Личност и црти на личноста

Дистинктивна одлика на човекот е личноста. Таа е најбитниот, управувачкиот дел на човекот. Често е определена како средишен или виш дел на менталноста. Пошироко се определува и како севкупност на ментални појави и надворешни активности кај единката. Попрецизно, личноста е сложена динамична ментална творба што дејствува, доживува, осмислува и управува со индивидуата.

Личноста функционира интегрирано и усогласено според различните специфичности на единката. Индивидуата, во текот на својот развој, постепено се усовршува и се формира во личност, со тоа што сè повеќе осознава, ги усвојува општествените искуства и ја развива својата активност.

Личноста е резултат на заемното влијание на наследството, средината и активноста на единката. Секоја личност има свое специфично однесување, кое се карактеризира со доследност, единство и особеност.

Во контекст на функционирањето и пројавата на личноста, Ајзенк ги идентификува ретикуларната формација и лимбичкиот систем како клучни за кортикална реакција и потоа за соодветната емоционална реакција. Дава и објаснување дека екстровертите имаат ниско ниво на кортикална возбуда, додека интровертите имаат високо ниво и тоа ги води екстровертите кон тоа да бараат постојана стимулација надвор, во социјализацијата.

Мек Кре истакнува дека личноста е продукт на биолошка детерминираност која е обликувана под влијание на процесот на социјализација, односно како резултат на усвоените ставови, вредности, идеи и правила на општествено однесување.

Структурата на личноста ја претставуваат нејзините особини/црти и нивната поврзаност. Цртите на личноста претставуваат можности што се манифестираат при определени услови и зависат од биолошките диспозиции на личноста.

Цртите на личноста се всушност не-когнитивни својства кои ја одредуваат и регулираат менталната и бихејвиоралната активност. Тие ги побудуваат, енергизираат и регулираат менталните процеси и состојби. Цртата постојано (долготрајно) се пројавува во поведението / однесувањето на личноста. Активирањето на цртата зависи од ситуацијата, поточно од доживувањето и сфаќањето на ситуацијата. Општо, цртата зависи од личноста (од други верувања, црти итн.) и од моменталната состојба на индивидуата.

Цртите имаат два пола. Тие се делат на динамички и стилски, површински и длабински, периферни, централни, кардинални, општи и индивидуални. Некои примери за црти се: отвореност – затвореност, избувливост – воздржаност, спокојност – вознемиреност, плашливост – храброст, сигурност – несигурност, трудољубивост – мрзеливост… итн.

Основата за цртите на личноста се наоѓа во темпераментот (кој е вроден, наследен) на бебето и индивидуалните разлики се појавуваат веднаш. Петфакторскиот модел на личноста е мапиран во димензиите на детскиот темперамент, што значи дека цртите (невротицизам, отвореност, екстроверзија, совесност и соработливост) се присутни во раното детство. Понатаму во детството, цртите на личноста се развиваат и се менуваат. Главните реструктурирања и промени се случуваат во адолесценцијата и младоста, за во периодот на возрасност да бидат релативно стабилни.

Цртите на личноста се развиваат и се менуваат во интеракцијата со околната, во зависност од социоемоционалното приврзување, но најактивниот период во нивниот развој е во младоста од 20 – 30 години. Како фактори кои влијаат на нивното појавување и развој се сметаат генетските фактори, меѓутоа генотипот (збир на сите гени на еден организам), води до определен фенотип (севкупност на особините на еден организам  кои се резултат на земно, генетските и срединските услови во кои се развива организмот) само под определено надворешно влијание и околности. Од срединските фактори најзначајно место зазема родителскиот стил на приврзување со детето, верувањата и ставовите на родителите.

Карактеристичните адаптации се социјално условените феномени како што се: ставовите, вредностите, идеите и сл. Базичните тенденции и карактеристичните адаптации влијаат врз создавање на поимањето за себе и сликата за себе и самопочитувањето.

Петфакторската теорија истакнува дека диспозициите да се биде анксиозен, ентузијастичен или  адаптиран се ендогени (внатрешни) базични тенденции, а начинот на кој се манифестираат овие диспозиции е моделарен под влијание на искуството и културно-социјалниот контекст. Искуството во релациите од околината од самиот момент на раѓање, низ раното приврзување се секако од битно значење во моделирањето на ендогено предиспонираните базични тенденции во развојот на цртите на личноста.

Процесот на создавање на селфот е процес на постојано издвојување на себе си од другите, а раното приврзување и најраните релации се секако од голема важност во успешното реализирање на овој процес на доживување на себе си.

 

Извори:

Боневски, Д.,Новотни, А., Ралева, М., (2015) Стрес и анксиозни растројства низ различни животни фази. Скопје

Јанаков, Б. (2010), Личност (работен материјал). Скопје: Филозофски факултет



Психолог, Интегративен и Гешталт советник.
Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“.
Области на интерес и делување: Психолошко советување, Психотерапија и Човечки ресурси.
Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење.
Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *