Карактеристики на емоционално зрелите луѓе

Емоционалниот живот има централно значење во животот на човекот. Сепак, луѓето често не знаат да ги препознаат јасно своите чувства, или пак не знаат соодветно да се справат со нив. Емоционалната зрелост е значајна за развојот на сите аспекти на психичкиот живот на човекот како – психичкото здравје, воспоставувањето и развојот на задоволувачки односи со блиските, образовното и професионалното функционирање.

Карактеристики на емоционално зрелите луѓе

Што всушност претставува емоционалната зрелост?

Емоционалната зрелост ја вклучува способноста да се препознаваат и изразуваат пријатни и непријатни емоции и чувства на начин кој е здрав и соодветен за ситуацијата. Во таа смисла емоционалната зрелост подразбира и личноста ја прифати реалноста за луѓето и нештата онакви какви што се, без потреба да ги менува.

Карактеристики на емоционално зрелите луѓе:

  • Зрелата личност поседува повисоко ниво на толерантност на фрустарија од лицата кои се емоционално незрели. Зрелата личност без голем отпор е подготвена да ги прифати ограничувањата, лични или од средината.
  • Способност за конструктивно справување со непријатни чувства. Кога се незадоволни, незрелите лица бараат некого да обвинат. Зрелата личност бара решение. Незрелите луѓе го напаѓаат човекот, а зрелите го напаѓаат проблемот. Зрелата личност ја користи лутината како извор на енергија  за наоѓање решение за своите проблеми.
  • Способност да се постави позитивно кон животното искуство. Зрелата личност учи од животните искуства и кога тие се позитивни ужива во нив. Кога пак се негативни, тој/таа ја прифаќа личната одговорност и е убеден/а дека може да научи од нив, за да го подобри квалитетот на живеењето.
  • Емоционално зрелата личност е релативно ослободена од симптоми на тензија (анксиозност). Спротивно на ова, незрелите луѓе често се чувствуваат несакани и ја избегнуваат реалноста. Тие се песимисти во однос на животот и лесно се вознемируваат. Зрелата личност има доверба во својата способност при остварување на целите.
  • Способност за соочување и справување со реалноста. Емиционално зрелите луѓе се соочуваат со проблемите, а емоционално незрелите луѓе ги избегнуваат.
  • Способност да се споделат чувства . Емоционално зрелите лица ги покажуваат соодветно своите чувства, додека незрелите личности може да имаат потешкотии во покажувањето и прифаќањето на чувствата.
  • Потреба за заемно споделување. Поради сигурноста во себе, зрелата личност си дозволува да ги уважи и да вложи напор во однос на потребите на другите луѓе, со цел да го подобри нивниот квалитет на живеење. Кај зрелата личност постои рамнотежа на давање и примање во односите со другите луѓе. Емоционално незрелата личност или е подготвена да се жртвува за друга личност, но без да сака да прими, или доколку добива нешто од друга личност, не сака да даде.

Во секојдневието човекот постојано е предизвикуван  и одговара емоционално. Вообичаено е луѓето да чувствуваат тага, лутина, среќа или страв во одредени ситуации. Проблеми настануваат тогаш кога емоционалните одговори се несоодветни. Лицата пак, кои имаат развиена емоционална зрелост и свесност, одговараат соодветно на стимулсите. Емоционалната зрелост е значајна за квалитетот на живеењето на човекот и е еден од важните индикатори за менталното здравје.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.