Катастрофални очекувања: разбирање и третман

„Катастрофалните очекувања се сеќавања“ – Фриц Перлс

Повеќето од нас се соочуваат со ситуации во кои очекуваме нешто катастрофално да се случи, или едноставно нештата да тргнат во лоша насока.

Ваквите очекувања се ирационални верувања дека ако e можно нешто лошо да се случи, тогаш тоа и ќе се случи, притоа замислувајќи ги најлошите можни последици.

Катастрофални очекувања

Сте се запрашале ли од каде потекнуваат ваквите очекувања?

Често, станува збор за некои непријатни случувања од нашето минато, најчесто детството, поради кои сме го оформиле верувањето дека и во иднина не чекаат слични такви настани. Можностите и сценаријата се безбројни, особено во нашата глава.

Областите за катастрофични очекувања можат да бидат општи или специфични. Може да се однесуваат на било кој аспект во животот (генерализирани), или пак да се концентрирани само на одредени области (сликата за себе, работата, партнерските односи, здравјето итн.).

Поекстремна форма на ваквиот трансфер на искуство од минатото во иднината претставува пост трауматското растројство. Овде станува збор за трауматично искуство или серија трауматични настани кои водат кон очекувања на слични трауматски настани во иднина.

За лицата кои често се обременуваат со катастрофални очекувања, тригерот е во можноста. Дури и да е најмала, најлошото можно сценарио автоматски изрипува и се доживува како реална закана (ги активира деловите во мозокот каде се депонирани претходните искуства и емоциите врзани за нив). Бидејќи веќе еднаш (или повеќе пати) се доживеало вакво искуство, личноста размислува на начин – ако веќе еднаш ми се случило ова, зошто не би се случило повторно? Следно, личноста презема сè што може да направи за да се заштити од „евентуалната“ закана. Но, ако очекувањата и стравовите не соодветствуваат на реалната ситуација и всушност не ни постои реална закана, личноста може да е заглавена во несвесен механизам на повторувачка одбрана од своите мемории, наместо да одговори спонтано и адекватно на новите случувања.

Свесноста дека катастрофалните очекувања се всушност спомени е еден од начините да се разлее набиената енергија која произлегува од ваквите очекувања.

Катастрофални очекувања

Сепак, ширење на свесноста и зајакнувањето на личноста, иако навидум едноставен процес, не е секогаш лесен и пријатен, но плодовите од целиот процес го прават вреден и од исклучително значење за личноста.

Лицата кои се соочуваат со вакви потешкотии често чувствуваат дека не можат да воспостават контрола над ваквите реакции, или пак стравот е толку силен, што кога постои и најмал ризик реагираат одбранбено, дури и ако се свесни дека автоматскиот механизмот кој го развиле не води кон развој на личноста, туку спротивно.

Чувството на страв е дел од природата на човекот кое има свои корисни заштитни функции, исто така негативните искуства се неизбежни во животот на човекот, па дури и принесуваат за зрелост и развој на личноста доколку им пристапи на правилен начин. Сепак, доколку почнете да се раководите во својот живот според ваквите стравови и катастрофални очекувања, или пак тие се премногу вознемирувачки за вас, можеби е време да си помогнете и да побарате професионална поддршка и помош.

Психотерапијата е метод кој може да ви биде од исклучителна помош да ги интегрирате минатите искуства и да научите да се носите со стравовите и ризиците, бидејќи за жал или за среќа тие секогаш ќе постојат…  При тоа, љубовта и поддршката како квалитети низ целиот процес, се незаменливи поттикнувачи за подобро креативно прилагодивање на личноста и надминување на блокадите и незадоволствата предизвикани од нив.

 



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.