Кога потребата за „сигурност“ станува хронична несигурност и застој на личноста

Секое ново искуство и чекор кон напред содржи во себе можност за неуспех. Во психотерапијата многу често се сретнува кај клиентите конфликт на потреби , а тие се – потребата за движење кон напред, развој и остварување, и потребата да се остане таму каде што е личноста „на сигурно“.

Кога потребата за „сигурност“ станува хронична несигурност и застој на личноста

Она што е сигурно е дека не постои вистинска сигурност, бидејќи тогаш личноста, селфот, би бил фиксиран, а една од есенцијалните квалитети и движечка сила кај човекот е постојаната потреба за раст, развој и движење кон напред. Постојаната потреба за сигурност кај личноста е само знак дека таа личност е во постојан страв.

Неподготвеноста да се искочи надвор од зоната на комфор и да се влезе во ново искуство води кон избегнување на животот т.е. избегнување на неуспех, ризик и болка кои се неизбежен дел од животот. Со тоа личноста станува безживотна, со слаб контакт со себе и со окружувањето. Уште позначајно е што кога личноста ги избегнува непријатните страни на живеењето, истовремено ги избегнува и пријатните страни. Освен тоа, ова води кон ограничување на свесноста и отуѓување од личното искуство, од автентичноста на личноста.

Ова значи и дека личноста има недостиг на вера и надеж, бидејќи вербата значи и знаење дека ќе се стапне на цврсто тло доколку се направи чекор. Кога личноста нема верба, и’ недостига иницијатива и храброст за потешки и посложени животни цели. Накратко, се доаѓа до слабеење на иницијативата, до зависност и истото води кон постојана грижа, несигурност и подреденост.

Социјалните стандарди нас нè научиле да се плашиме од неуспех. За една просечна и добро прилагодена личност карактеристично е да живее со реална или имагинарна публика или со критичните родители во својата глава. Човечки е понекогаш во животот да се доживее и неуспех во работата, љубовта, родителството итн. Кога ќе се паднеме и повторно станеме учиме подобро да се спознаеме и прифатиме себе си. Ова ни помага да оствариме блискост со другите луѓе и да ги прифатиме и нивните слабости. Да се влезе во нешто ново и да се ризикува бара подготвеност за неуспех. Неподготвеноста за ризик од неуспех, исто така, нè води кон изолација. Иронично,  но вистинито, неподготвеноста за неуспех нé лишува од успех, исполнетост и развој. Подготвеноста за неуспех ни помага да се видиме себе си  такви какви што сме, човечки, како сложена мешавина од слабост и сила.

Селфот се развива низ контактот. Сите проблеми во функционирањето настануваат на границите на контактот. Развојот е единствено возможен само преку прифаќање и изразување на личноста таква каква што е, преку движење и вложување во нови искуства. Растејќи, селфот ризикува, но ризикува и ќе страда ако долго избегнува ризик.

 

Извор:

Работен материјал – Радмила Стојанoвиќ Костиќ



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.