Каква порака ни оставаат турските серии?

Сите се пред своите мали екрани, во текот на утрешниот ден децата заедно со наставниците ќе ја прераскажуваат последната епизода од нивните омилени серии. Женските главни ликови закопчани до гуша со модринки по лицето, плач, некаква си традиција и чест… Сè уште не можам да сфатам зошто, кога една телевизија почнува да емитува шпанска серија, сите останати го прават тоа? Во моментов се актуелни турските серии па откако една телевизија почна со емитување на турска серија, сите останати продолжија со „трендот“. Тренд на уназадување. Телевизиите како највлијателен медиум нè уназадуваат, а тоа е така бидејќи на програмите нема никаква разновидност, туку само турски серии кои зборуваат за семејни вредности и критериуми за пристојно однесување. Критериуми во кои главните ликови во сериите страдаат, но тоа е за нивно добро бидејќи се зачувува честа на семејството. Некако ми е страв што денешниве деца растат со овие серии, а секако влијанието од телевизијата е најголемо. Се надевам дека турските серии нема да бидат репер за нивното однесување во иднина и како тие ќе ги воспитуваат своите деца.

Каква порака ни оставаат турските серии?

Темата на една серија од овој тип отприлика е ваква: жената нема право на збор, децата од 13 години имаат договорен брак, девојчето (млада невеста) затруднува на свои 14 години, секако нема право да го доврши школувањето затоа што веќе има дете за чување. Девојката која е силувана на почетокот на серијата, на крајот се заљубува во силувачот, па во последната епизода се мажи за него.

Сето ова е многу језиво кога ќе размислиме зошто воопшто се емитуваат серии со ваква содржина и која е пораката која ни ја испраќаат? Дали некој сака да ни испрати некаква порака или сето ова е некаква случајност? Доколку е случајност, дали луѓето одговорни за увоз на овие серии имаат малку совест?

Па така, наместо да одиме напред кон западот, ние се соочуваме со една регресивна ситуација и носиме норми од земји каде се практикува каменување на силуваната девојка од страна на нејзиниот силувач и целото село. Правда? Логика? Разум? Секако дека нема, а веројатно и тука кај нас на никој не му е грижа и не размислува за последиците кои може да ги донесат ваквите серии по сите домашни канали. Среќа што имаме кабелска и сателитска, но не верувам дека сите имаат пристап до далечинското за да сменат програма. Веројатно некое мало дете во моментов си игра пред телевизорот додека неговата баба гледа некоја од овие серии…



Психолог, Семеен и системски советник. Лиценциран од Комора на психолози на РМ. Претседател и основач на Здружение Психоинтегра. Работно искуство во областа на клиничката психологија. Советувач во психолошко советувалиште на Здружение Доверба и координатор на проекти од областа на зависностите и психодијагностиката.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *