Како да кажете НЕ на детето? – чекори според возраста

Со поставување на соодветни ограничувања, му помагате на детето да ги одреди своите граници. Не е сè дозволено, а децата мораат да научат како да се грижат подобро за себе. Границите се учат во контакт и во дијалог со детето, и затоа ќе зависат од зрелоста на детето.

Дури и кога мислите дека е тешко да кажете „не“, никако не смеете да го удрите детето, да го истуркате или да му кажете нешто со презир. Како возрасна особа, морате да останете присебни и да кажете „не“ без напад на детето. Понекогаш, дури, е подобро да отстапите, отколку да дозволите ситуацијата да ескалира и да биде вон контрола. Во ред е постепено да отстапувате. Секогаш ќе имате нови прилики за одредување на граници.

Hedvig Montgomery, норвешки психолог и експерт за родителство, воспитание и детски развој, препорачува како да го направите тоа најефикасно, согласно возраста на детето:

Од раѓање до 18 месеци

Во текот на првите осумнаесет месеци од животот на детето не морате да кажете ниту едно „не“, иако можеби звучи по малку екстремно. Ако бебето посегнува да ја стави раката во камин, секако дека ќе морате нешто да кажете – важно е да го набљудувате детето за да не дојде до опасност, но не морате ништо да го научите за одредување на границите. Зборот „не“ на оваа возраст е прилично безначаен. Утехата, трпението, блискоста, закрилата во прегратките, се сите работи кои на децата во оваа возраст најмногу им значат.

Возраст од 18 месеци до 3 години

Проценете ја ситуацијата. Кажете „не“ со кратко објаснување ако е потребно. Покажете каде се границите на сопствените постапки и зборовите по нив. Научете го детето на најосновните работи како што е да застанува на тротоар и да не трча по улица. Вие и натаму сте исклучиво одговорни за сигурноста на детето. Кога детето сака нешто што вие не сакате да му дадето (колачи или чоколада), морате да користите едноставни реченици – „Не, нема тоа да го купиме денес“, а потоа се оддалечувате од тоа што детето го посакува и наоѓате нешто друго што ќе му го сврти вниманието.

Возраст од 3 до 7 години

Сега е потребно одлучно „не“ и нешто подолго објаснување. Бидете подготвени за тврдоглавоста на децата која „никогаш“ не отстапува, но имајте на ум дека вие сте возрасната личност и дека вие одлучувате. Обидете се да му дадете објаснување за своето „не“, доколку постои, но бидете свесни дека најважно е јасно да го кажете тоа, а да не го уплашите детето. Подоцна можете да му помогнете да се снајде со последиците од таа ситуација и да продолжи понатаму. Тоа често бара да ја разберете болката на детето поради тоа што нешто му е забрането, но и да бидете свесни дека тоа ќе помине.

Возраст од 7 до 13 години

Некои деца имаат природен талент за преговарање, а други на оваа возраст прават онака како што им кажуваат возрасните. Некои деца се плажат дека ќе погрешат, а други како воопшто да не се грижат за последиците. Без оглед на тоа, сите деца сакаат да соработуваат и да бидат омилени. Најчеста родителска грешка во оваа возраст, не е начинот на кој кажуваат „не“, туку што не се обидуваат да дознаат што детето навистина сака и што лежи во позадина на таа желба. Вежбајте да разговарате со детето за тоа што се случува, што тоа сака, помогнете му да разбере како се донесуваат одлуки. „Не“ во оваа возрасна група треба да биде спакувано во дијалог, а не во едноставна одлука. Постепено, добронамерната диктарура го зазема местото на експерименталната демократија. Имајте на ум дека и понатаму вие ја имате главната одговорност. Единствената разлика сега е што сега морате да го поведете детето со себе кога и да одлучувате за него.

Возраст од 13 до 17 години

На оваа возраст поголемиот број на ограничувања се воведува поради безбедноста на вашето дете. Тоа во голема мера потсетува на ситуацијата со сосема мало дете, кое секој пат ќе ви се противи. Тинејџерите се противат на сè затоа што тоа е природно и очекувано во таа развојна фаза. На таа возраст, одат од крајност во крајност и веруваат дека се сосем различни од вас. Потребна им е дискусија, потребно им е да знаат дека ги сакате, потребно им е да научат да ги изразуваат своите ставови и ограничувања. Исто така, потребно им е да знаат кои се правилата кога треба да бидат дома, кога смеат да излезат и дека не смеат да пијат и да земаат дроги. Внимателно одбирајте ги своите битки и не дозволувајте да ве манипулираат со аргументот „така сите прават“. Вашето семејство е единственото кое одлучува какви ограничувања ќе важат за било кој од членовите.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.