Митот за „алфа мажјак“

Постојат многубројни дихотомии, помалку или повеќе погрешни и стереотипни, но еден мит кој навистина е постојан и буквално чини човечки животи гледано низ историјата е митот за „алфа“ и „бета“ мажите.

Стереотипната приказна за „алфа“ мажите е ваква – „Алфа“ мажи се оние кои се на врвот на хиерархијата на социјалниот статус. Тие имаат поголем пристап до моќ, пари и пријатели кои ги добиле преку физичка сила, заплашување и доминација. „Алфа“ мажите се опишуваат како „вистински мажи“ наспроти „Бета“ мажите кои се слаби, покорни, подредени и кои добиваат пристап до жените само кога тие одлучуваат да се „смират“ и се во потрага по „фино момче“.

Митот за „Алфа мажјак“

Ваквата категоризација е базирана на набљудувања на други социјални животни (како шимпанза и волци) и даваат црно-бела слика во однос на маскулиноста. Овој пристап, на крут начин го потценува она што човекот може да постане развивајќи ги своите потенцијали. Освен тоа, кога даваме само две категории на мажи, непотребно се ставаат во заблуда младите мажи за однапред дефинираните начини на однесување, кои всушност не се погодни за привлекување и одржување на здрави и задоволувачки односи со жените, или постигнување успех во другите области во животот. Затоа, вреди да се истражи поврзаноста меѓу „алфа“ однесувањето (како што е доминацијата) и атрактивноста, почитта и статусот.

Теорија за доминација

На темата доминација и нејзината поврзаност со атрактивноста и сексуалната привлечност, направени се повеќе истражувања. Според резултатите на едно од нив, спроведено од страна на Jerry Burger and Mica Cosby, доминацијата се смета за сексуално атрактивна, додека агресивноста и авротитарноста не ја зголемувале сексуалната атрактивност ниту кај мажите, ниту кај жените. Сепак, истражувачите сметаат дека димензите доминација-субмисивност имаат ограничена вредност кога е во прашање предвидувањето на преференциите на жените.

Најчестите карактеристиките кои биле издвоени за „алфа“ мажите во ова истражување од страна на испитаниците се: агресивен, асертивен, доминантен, авторитарен и самоуварен. Од друга страна, карактеристиките за „бета“ мажите биле: лежерен, тивок, чувствителен, покорен, срамежлив. Резултатите, исто така укажуваат на тоа дека чувствителноста и самоувереноста не се спротивни категории. Дури, комбинацијата на љубезност и самоувереност биле најатрактивниот спој на карактеристики.

На прашањето со која од овие карактеристики би го опишале својот идеален партнер, само една од 50 жени одговорила – доминантен. 72% од нив одговориле – самоуверен, 48% одговориле асертивен, ниту една жена не сакала посесивен партнер, а 12% сакале агресивна личност за партнер.

Во однос на карактеристиките на „Бета“ мажите, одговориле дека во однос на дадените карактеристики кај нивниот нивниот идеален партнер преферираат – лежерен 68%, чувствителен – 76%, срамежлив – 2%, тивок – 4%.

Во друго истражување,  Lauri Jensen-Campbell со соработниците, пронашол дека доминацијата како карактеристика сама по себе не е сексуално атрактивна за жените, туку комбинацијата на доминација заедно со просоцијалното однесување. Со други зборови, доминацијата ја зголемува сексуалната атрактивност на мажите кај поголемиот дел од жените, само кога личноста освен доминанта е воедно и шармантна и алтруистична.

Доминација наспроти престиж

Во нашиот вид, постигнувањето на социјалниот статус може да се постигне освен преку сочувство и соработка, и преку агресија и заплашување. Социјалните психолози веруваат дека овие две спротивни категории – доминација и престиж, се јавиле во еволутивната историја во различно време со различни цели.

Доминацијата е поврзана со заплашување, закани, принуда и слично, и потркрепена е со надмена гордост. Надмената гордост пак е поврзана со ароганција, суета, анти-социјално однесување, невротичност, нарцизам, емоционална нестабилност и пониско ниво на ментално здравје. Ваквата гордост, заедно со овие чувства на супериорност и ароганција, ја поткрепува доминацијата со однесувања кои се агресивни, непријателски и манипулативни.

Од друга страна, престижот е поврзан со емотивниот наплив за остварување, доверба и успех и поткрепен е со автентична гордост. Автентичната гордост е поврзана со просоцијалното однесување, согласноста, совесноста, задоволувачките меѓучовечки односи и доброто ментално здравје. Автентичната гордост е придружена со здрава самодоверба (сметајќи се себе си за личност која вреди, а не за супериорна личност во однос на другите луѓе). Луѓето со вакви карактеристики на автентична гордост, постигнуваат и поголем престиж.

Сепак, изведувањето заклучок дека доминацијата е „лоша“, а престижот е „добар“ е  многу поедноставено и наивно. Она што често се заборава во определбата дали некој е „алфа“ или „бета“ е тоа дека статусот е релативен, односно неговата определба е зависна од контекстот. На пример, во услови кои се опасни и загрозувачки, „алфа“ мажјакот е високо ценет бидејќи тој може да дојде до тоа што сака и му треба и може да обезбеди средства за оние кои ќе го следат. Но, во поинакво општество, „алфа“ маж може да биде и оној кој владее, или пак оној кој е интелектуално супериорен.

На крајот, можеме да заклучиме дека ниту „алфа“, ниту „бета“ се најпосакувани мажи. Генерално, истражувањата кажуваат дека идеален маж (во смисла на романтичен партнер) е оној кој е асертивен, самоуверен, лежерен и чувствителен (што е комбинација од издвоените карактеристики и на „алфа“ и на „бета“), без да биде агресивен, посесивен, доминантен, тивок, срамежлив или потчинет.

Всушност, престижниот маж кој е и асертивен и љубезен се смета за најатрактивна комбинација за жените за краткорочни и долгорочни односи.  Понатаму, насојувањето кон престиж не е само што е најсигурниот пат до жените, туку и пат до постигнување на успех во било која област во животот. Тоа подразбира освен развој на вештини кои се корисни за општеството, и развој на стабилно чувство за личен идентитет. Таквото настојување не само што ќе биде привлечно за жените, туку доведува и до лична сатисфакција.

Време е да ги отфрлиме црно – белите категории за маскулиноста и да прифатиме дека концептот за машкоста е посложен од тоа. Најатрактивните мажи се мешавина од карактеристики како асертивност, добрина, социјални вештини и чувство за лична вредност. Всушност, „вистинскиот алфа“ е подлабок, побогат и поисполнет од стереотипниот „алфа“.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.