Кога е најдобро да посетите психолог

Одлуката да се побара помош не е секогаш лесна. Барањето помош од психолог е комплицирано поради тоа што кружат стереотипи кои се поврзани со менталното здравје. Но, вистината е дека чекорот кон барањето помош е избор кој означува храброст и зрелост. Свесноста за својата состојба и справувањето со неа со помош на стручно лице, може да донесе единствено бенефит. Вообичаено, одлуката да се отиде кај психолог е процес во кој личноста станува свесна за својата ситуација или дискомфорт, и сфаќа дека времето сепак не ги лечи раните според очекуваното, и разбира дека можеби е потребна помош за да се дојде до решение на одреден „проблем“.

На ист начин како што е бесмислено да се трпи забоболка, нема никаква смисла да се издржува емоционалната болка. Важно е да се знае дека не е страшно доколку не сме во можност секогаш и со сè да се справиме самите. Во многу случаи, освен што времето не е доволно за да ги излечи раните, туку само дополнително додава лутина, омраза и фрустрација. Мораме да земеме во предвид дека репресираните емоции, порано или подоцна ќе излезат на виделина. Чувствата и траумите кои не се изразени се акумулираат во несвесното, а одредени ситуации може да поттикнат тие да експлодираат. Во други случаи, ден по ден, тие прераснуваат во негативни мисли и однесувања кои ги нарушуваат односите со луѓето од околината и претставуваат пречка за остварување на среќата.

Посетата на психолог не значи дека треба да се случи единствено кога се чувствуваме лошо. Не е потребно да се чека до моментот кога вистински ќе започне страдањето. Грижата за менталното здравје означува висока свесност и подготвеност да се работи на себе, наместо да се изразуваат негативните чувства кон околината и да се биде постојано нервозен и незадоволен. Добро е да се знае дека обучените психолози можат да помогнат и при носење важни одлуки во вашиот живот, продлабочување на вашите потреби и креирање појасна визија за животот кој сакате да го живеете. Добар професионалец може да ви помогне драстично да го промените вашиот живот за да се постигнат посакуваните цели, да се подобрат интерперсоналните односи или да се развие поголема самодоверба.

Кога е најдобро да посетите психолог

Психологот не ви ги решава проблемите, тој ви помага вие да дојдете до решението.

Психологот е лице кое ќе ве ислуша без да ве осуди, а времето поминато со него е време кое ќе го посветите на грижата за себе. На сесијата можете да зборувате за што сакате, без да размислувате дека може да бидете осудени или искритизирани. Иако не сме целосно свесни, понекогаш ни е потребна доза на безусловно прифаќање. Од психологот ќе добиете објективно гледиште за работите. Тој нема да ги каталогизира вашите искуства како „добри“ или „лоши“, туку ќе ви понуди професионална гледна точка на она што се случува. Со оглед на тоа што не е емоционално вклучен во проблемот, ќе ви даде објективна перспектива со цел заеднички да дојдете до решение.

Понекогаш едноставно не знаеме што се случува со нас, емоциите нè спречуваат да размислуваме јасно и нè туркаат да донесеме одлуки на кои инаку не би ни помислиле. Во моментот кога сме преоптоварени со негативните мисли, сме спречени да гледаме на работите какви што реално се. Бидејќи конфликтите се дел од секојдневието, во текот на сесиите ќе добиете нови алатки кои не само што ќе ви помогнат да дојдете до решението за моменталниот проблем, туку и за оние кои ќе се појавуваат во иднина, а психологот ќе ви помогне не само во разбирање на себеси, туку и на другите. Важно е да се знае дека психологот нема магично стапче кое веднаш ќе даде решение за вашите проблеми, меѓутоа ќе ви обезбеди техники и стратегии за елиминирање на негативните навики.

Пред да посетите психолог, истражете за искуствата на блиски луѓе и проверете релевантни страни од областа на психологијата за препорака. За време на посетата, очекувајте дека психологот ќе поставува прашања за вашата позадина и причината поради која сте дојдени. Вие, исто така, можете да ги поставите прашањата на кои сакате да добиете одговор во однос на сесијата. Доколку сте загрижени, имате право да прашате за доверливоста, иако се подразбира дека психологот мора да го зачува за себе сето она кое ќе го споделите.



Психолог, едукант на семејна и системска психотерапија.
Лиценциран од Комора на психолози на РМ.
Претседател и основач на Здружение Психоинтегра.
Работно искуство во областа на клиничката психологија. Советувач во психолошко советувалиште на Здружение Доверба и координатор на проекти од областа на зависностите и психодијагностиката.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *