Метод на слободни асоцијации

Методот на слободни асоцијации во психоанализата за прв пат е воведен од страна на Сигмунд Фројд во периодот од 1892 – 1898 година. Целта на овој метод била да ја замени хипнозата како техника во истражувањето на позадината на неврозата од која страдале неговите пациенти.

Метод на слободни асоцијации

Овој метод е таков што во тераписката сесија се бара од клиентите слободно да ги споделуваат своите мисли и зборови, сè што им доаѓа на ум, без разлика на тоа колку тие се соодветни или поврзани едни со други. Тој сметал дека на овој начин им се дава слобода на пациентите да дојдат до потиснатите содржини и внатрешните конфликти, бидејќи со слободното изнесување на мисли и чувства без нивно судење и проценување (без цензурата на „супер-егото“), ние проектираме внатрешни содржини кои инаку ги спречуваме да дојдат до светлината на свесноста поради непријатноста и болката при соочувањето со нив.

Фројд сметал дека ваквата техника помага во превенирањето на три главни проблеми кои се јавуваат во текот на терапијата:

Трансфер – несвесен процес на пренос (поместување) на чувства и мисли кои клиетот ги има кон една личност на друга (процес кој во текот на терапијата клиентот го прави на терапевтот).

Проекција – несвесен процес на пренос на чувства, мисли, односно личносни содржини од себе на друга личност.

Отпор – блокирање на одредени непријатни чувства или сеќавања.

Како функционира овој метод?

Во изворната форма на оваа техника, од клиентот се бара да ги вербализира или да ги запише сите свои мисли кои му/и доаѓаат на ум, без нивно судење или проценување, односно без утреба на цензура. Слободните асоцијации не претставуваат линеарна шема на мисли. Клиентот може да продуцира недоследен тек на мисли како куче, црвено, мајка, бега, или може да „скока“ случајно една емоција или меморија на друга. Смислата на техниката е преку слободните асоцијации да се откријат врски и поврзаности преку кои клиентите можат да откријат потиснати сеќавања и емоции.

Современа форма на слободни асоцијации

Техниката на слободни асоцијации воведена од Фројд, во својата изворна форма денеска вообичаено не се користи во психотерапијата, дури и во современата психоанализа. Денешната психотерапија нуди техники како модифицирани верзии на слободните асоцијации, каде терапевтот може да побара од клиентот да се наврати на сите сеќавања околу некој настан, да ги искаже првите зборови кои ќе му дојдат на ум додека гледа некоја слика, или да се охрабри клиентот да ги запише сите мисли кои му доаѓаат на ум во одредена ситуација.

Критика на методот на слободни асоцијации

Главната критика на овој метод е што клиентот може да дава претерани асоцијации кои можеби и не се од значајна поврзаност со неговата личност и искуствата. На пример, личноста може да започне да се сеќава на ситуации поврзани со неговата мајка, потоа да се потсети на некој текст од песна поврзан со тие ситуации, а потоа да продолжи со именување музичари. Ова може да создаде појава на асоцијации и спомени кои всушност не постојат.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.