Кои се вашите вредности

Личноста којашто има ниска самопочит, има научено за себе да мисли  негативно. Таа нема доверба во себе и своите способности и често смета дека другите луѓе се поспособни и попаметни од неа. Но, тоа воопшто не мора да биде така. Многу интелигентни и способни луѓе имаат негативно мислење за себе. Тие често знаат да западнат во опсесивни мисли и доживувања за своите недостатоци и слабости, но не и за своите вредности.

Откријте ги своите вредности

Многу од нив, исто така веруваат дека насочувајќи се кон своите недостатоци и обидувајќи се да ги намалат, со време и ќе успеат во тоа. Сепак, психолозите препорачуваат еден сосем поинаков пристап сметајќи дека многу поделотворно е наместо да се насочувате на негативните особини кои сакате да ги промените, да развивате некои други позитивни кои на прв поглед можеби и немаат со вас никаква врска. Да речеме дека некоја личност е срамежлива и дека сака да ја реши оваа своја особина. Може да се присилува и да излегува со друштво, да комуницира со луѓе, да не се повлекува и слично. Но, постои и поинаков пат. Можеби, истата личност е талентирана за пишување поезија. Во тој случај, психологот би можел да ја советува да пишува, да испраќа поеми во списанија и на натпревари, да посетува вечери на поезија и слично. Таквата однесувањето може да доведе до позитивна промена (објавени песни, позитивни критики итн.). Успехот може да делува и на самопочитта на личноста, бидејќи станува посигурна во себе, а со тоа и поотворена, па и помалку срамежлива.

Тоа не значи дека со упорност не може делумно или целосно да се решиме од некои непожелни особини. Веројатно ќе ни треба многу време и енергија. Иако нам таа особина не ни се допаѓа, сме се научиле на неа, сме се навикнале и уште повеќе (свесни за тоа или не) имаме некоја корист од неа и причина зошто сме ја развиле. На пример, знаеме дека пушењето е штетно, но ни помага во намалување на напнатоста. Доколку престанеме со пушењето, наградата ќе ја добиеме во иднина. Во наредните години ќе бидеме поздрави отколку ако продолжиме со пушењето. Од друга страна „казната“ е моментална. Напнати сме и нервозни и мислиме на тоа како цигарата би можела да не смири. Во тоа е и најголемиот проблем кога се обидуваме да промениме некоја свој маана. Позитивните последици следат во иднина, а негативните се моментални. Поради тоа, нашата мотивација не трае долго.

Делотворно е да се обидеме да измениме некоја наша особина на индиректен начин. Таквиот начин само на прв поглед изгледа подолг. Ако пушиме поради напнатост, постои можност бавењето со некоја активност во која уживаме или имаме успех да ја намали напнатоста, а со тоа и потребата за пушење.

Следните вежби може да им помогнат на луѓето со ниска самодоверба:

Вежба.1

Прв дел: Земете еден лист хартија и поделете го на два дела исцртувајќи линија на средината. На едната половина запишете ги своите силни страни, а на другата своите слабости. Направете го тоа брзо и без многу размислување.

Втор дел:

  • Дали запишавте повеќе позитивни или негативни особини?
  • Која особина ви беше најтешко да ја запишете?
  • Ако сте запишале помалку позитивни особини, допишете ги, така што бројот ќе биде еднаков.

Трет дел: Кога ќе ги изедначите бројот на позитивни и негативни особини, допишете уште 10 свои позитивни особини. На личностите со ниска самодоверба тоа може да и биде тешко, но потрудете се да не отстапувате додека не завршите.

Повторувајте ја оваа вежба еднаш месечно.

 

Вежба.2

Прв дел: Одберете личност која ја доживувате за посебен авторитет или исклучително ја цените. Тоа може да биде личност која ја познавате, личност за која само сте слушнале, или лик од некој филм или книга. Потоа опишете ја таа личноста: наведете што знаете за неа и особините поради кои и се воодушевувате. Тоа може да го сторите усно или да го запишете.

Втор дел: Сето тоа што сте го кажале/запишале во првиот дела на вежбата сега повторете го во прво лице еднина (јас сум..).

Многу личности со ниска самодоверба имаат тешкотија да ја изведат оваа вежба, особено ако се работи пред други луѓе. За некои пак оваа вежба е вистинско откритие и ги поттикнува да направат нешто што претходно им се чинело сосем недостижно.

Размислете: Не сте избрале случајно одредена личност за оваа вежба. Некои од особините кои ги поседува ги имате и вие. Треба само да ги откриете. Нешто од тоа што го може таа го можете и вие. А можеби и сè!



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.