„Моќ заедно со“, наместо „Моќ врз“ – како единствен успешен метод за решавање конфликти

Конфликтите се неизбежен дел од секојдневието на секоја личност. Се јавуваат како неминовен резултат на нашиот комплекс на висока вредност, како и на натпреварувачкото и често пребирливо општество. Конфликтите се дел од интерперсоналните и професионалните односи, бидејќи секој од нас има сопствени идеи, ставови и потреби.

Токму затоа, начинот на кој се им пристапуваме на нашите разлики со другите, во голема мера го одредува квалитетот на нашето живеење.

„Моќ заедно со“, наместо „Моќ врз“ – како единствен успешен метод за решавање конфликти

Како најчесто ги разбираме

За жал, поголемиот дел од луѓето кои можеби се во конфликт го согледуваат истиот како негативно искуство (ваквиот став всушност ги намалува шансите за ефективно справување). Многумина мислат дека конфликтите се безнадежна вежба каде двете страни се борат за она што го сакаат. Токму затоа, кога се користи конфликтното партнерство (како ефикасен метод, кој подолу е објаснет), потребно е истрајност и посветеност биејќи луѓето најчесто се навикнати на неефикасно справување со конфликтот.

Позитивната моќ на конфликтите

Еден од првите чекори во градењето вештини за ефикасно справување со конфликти е да се разбере позитивниот потенцијал, кој се наоѓа како потенцијал во секоја ситуација на неслога.

Првата перцепција која треба да се трансформира е видување на конфликтот како нарушување на редот, негативно искуство, грешка или недоразбирање.

Конфликтот всушност е производ на разноликоста која може да биде искористена за разјаснување на одност, за откривање дополнителни начини на размислување и мислења за дејствување кои можеби не сте ги увиделе и кои отвораат можности за подобрување на односот.

Така, процесот на конфликтно партнерство е активен, креативен и моќен процес кој води кон развој и продлабочување на односот (без разлика на карактерот на односот како – политички, деловен, партнерски, семеен).

Пет најчести (но неефикасни методи) на решавање конфликти

Пристап на освојување

Обете страни прават сè што можат за да создадат перцепција дека другата страна е грешка преку казнување на престапничката страна и наградување на оштетената. Овој начин е толку чест, што дури и фините луѓе некогаш се фаќаат себе си како прават зли нешта кога се соочени со конфликт, ако немаат конструктивно искуство во решавање конфликт. Ваквиот пристап не прави ништо за да ја зајакне врската. Преку злоставување на послабиот, доминација и манипулација, силата е разбрана и употребена на деструктивен начин каде страдаат сите страни.

Пристап на избегнување

Постојат повеќе различни причини зошто личноста би зазела ваков став. Некои се преправаат дека конфликтот го нема зошто немаат доволно доверба во своите способности да се справат со истиот, или дека воопшто признавањето на постоењето на конфликтот е понижувачки. Или пак поради често распространетото верување дека времето ги лечи раните, т.е. со игнорирање дека ќе исчезнат.

Други луѓе пак, признаваат дека конфликтот постои, но одбиваат да се конфронтираат со другата страна. Постојат неколку причини: Конфронтацијата се согледува како исклучиво непријателско однесување; Луѓето понекогаш се плашат дека доколку еднаш се конфронтираат, битката ќе биде неминовна, во која некој нужно ќе излезе како губитник; Стравуваат дека повеќе нема да припаѓаат во групата или дека ќе бидат исклучени од односот во кој се.

Трета форма пак на избегнувачки пристап е кога страните се фокусираат на сосем други неважни проблеми за да не се фокусираат на главната причина. (Пример за тоа е кога сопружниците се расправаат за алиштата, садовите или децата, но главниот проблем во односите е нешто друго)

Пристап на ценкање

Овој пристап го гледа разрешувањето на конфликтот како игра во која делови од барања и интереси се разменуваат, а успехот се дефинира со тоа колку многу едната страна добива.

Ваквиот пристап е неуспешен бидејќи е насочен кон барања кои ги прави секоја страна, (перципирајќи ја другата страна како онаа која нешто бара) игнорирајќи ги потребите, перцепциите, вредностите, целите и чувствата кои се срцето и душата, сржниот идентитет на вклучените лица.

Пристап на завивање или брзо решавање

Многу луѓе се чувствуваат толку непријатно кога се во конфликт што посегнуваат кон било какви брзи решенија (ефект сличен на ставање завој врз инфицирана рана).

Овој пристап создава илузија дека им се пристапило на основните проблеми и дека нештата ќе течат добри сами по себе без важни прашања да бидат расчистени и разрешени. Ова вообичаено доведува до влошување на конфликтот. Овој пристап ја намалува довербата во разрешувањето на конфликтот и страните не искусуваат подолготрајно подобрување на конфликтот и воопшто односот.

Пристап на играње улоги

Општеството и дава на секоја улога одреден статус, очекувања, моќ и права. Голем број на лица непотребно се кријат зад своите улоги во справување со конфликтите. Кога луѓето им пристапуваат на конфликтите на начин што улогите го одредуваат резултатот и така може да паднат во стапица.

Овој пристап наметнува нефер однос отфрлајќи го вредниот придонес што лицето со помала социјална моќ може да го даде. Освен тоа, создава спротивен однос меѓу страните.

„Моќ заедно со“, наместо „Моќ врз“ – како единствен успешен метод за решавање конфликти

Успешен метод на решавање конфликти

Пристапот на Конфликтно партнерство значи повеќе работи. Прво, тоа значи – ние, а не јас наспроти ти став. Со други зборови, ние работиме заедно заради подобрување на нашиот однос и справување со разликите. Во решавањето конфликти секоја страна е потребна на другата. Конфликтот, исто така, треба да се третира во општиот контекст на врската. Во таа смисла можеме да кажеме и дека конфликтот вообичаено ја нагласува врската повеќе отколку што го дефинира односот. Ваквиот став дозволува да не се губат од вид потребите, целите и другите позитивни аспекти на целината на врската.

Исто така, процесот на разрешувањето конфликти на овој начин се гледа како процес кој долготрајно допринесува за подобрување и продлабочување на односите. При решавањето конфликти значајно е сите вклучени страни да чувствуваат дека тие добиваат некоја корист од процесот. Конфликтното партнерство, всушност го комбинира градењето на врски со разрешувањето конфликти. Доколку со конфликтите се справиме ефективно, процесот може да се искористи за обновување на врската врз заемно покорисна основа и дури со избегнување на идните конфликти.

За овие цели потребно е страните да поработат, меѓудругото и на неколку клучни области. Односно, кога енергијата на разрешувањето конфликти се насочува кон четири групи на потреби, лични потреби, потреби на партнерот, потреби на врската и главната област на споделени потреби – тогаш процесот на разрешување конфликти ќе биде ефикасен и врската ќе се подобри.

 

Извор: „Осум есенцијални чекори кон разрешување конфликти“- Др. Дадли Викс



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *