Како да научите да се сакате себе си?

Да научиме да се сакаме себе си е значајно за нашето целокупно функционирање, задоволството од животот, личната добросостојба и сликата за себе. Но како можеме да го постигнеме тоа?

Навистина може и да не биде толку едноставен и брз овој процес: Ние често велиме дека се сакаме себе си, но сепак нашите постапки, реакции и начинот на живеење го говорат спротивното. Да се сакаме себе си  е од клучно значење за нашиот личен развој, за исполнување на нашите соништа, за да развиеме здрави, исполнувачки врски со другите.

Како да научите да се сакате себе си?

Наместо само да си велите на себе си дека се сакате, обидете се со негување на сочувство за себе си преку овие практични чекори:

Грижете се за себе си како што се грижите и за другите луѓе

Звучи навистина едноставно, но многумина од нас не го прават ова бидејќи веруваат дека на тој начин ние сме себични или дека нашите потреби не се важни. Тие се важни! Не е себичност да се грижите за себе си. Сочувството со себе значи покажување грижа за своите чувства исто како и за другите луѓе. Однесувајте се кон себе на начин како што би се однесувал кон своите деца или најдобриот пријател – со нежност, внимание и грижа.

Одржувајте ги вашите граници

Направете листа на работи кои ви се потреби емоционално, работи кои се важни за вас, кои ве вознемируваат или ги повредуваат вашите чувства кога се игнорирани или повредени. Тоа може да вклучува да бидете ислушани; да добиете поддршка кога сте повредени; да прославите кога ќе успеете во нешто; да добиете љубов и нежност без да ја побарате; да знаете дека можете да се потпрете на некого. Сето тоа што вам ви е важно, е важно. И кога некој го игнорира тоа што ви е важно или ги преминува вашите граници, ќе знаете – бидејќи ве повредува. Не го игнорирајте тоа. Вашите чувства се тука да ви кажат што е правилно, а што е погрешно.

Дадете им до знаење на луѓето кои се вашите граници и што ќе толерирате, а што нема да толерирате. Ако се извинат, можете да им простите. Доколку не го направат тоа, или продолжат да ги игнорираат вашите граници и потреби, треба да поставите последици за истото. На пример, ако му кажете на вашиот партнер/ка дека ви е потребно да бидете ислушани кога зборувате за нешто, но тој/таа постојано ве игнорира или ви вели да преминете преку тоа, вие можете да одговорите со соодветни мерки, како на пример да најдете друга личност на која ќе се доверите. Исто така, можете да ја преиспитате врската. Врските се предодредени да бидат однос на двостраност и во неа треба да добивате љубов, прифаќање и почит исто колку и другата личност. Со тоа што преземате активности за задоволување на своите потреби и сте асертивни, ја градите својата самодоверба бидејќи ги зајакнува верувањата, во себе и во другите, дека заслужувате да бидете сакани и добро третирани.

Правете го тоа што ви е потребно за да бидете тоа што се

Прво, откријте што е тоа што прави да се чувствувате добро. Не е важно што е, но станете свесни за тоа што чувствувате кога ги правите тие работи. Дали се чувствувате исцрпено на работа, но релаксирано кога работите во градината? Дали се чувствувате радосно кога им читате на своите деца? Исполнети ли сте кога пишувате поезија или волонтирате? Откријте што е тоа што прави да се чувствувате добро и правете го тоа, колку што можете почесто. Правете го она што го сакате и не дозволувајте некој да ве обвинува за тоа.

Сите овие работи ќе ви помогнат да развиете чувство на оствареност, чувство на самодоверба и чувство за себе дека вредите, дека сте талентирани, способни личности кои заслужуваат љубов. И личноста која е најважно да верува во тоа сте вие.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.