Која е врската помеѓу туберколоза и ХИВ?

ХИВ е вирус кој ја предизвикува болеста СИДА. Го напаѓа имунитетот на организмот поради што постепено се намалува неговата способност да се брани од различни надворешни фактори и други причинители (микроорганизми).

Секој може да се зарази со ХИВ! Не постојат ризични групи, постои само однесување кое го зголемува ризикот на пренесување (незаштитен сексуален контакт, контакт со заразена крв, од мајка заразена со ХИВ на своето дете).

СИДА е крајна манифестација на заразата со ХИВ која настанува кога одбраната на организмот е толку слаба при што се јавуваат различни болести, меѓу кои најчеста е туберколозата.

Туберколозата е заразна болест која е предизвикана од бактерија. Се пренесува преку воздухот и најчесто се заразуваат белите дробови, но можат да бидат опфатени и други органи. Се додека одбранбените способности на заразениот организам се добри заразата ќе биде под контрола, односно нема да се појави болеста.

Туберколозата е една од најчестите и најраните манифестации кај лицата заразени со ХИВ!

  • Во светот живеат околу 9-10 милиони лица со ХИВ и туберколоза;
  • Кај ХИВ позитивните лица веројатноста да добијат туберколоза е 50 пати поголема отколку кај ХИВ негативните;
  • Туберколозата е најчеста причина за смрт кај лицата заразени со ХИВ (едно од три ХИВ+ лица умираат од туберколоза).

Симптоми на ТБ кај ХИВ позитивно лице:

  • Кашлица подолга од 2-3 недели, искашлување крвав искашлок;
  • Потење (особено навечер), треска и покачена температура;
  • Намален апетит и намалена телесна тежина.

Доколку ХИВ инфицираното лице забележи појава на вакви знаци, задолжително треба да се јави кај својот лекар да се тестира за туберколоза!

Постојат лекови за ХИВ и туберколоза!

Лекувањето на ХИВ инфицираните лица се врши на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Терапијата за ХИВ е Бесплатна и Достапна за пациентите.

Лекувањто на туберколозата се врши на институтот за белодробни заболувања и туберколоза во Скопје и е Бесплатно и Достапно.

Туберколозата успешно се лекува ако редовно се земаат лековите препорачани од специјалист за белодробни заболувања и туберколоза.

Препораки:

Секое лице кај кое ќе се открие зараза со ХИВ, треба да се тестира дали има и туберколоза! Доколку има, истата треба навремено да се лекува!

Секое лице кај кое се открива туберколоза треба да се советува да направи и ХИВ тест! Рано откривање на заразата со ХИВ е основа за правилно следење и навремено лекување на лицата заразени со ХИВ!

Доколку постоел било каков контакт при кој може да има ризик за пренос на ХИВ, треба да се направи ХИВ тест!

 

Изработено од ХОПС




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.