Метод на поистоветување

Овој метод може да се определи како метод со помош на кој личноста презема црти од некои други личности, при што ги прави составни делови од својата сопствена личност.

Единката учи да ја намали напнатоста обликувајќи го своето однесување по углед на некое друго. Личноста го бира оној кој изгледа поуспешен во задоволувањето на своите потреби во споредба со него. Детето се поистоветува со своите родители затоа што тие изгледаат семоќно во текот на годините од раното детство. Со самото растење на децата тие за поистоветување ќе наоѓаат други луѓе чии достигнувања повеќе се усогласуваат со нивните актуелни желби.

метод на поистоветување (1)

Кај детето постои тежнеење секој период да има свои карактеристични ликови за поистоветување. Непотребно е да се зборува дека повеќето од овие поистоветувања се одвиваат несвесно, а не како би можело да изгледа, со свесна намера. Обично се бараат оние одлики за кои се верува дека ќе помогнат за остварување на посакуваната цел.

Во процесот на поистоветување има доста обиди и грешки бидејќи обично не сме сигурни што е тоа што другите личности ги прави успешни. Дали поистоветувањето помага да се намали напнатоста? Ако помага, квалитетот се презема, а ако не помага, се отфрла.

Поистоветувањето е можно како со други човечки битија така и со животните, замислените ликови, апстрактни идеи и неживи објекти.

Користејќи го поистоветувањето како метод, личноста може повторно да се здобие со некој кој бил изгубен. Поистоветувањето со саканата личност која умрела или од која некој човек бил разделен, повторно се оживува како составна одлика на неговата личност.

Децата кои биле отфрлени од страна на своите родители тежнеат да остварат силно поистоветување со нив, со надеж дека повторно ќе ја здобијат нивната љубов. Можно е и поистоветување со некои личности од страв. Детето се поистоветува со забраната на родителите за да ја избегне казната.

Дефинитивниот склоп на личноста претставува збир на бројни поистоветувања создадени во разни периоди од животот, иако мајката и таткото најчесто се најважни ликови на поистоветување во животот.

 

Извадок од: Основи на психоанализата – Вангелица Гаврилова




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.