Како да ја подобрите врската? (вештини кои нема да ги сретнете во книгите за само-помош)

Многу од паровите кои бараат професионална помош за подобрување на врската нарушена од кавги, лутина или намалена поврзаност и интимност, она што најчесто го бараат е да научат да комуницираат подобро. Овие барања се поврзани со  потребата да ги надминат несогласувањата, а со тоа и незадоволството од врската – област која е од огромно значење бидејќи несомнено ги афектира и се одразува на сите останати области во животот.

Како да ја подобрите комуникацијата во врската? (вештини кои нема да ги сретнете во книгите за само-помош)

Сепак, тука има еден проблем кој стои во ограниченоста на „вештини за подобрување на односот“ (техники кои ги користат професионалците), токму во односите со најзначајните луѓе. Книгите за само-помош, работилниците и терапевтските пристапи кои поучуваат на подобра комуникација и вештини за решавање проблеми, најмногу се од помош за комуникацијата на работното место, со пријателите и членовите на семејството кои ги пречекоруваат границите во односот.

Но, кога вашата потреба и цел е да чувствувате вистинска поврзаност и љубов со партнерот/ката, комуникациските вештини како – контакт со очи, употреба на „Јас пораки“, активно слушање и quid pro quo (договор едниот да направи нешто за другиот и обратно) не носат многу длабоки и трајни резултати. Ваквите техники може да придонесат за краток „одмор“ од секојдневните кавги и несогласици, но знаат и да бидат и стапица ако се избегнува да се работи на суштинските и подповршинските чувства и потреби на партнерите во односот.

Стапици на комуникациските вештини

Вештачка комуникација или комуникација од срце?

Како илустрација за оваа ставка – Кога одите на кафе, веројатно престојот во кафулето ви е попријатно ако персоналот ви се насмевнува и ви посакува пријатен ден. Вам, сигурно, не ви е многу грижа дали тоа е кажано поради работните принципи кон клиентите или е искрено, бидејќи односот не ви е значаен. Но, доколку вашиот партнер/ка, одговара на вашата повреденост со „Разбирам како се чувствуваш“, сигурно правите разлика дали ова е само употреба на „комуникациска вештина“ или е изјава од срце. Доколку партнерот/ката само автоматски ја користи техниката, наместо да говори од срце, поверојатно е да се чувствувате измамено или разочарано отколку смирено.

Невербалните пораки се моќно комуникациско средство и често се надвор од нашата контрола

Невербалните знаци како тонот на гласот, изразот на лицето и говорот на телото открива повеќе за тоа како се чувствувате отколку зборовите кои ги кажувате. Невербалните знаци потешко се учат отколку зборовите бидејќи тие се главно несвесни. Кога вербалниот и невербалниот говор не се совпаѓаат, ние интуитивно му веруваме на невербалниот говор. Еволуцијата го создала за нас овој приоритет –  нашите мозоци ги регистрираат многу повеќе невербалните пораки, отколку зборовите.

Многу луѓе кои деструктивно комуницираат со партнерот/ката имаат добри „комуникациски вештини“ во други области (на работа, дома…)

Учењето на комуникациски вештини за парови има смисла само доколку партнерите имаат неразвиени комуникациски вештини. Но, многу луѓе кои имаат нарушен партнерски однос, имаат одлична комуникација со колегите, пријателите или други средини каде што не се толку емоционално вклучени. Единствено во односот со личноста која најмногу им значи, може лесно да се разбеснуваат, да се поставуваат одбранбено или критично. Многу од луѓето кои имаат нарушен однос со партнерот/ката, имаат во главно добро развиени комуникациски вештини, но кога ситуацијата е набиена со силни емоции, едноставно се преплавени од нив и не се во можност да ги користат вештините.

Научените комуникациски вештини најтешко се користат токму во моментите кога се најмногу потребни

Употребата на комуникациските вештини бара повисока когнитивна преработка на информации, отколку автоматската емотивна  реакција. Во таа смисла, кога емоциите се интензивни, повисокото когнитивно функционирање, на некој начин е недостапно. Така, во моментите кога најмногу ни се потребни комуникациските вештини со лицето со кое најмногу ни значи, веројатноста истите да се користат е и најмала.

Дури и кога вештините често се користат успешно, позитивните исходи се ограничени

Користењето и развојот на комуникациските вештини во период од неколку месеци или години, кај паровите може да резултира со намален број расправии и несогласици во односот, но тоа не води нужно и кон намалување на чувството на осаменост и  подлабока конекција и љубов. Вештините за комуникација и решавање конфликти едноставно немаат моќ да создадат силна љубовна поврзаност онаму каде што ја нема, а за која повеќето луѓе копнеат.

Алтернативни пристапи

Дали сето ова  значи дека не можете да ја подобрите врската доколку се чувствувате заглавени со партнерот/та во повторувачки круг на лутина и несогласувања? Одговорот е – Не! Сепак, бидете внимателни во користење на премногу структурирани и едноставени интервенции.

Подолу, објаснети се некои од „вештините“ кои се препорачуваат за подобрување, продлабочување и развој на врската со партнерот/ката при нарушен однос.

Како да се повлечете од жаришните теми и да погледнете подлабоко во вашите срца?

Расправиите не се однесуваат навистина за перењето, децата, или финансиите. Исто така, лутината или ладниот став ретко кога ја опишуваат целата слика. Лутината и одбранбеноста се чувства кои лесно доаѓаат на површина, особено кога личноста се чувствува загрозена, неразбрана или напуштена од некој за неа значаен. Зад лутината често стојат по болни, ранливи чувства како повреденост, тага, осаменост и страв од напуштање. Учењето започнува со препознавање на универзалните потреби за грижа, заштита и разбирање кои всушност стојат зад емоциите и однесувањето.

Како да ја подобрите комуникацијата во врската? (вештини кои нема да ги сретнете во книгите за само-помош)

Како да го надминете емоционалниот тунел создаден врз основа на чувствата на загрозеност, изневереност, или одбиеност од страна на партнерот?

Ваквиот тунел се развива како заштитен механизам кој се јавува кога вашата физичка или емоционална добросостојба се нарушува. Тој ви овозможува целосно да се фокусирате на самоодбрана без да губите време за преиспитување на големата слика или разбирање на перспективата на „напаѓачот“. Сепак, во љубовните врски, ваквата автоматска реакција наидува на конфликт. Колку повеќе сте фокусирани на самоодбрана, толку повеќе заканувачки изгледате за вашиот/та партнер/ка, така што тој/таа уште повеќе се фокусира на својата самоодбрана. Паровите со нарушен однос треба да научат како да се повлечат од ваквите автоматски реакции, проширувајќи ја својата перспектива и обрнување внимание дека и партнерот/ката има своја валидна перспектива. Ова претставува прв чекор кон искрен дијалог кој навистина помага во решавањето конфликти.

 Како да создадете атмосфера на доверба и сигурност за вашиот партнер може да „ризикува“ да зборува од срце за својата ранливост?

Ако навистина сакате да ја разберете перспективата на својот/а партнер/ка, потребно е да научите како да престанете се браните од неа/него. Тој/таа може да ја доживее вашата одбрана како напад врз него/неа. Само кога вашиот партнер/ка е убеден/а дека навистина сакате да слушнете и да разберете и дека нема да ги напаѓате или омаловажувате нејзините или неговите чувства, тој или таа ќе биде подготвен/а да се отвори повеќе за своите ранливи чувства и потреби.

Како да допрете до својата ранливост и да ги побарате љубовта и разбирањето кои ви се потребни?

Навистина, може да ви изгледа застрашувачки да зборувате за своите најдлабоки и интимни стравови, потреби и желби. Што ако го отворите своето срце пред партнерот и тој или таа биде критична, негативна или уште повеќе, се исмева? Во споредба со ова, многу побезбедно е да се нападне, жали или затвори. Но, само доколку се ризикува со ваквата ранливост, можете да го надминете повторувачкиот круг на напад и одбрана и да започнете нов разговор со искрен контакт и љубов.

Како да одговорите на обидите на својот партнер/ка да допре до вас преку отвореност и охрабрување?

Исто колку што може да ви изгледа тешко да зборувате од срце со својот партнер, може да ви биде еднакво тешко да бидете отворени за обидите на партнерот/ката да допре до вас. Можеби сте сè уште лути поради повреди од минатото и да се прашувате зошто му/и било потребно толку време. Или можеби сте изгубиле доверба бидејќи по години исполнети со расправии и недоволна близина убедени сте дека тој/таа не се грижи искрено за вас. Или можеби сте слушнале доволно критики дека не сте правеле доволно за вашиот партнер/ка да се чувствува посакувано и сакано. Или пак, можеби не сака да ризикува повторно да го отвори срцето, за да не биде повторно разочаран/а.

 

Ваквите „алтернативни“ вештини делуваат тешки и комплексни за примена. Повеќето книги кои се посветени за развој на комуникациски вештини за подобрување на врската со партнерот/ката, не ги ни споменуваат, а дури и онаму каде се објаснети, може да се тешки за паровите да ги користат самите. Сепак, доколку истите се користат правилно, посветениот труд и време навистина вродува со плод.

Доколку имате потреба и мотивирани сте да ја подобрите врската и развиете комникацијата, не двоумете се да се обидете со овие совети и секако да побарате професинална помош доколку не успевате самите да го достигнете она што го посакувате во вашиот однос.



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *