно свесни за ваквото неконтролирано лажење кое се случува во нашите глави.

Како да препознаете кога се лажете себе си?

Со оглед на несвесната природа на самозалажувањето, ако се трудиме да бидеме искрени, може да се соочуваме со една деликатна дилема: Како да препознам кога се самозалажувам?

Како можеме да го детектираме самозалажувањето?

Најважното нешто кога идентификувате дали се лажете или не, е да се набљудувате себе си, без судење или евалуација. Само забележувајте и поставете си прашања со кои се открива вашата внатрешна мотивација. Кога ќе го правите ова, фокусирајте се на три области:

Забележете ги своите емоции

Генерално, ако сме емотивно реактивни на нешто или некого, тоа е бидејќи сме се потсетиле на нешто болно или неразрешено од нашиот живот. Во овие области области, се бориме да ја признаеме вистината. На пример, ако се борите со прашањето на доверба во романтична врска, може да се чувствувате вознемирени, лути или исплашени кога ќе се вљубувате во нов/а партнер/ка. Ако вакво нешто се јави кај вас, може да реагирате кон вашиот партнер за нешта кои на се на основа на неговата/нејзината личност. Во суштина, вашата реакција е на основа на неразрешени прашања со претходен партнер/ка кои ги внесувате во новата врска.

Во тој однос, кога имате силна емоционална реакција кон нешто или кон некого, застанете за момент. Запрашајте се: Каква е оваа емоција? На што всушност е реакција мојата емоција? Дали навистина оваа емоција е поврзана со моменталната ситуација, или моменталната ситуација е само тригер за нешто неразрешено од минато?

Забележете ги своите мисли

Сите ние сакаме да веруваме дека нашите мисли се точна рефлексија на реалноста. Всушност, повеќето од нас веруваат дека се во право за сè. За жал, специфична карактеристика за нашите мисли е што често се неверојатно непрецизни. Најчесто нашите неточни размислувања се одраз на болната реалност која не сакаме да ја признаеме. На пример, кога влегуваат во нова врска луѓето често мислат нешта кои се многу нерационални. Овие нешта можат да бидат многу негативни, како на пример – „Сигурен/на сум дека мојот нов партнер/ка ќе ме изневерува, бидејќи бев изневерен/а во претходната врска“. Или пак, може да имате премногу оптимистично размислување – „Ова е најневеројатната личност во светот“.

Во оваа насока, кога и да забележите дека вашето размислување е екстремно или ирационално, направете пауза. Запрашајте се: Кои зборови ги користам за да го опишам мојот партнер? Дали моите размислувања се соодветни? Дали своето минато го користам за да го оправдам моето мислење? На што се основа моето мислење?

Забележете го своето однесување

Можеме да кажеме дека некогаш очајно сакаме да го одвоиме нашето однесување од својата личност. Едноставно не сакаме да веруваме дека нашето однесување е одраз на нашата личност. На пример, не сакате да признете дека сте љубоморни, иако ги проверувате пораките на вашиот партнер/ка; не сакате да имате проблеми во однос на воспоставување близина, сепак ги саботирате врските кога луѓето ви стануваат блиски. Однесувањето, сепак, на некој начин е одраз на тоа што сме.

Кога однесувањето не е во согласност со сликата за себе која ја имаме, застанете за момент. Запрашајте се: Зошто се однесувам на овој начин? Што го мотивира моето однесување? Што е тоа што не сакам да го признам на себе си за моето однесување? Зошто?

Да се одбере искреноста  

Ние не можеме да бидеме искрени со другите ако не сме искрени со самите себе. Кога се залажуваме себе си, често ги нарушуваме и односите со другите. Да се биде искрен бара секојдневен напор и толеранција на некои болни случувања. Сепак, со опсервација на нашите мисли, чувства и однесување, можеме да научиме кои навистина сме и да си дадеме можност за промена.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.