Како да воспоставите позитивна комуникација со своето дете и зошто е таа толку значајна?

Позитивното комуницирање со децата им помага да развијат самодоверба, чувство за сопствена вредност и добар однос со другите луѓе. Исто така, ваквата комуникација го прави животот попријатен и позадоволен како за децата, така и за родителите.

Како да воспоставите позитивна комуникација со своето дете и зошто е таа толку значајна?

Позитивната комуникација се фокусира на почитта која ја имаме кон детето, вклучувајќи ги зборувањето и слушањето воедно. Комуникација е она што го кажуваме и начинот на кој го кажуваме тоа. Во таа смисла, децата се осетливи не само на содржината на кажаното, туку уште повеќе на – тонот на гласот, невербалната комуникација (гестови, говор на тело, фацијална експресија итн.) како и емоцијата која ја носиме и изразуваме. Позитивната комуникација води кон нега и зацврстување на врската, градење соработка и чувство на вредност. Слабата комуникација пак, може да ги води децата кон нерегистрирање на возрасните, конфликти и недоразбирања, и чувство на безвредност.

Возрасните понекогаш имаат тешкотии да комуницираат позитивно со децата кога се присутни интензивни чувства – свои или на нивните деца. Сепак, постојат начини како родителите да ја подобрат комуникацијата со своите деца.

Свртете го кон вас вниманието на детето пред да му зборувате

Децата можат да се сконцентрираат само на една работа истовремено. Погледнете директно во него и викнете го по име. Допирот за рамо, или држењето за рака ќе ви помогне да го добиете неговото внимание.

Комуницирајте на исто ниво како и детето

Комуникацијата е многу поефективна ако двете страни се на исто ниво. Во овој случај, родителите се тие кои треба да се спуштат на нивото на детето. Воспоставувањето на контакт со очи со детето ви дозволува да знаете дека тоа го има вашето внимание и е многу попријатно за детето.

Зборувајте на начин како тоа навистина да ви значи

Изнесете ги цврсто важните барања. Употребете цврст тон на гласот, без да звучите луто или како да молите. Кажете му на детето што сакате да направи и зошто. Дадете му јасни и доследни насоки. Притоа, не заборавајте на вашиот телесен говор. На тој начин треба да покажете дека сте сериозни и дека очекувате детето да се усогласи со вас. Кажете му на детето „Те молам“, „Благодарам“, „Повели пак“. Давањето соодветни лични примери е најдобриот начин да се добие посакуваното однесување од детето. Децата, исто така заслужуваат да бидат третирани со почит и љубезност како што и ние возрасните очекуваме тие да се однесуваат кон нас. За децата поверојатно е да се однесуваат на овој начин ако и ние самите со однесуваме така кон нив и кон другите. Исто така, упорното досадување на детето да кажува „молам“ или „благодарам“ дава лош пример. Тие поверојатно е да развијат љубезност и почит ако не се потсетувани постојано за тоа.

Давајте едноставни барања

Многуте барања делуваат збунувачки за малото дете. Потрудете се вашите барања да бидат кратки, јасни и доследни. Ако еднаш се смеете, а друг пат му се разлутите на детето за одредено негово однесување (на пример кажување вулгарен збор), му испраќате контрадикторни пораки.

Употребувајте повеќе позитивни отколку негативни барања

Позитивната комуникација со децата вклучува употреба на повеќе „Ајде“, отколку „Немој“. Со други зборови, кажете му на детето што да направи, а не што да не прави (на пример – ајде да ги собереш играчките за да биде чисто, наместо – немој да растураш). Децата многу побрзо реагираат на позитивни барања, отколку на негативни. Исто така, секогаш овозможете му на детето да прави избори кога може. Тука може и да употребите по некој трик. На пример, ако сакате вашето дете да изеде некое овошје или зеленчук, прашајте го дали сака да ги изеде резенчињата сечкани на крукчиња или на квадратчиња (или слично, бидете креативни, така и ќе го натерате да го направи она што сметате дека е добро за него, а тоа ќе се чувствува уважено и слободно во носењето избор со тоа што навидум му нудите избор).

Зборувајте со – а не на – детето

Возрасните треба да зборуваат со децата со почитта и вниманието кои им ги даваат на пријателите. Понекогаш, возрасните поминуваат многу време во зборување „на“ детето, така што го занемаруваат делот на слушање во комуникацијата.

Зборувањето со детето му овозможува да знае дека не само што имаме нешто да му кажеме, туку дека сме исто така волни да слушнеме што тоа има да каже.



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *