Криза на меѓучовечност

После долга пауза и необјавена нова колумна, настанот од пред неколку дена ме поттикна да кажам збор или два. Бевме сведоци на настан во Хрватска каде жена за направен прекршок, поминување на црвено светло на празна улица беше брутално приведена и повеќе од пет минути држена на земја. На младиот дечко кој се побунил за односот кон жената, од страна на полицаецот му било речено „Тргни се! Или сакаш и тебе да те приведам?“ Пораката е јасна „Јас го спроведувам законот – Јас сум законот“.

На анкетите, поголемиот број од граѓаните застануваат на страната на полицаецот затоа што жената во години, а со тие години неминовен процес на пропаѓање на телото, зголемени шанси за деменција, остеопороза, катаракта и глауком, срцева слабост, зголемен крвен притисок и ревматски заболувања пружала силен отпор при приведувањето. Во коментарите исто така е оправдано неговото однесување како „дисциплина“ за жената. Се прашувам каква е таа дисциплина за скоро седумдесет годишна жена? Се замислив што би било доколку на сите постари женички низ градов им скока по некој полицаец и им крши колк при приведување затоа што поминале непрописно. Најверојатно и некоја од нив при приведувањето ќе го загуби животот. Дали полицаецот треба да го зема во предвид сето ова додека приведува постара жена? Да! Сè треба да земе предвид. Како и задолжителна посета на обуки водени од страна на искусни психолози што е практика во некои други земји кои одат напред.

„Полицаецот постапувал според закон“. Во секој закон има дупки, но доколку одиме според закон можеби и нема основ за негово казнување. Па, сите оние кои во коментарите и анкетите застанаа на страна на полицаецот, би сакал да знам како би реагирале доколку на тоа видео ја препознаат својата мајка или блиска роднина?

Она што е следно за коментирање и е интересно, истражувањата велат дека работното место „полицаец“ е едно од најпосакуваните од страна на личностите со психопатска структура (што не е секогаш случај!). Па, колку на Балканот се почитува психологијата и се дава важност на психолошкото тестирање или тоа е една формалност која треба набрзина да ја заокружи секој кандидат кој аплицира за работното место? За разлика од тука, повторно во тие како што ги нарекуваме „поразвиени земји“, додека ние сме „земји во развој“ кои тапкаат во место, обучени психолози се важна алка од работата на полицијата. Но, кај нас како и да е, повторно е голема веројатноста и ова вработување да оди „со врски“ па нема потреба да се малтретираме или да двоиме дополнителни средства од буџетот.

Вреди да се коментира и да се земе во предвид дека во Балканските земји сè уште нема почитување на основните човекови права и законите во државите. Законите се најмногу почитувани во оние земји каде судството функционира беспрекорно и сите граѓани се еднакви пред законот. Се почитуваат исто така во земји каде секој граѓанин кој сака да работи, може рамноправно на конкурс да дојде до работно место без протекции и непотизам, а воедно се вреднува неговото знаење кое е потребно за да биде корисен член на општеството и да ги завршува работните обврски. Ние сме далеку од тоа, кај нас квалитетните кадри заминуваат надвор.. но, тоа е тема за некоја друга прилика. Накратко се почитуваат законите онаму каде што политичарите се плашат за својот углед и барем се обидуваат и тие да ги почитуваат, а со тоа им се праќа јасна порака на граѓаните дека и тие мораат исто да се однесуваат. Политичарот е некој вид модел за граѓанинот. За разлика од земјите каде законите се почитуваат, не се почитуваат онаму каде народот секојдневно слуша дека оние „на врвот“ ја „однеле“ државата, па во тоа дегутантно секојдневие граѓаните живеат од ден за ден без да почувствуваат стабилност и сонувајќи за иднина некаде далеку од својата родна земја.

Да се разглоби оваа тема накратко е невозможно, па затоа ќе сумирам. Во сите земји, врвот на политичките елити се пример за тоа како треба се однесуваат граѓаните. Впрочем една политичка партија е на власт и е таму каде што е бидејќи народот ја гласал, а секој гласач го заокружува оној кој смета дека е најблиску до неговите ставови. Латентно безредие зад маската на демократското уредување има онаму каде политичарите не ги почитуваат законите, па соодветната реакција на пораката која се праќа, е и народот да се „протне“ заедно со нив. Па, така тоа станува еден круг кој нема кој да го пресече и си трае повеќе од дваесет години.

Па, дали жената доколку не се наоѓаше на Балканот ќе поминеше на црвено? Никогаш нема да дознаеме. Но, доколку животниот стандард и дозволи да живее пристојно, доколку не се фрустрира и не се прашува зошто нејзиното дете не може да дојде до работно место и тоне пред нејзините очи.. Доколку може да си дозволи да отиде на годишен одмор, и не е блокирана во една балканска земја каде секојдневно сите ТВ програми и народот околу неа зборуваат за тоа кој повеќе ја ограбил нејзината земја.. Доколку може пристојно да посети болничка установа со човечки услови без да мисли дали докторот е на тоа работно место поради неговиот квалитет или влегол на сив начин и може да и го загрози животот и да не одговара за тоа.. Доколку може на суд да ги бара нејзините права и случајот не и остане во некоја од нивните фиоки.. Доколку нејзиниот ум би бил порелаксиран и живее достојно како што живеат нејзините врсници во некои други земји, можеби и немало да биде нервозна, исфрустрирана и стушна.

Дали после сето ова, во нашите балкански општествa сериозниот проблем кој треба да се реши е една жена која непрописно поминала улица? Можеби, откако ќе се решат сите горенаведени.



Психолог, едукант на семејна и системска психотерапија.
Лиценциран од Комора на психолози на РМ.
Претседател и основач на Здружение Психоинтегра.
Работно искуство во областа на клиничката психологија. Советувач во психолошко советувалиште на Здружение Доверба и координатор на проекти од областа на зависностите и психодијагностиката.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *