Како да воспоставите контакт и да разговарате

Добриот однос со другите луѓе е од голема важност за нашата самопочит. Но, за да воспоставиме некаков однос со другите луѓе мораме прво да ги запознаеме, односно да го направиме првиот контакт.

На многу луѓе, ненадминлив проблем им претставува започнувањето разговор со личност која не ја познаваат, дури и кога тоа навистина го посакуваат. Таквиот став е лесно препознатлив. На пример, на прослави и забави се држат најчесто само до оние луѓе кои добро ги познаваат. Доколку немаат позната личност со нив, тогаш вообичаено стојат на страна и одвај кажуваат збор-два со некој кој е обидува да зборува со нив. Вкочанети се, неприродно се смешкаат, непријатно им е и сакаат што поскоро да си заминат.

Како да воспоставите контакт и да разговарате

Од друга страна, постојат луѓе кои без никаков проблем започнуваат разговор со секого. Тие уживаат на прослави и собири, без проблем влегуваат во контакт со различни луѓе и за разлика од првиот тип на луѓе, вообичаено им е жал кога дружбата завршува и треба да си одат.

Како да воспоставите контакт и да разговарате?

За да започнете разговор, не мора да кажете нешто спектакуларно, особено паметно или неповторливо. Но, нешто морате да кажете! Natali Zunin е автор на книгата за воспоставување на контакт – „Контакт: Првите четири минути“. Следат нејзините сугестии за тоа што можете да кажете за да воспоставите контакт со личност која не ја познавате:

  • Прашајте ја личноста како се вика
  • Кажете нешто за себе
  • Дајте и комплимент на личноста, на поголемиот дел од луѓето тоа им се допаѓа. Комплиментот е пријатен кога е искрен, специфичен и непретеран
  • Кажете некој коментар за околината – тоа е најчест и највообичаен начин. Личноста на тоа ќе одговори нешто, што ви овозможува да го продолжите разговорот
  • Барајте информации – многу луѓе сакаат да бидат прашани за нивното мислење. Одговорот на прашањето веројатно ќе поттикне разговор
  • Можете да кажете дека сте забележале нешто специфично. Поголемиот дел од луѓето би сакале да слушнат за нешто такво. Сепак, внимавајте да претерате со „специфичноста“

Како да разговарате?

Кога ќе воспостават првичен контакт, многу луѓе стравуваат како ќе продолжат со разговорот. Најчесто ни се чини дека нема што да се каже или ништо не ни паѓа на памет. Вистина е дека никој не може да не научи перфектно да водиме разговор, освен тоа разговорот зависи и од другата личност, но има совети кои може да ви бидат од помош:

  • Кога ќе ви дојде некоја идеја на памет – кажете ја. Немојте премногу да размислувате дали е паметна или не, како на најдобар начин да ја кажете или што останатите ќе мислат за тоа. Ако така правите, би се спречувале било што да проговорите;
  • Насочете го вниманието кон другите луѓе, а не кон своите реакции. Можеби забрзано ви чука срцето, или дишете брзо, не е важно. На тој начин ќе го пренасочите вниманието од себе (на пример од стравот да не се посрамотите пред другите или слично) на другите луѓе и на самите теми на разговор;
  • Кажете го она што го мислите, а не она што сметате дека би требало да го кажете. Секако, добро е да внимавате да не кажете нешто непристојно или навредливо. Но, се друго е дозволено. Луѓето чувствуваат кога сте автентични и кога верувате во она што го зборувате. Сè останато звучи наметнато, неприродно и нејчесто е непривлечно.
  • Секогаш имате и друга шанса. Ако кажете нешто со што не сте задоволни, секогаш можете да се поправите. На пример, кажете: Всушност сакав да кажам… или Можеби не бев јасен/а… секогаш може да помогне.
  • Запомнете дека грешките се нешто нормално. Не може да разговарате, а никогаш да не направите никаква грешка. Тоа е можно само ако постојано молчите!

Во ситуациите кога ви се чини дека навистина нема што да кажете и ништо не ви доаѓа на памет, постои еден добар излез – слушајте и прашувајте. Поголемиот број од луѓето сакаат да зборуваат, а ретко кој е подготвен да слуша. Со тоа луѓето ќе ви бидат благодарни ако покажете волја да ги слушате. И прашувајте! Мнозинството луѓе сакаат да зборуваат за себе. Притоа внимавајте прашањата да не се премногу лични.  Прашајте на пример: „Каде работите? Како ви се допаѓа тоа? Во кое училиште одат децата? Што мислат за денешното образование?“ Најдобро е да се надоврзете на она што го зборувал соговорникот. Доколку спомене работа, прашајте за работата, ако ги спомене децата, прашајте за децата. Така, ќе бидете сигурни дека не сте одбрале тема која е непожелна.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.