Како да им помогнете на децата да се соочат со стравот?

Стравот е емоција која зависно од инензитетот може да биде многу непријатна и кога би можеле, радо би ја исфрлиле од животот. Сепак, освен што не е возможно тоа, не е ниту добро решение, иако на прв поглед може така да ни се чини. Всушност, стравот има своја корисна функција бидејќи ни кажува дека ситуацијата е загрозувачка и мораме да бидеме внимателни, а воедно ни дава енергија да се соочиме со таквата ситуација.

Како да им помогнеме на децата да се соочат со стравот?

Но, исто така стравот може да биде штетен. Тоа се случува кога стравот е преинтензивен или кога се плашиме од нешта кои всушност не се загрозувачки (ирационален страв). Во такви случаи од стравот имаме повеќе штета отколку корист и наместо да ни дава енергија, не спречува да преземеме нешто конструктивно.

Многу стравови кои ги развиваат децата не можат да се избегнат и не треба да се избегнуваат. Наместо да се обидуваме да ги „спасиме“ децата од таквата ситуација, многу е подобро да им помогнеме да се соочат со стравот.

Еве што се покажало како корисно во помагањето на децата да излезат на крај со своите стравови:

  • Разговарајте со децата за своите стравови. Помогнете им да сфатат дека и возрасните луѓе имаат свои стравови и дека стравот е нормално чувство.
  • Помогнете му на детето да научи вештини кои ќе ми помогнат во соочувањето со специфичната ситуација која кај него предизвикува страв. Ако вашето дете се плаши од мрак, дајте му можност да го „контролира“ – ставете му ламба крај креветот која може да ја вклучи ако почне да се плаши.
  • Постепено водете го детето во ситуацијата од која се плаши. На пример, ако детето се плаши од мрак, кажете му дека ќе го изгасите светлото за многу кратко (додека да изброите до десет). Утредента продолжете го времето на два пати по десет итн.
  • Дозволете му на детето  да се соочи со ситуацијата од која се плаши на начин и во време кое му одговара. Допуштете му да ја истражува ситуацијата, да се приближува и да се оддалечува. Исто така, поврзете ја ситуацијата со нешто што му е угодно на детето. Ако се плаши од куче, детето сигурно полесно ќе му се приближи ако му допушите да ја држи омилената играчка, или ако биде во друштво со пријателите.
  • Овозможете му на детето да ги види своите врсници, како и возрасните луѓе, кои не се плашат од таква ситуација. Во едно истражување, деца во период на рано детство кои се плашеле од кучиња, ги гледале децата на своја возраст како задоволно и среќно си играат со кучето. После осум такви набљудувања две третини од децата кои се плашеле од куче, почнале да си играат со кучето.

Но што и да правите за да го соочите детето со стравот, немојте да го правите следното:

  • Немојте да го терате детето да се соочи со ситуацијата од која се плаши – дали преку физичка присила, викање или исмејување (Немој да бидеш такво бебе, или Дојди погали го кучето, види колку е убаво. Ништо нема да ти направи)
  • Немојте да му се смеете на детето поради стравот
  • Немојте да го изложувате детето на потсмев пред други
  • Немојте да го игнорирате стравот на детето
  • Немојте да го терате детето да прави работи за кои не е подготвено


Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *