Метод на поместување

Доколку при првиот избор на инстинктот, тој се покаже непристапен поради надворешни или внатрешни препреки (противвложување), се создава ново вложување, освен ако не дојде до силно потиснување. Ако новото вложување е исто така спречено доаѓа до силно поместување и така сè додоека не се најде објект кој ќе доведе до извесно ослободување на пригушената напнатост. Тогаш се влегува во тој објект сè додека овој не ја изгуби моќта за намалување на напнатоста после што ќе настане потрага по друг попригоден објект за цел.

Во текот на низата на поместувања која во толку голема мера го сочинува развојот на личноста, изворот и целта на инстинктот остануваат непроменети, се менува само објектот.

Заменетиот објект ретко или никогаш не го задоволува инстинктот или не ја намалува напнатоста како првобитниот објект, а колку заменетиот објект е помалку сличен на оргиналот, толку помалку е намалена напнатоста. Како последица на бројните поместувања се создава фонд на неиспразнета напнатост која делува како постојана мотивациона сила на поведението. Личноста е во постојано трагање кон нови и подобри начини за намалување на напнатоста.

Метод на поместување

Сето ова се објаснува со променливост и разнообразност во поведението како и неуморноста на луѓето. Од друга страна пак, личноста со текот на годините помалку или повеќе се стабилизира благодарение на компромисот помеѓу нагонската снага на инстинктот и отпорноста на јас (его) и над-јас (супер его). Секој компромис е во исто време и откажување. Личноста се откажува од нешто што го сака, а не може да го има и прифаќа нешто второ или трето, најдоброто што може да го има.

Според Фројд развојот на цивилизацијата бил можен благодарение на сопирањето на примитивните избори на објектите и насочување на енергијата на инстинктот во социјално прифатливи и културно креативни текови.

Поместувањето кое создава поголемо културно постигнување се нарекува сублимација. Фројд во врска со ова приметил дека заинтересираноста на Леонардо да Винчи за сликање на Мадона (Богородица) била сублимиран израз на желбата за интимност со својата мајка, од која бил одвоен во чувствителниот период. Сублимацијата не завршува со потполно задоволување, па поместувањето секогаш има некаков остаток на напнатост. Оваа напнатост може да се ослободи само во облик на нервоза или немир, состојба која Фројд ја смета за цена со која луѓето ја плаќаат својата цивилизирана положба.

Правецот на поместување го одредуваат два фактори, а тоа се:

  • Сличност на заменетиот објект со оргиналот
  • Санкции и забрани наметнати од друга страна на општеството

Факторот на сличност всушност е степен на поистоветување на два објекти во психата на личноста. Да Винчи попрво би ја сликал Мадона или некоја аристократка отколку некоја сиромашна жена бидејќи мајка му си ја замислувал слична на Мадона, а не на некој друг вид на жена.

Општеството, кое влијае преку родителите и други авторитети, некои поместувања ги одобрува, а некои ги става вон законот. Моќта и способноста за заменување на објектот на вложување е најзначаен механизам во развојот на личноста. Сложената мера на интересирања, склоности, вредности, ставови и приврзаност која ја обликува личноста на возрасното човечко битие е можна благодарение на поместувањето. Кога душевната енергија би била непоместлива и неразделива не би бил ни развојот на личноста. Човекот би бил само механички робот натеран инстинктивно да ги извршува фиксираните обрасци на поведението.

 

Извадок од: Основи на психоанализата – Вангелица Гаврилова



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.