Моќта на „незавршените работи“

Секој од нас носи со себе искуствата кои се непријатни и загрозувачки сè додека не ги завршиме, без оглед на времето кое минало. Поголемиот дел од луѓето имаат доволно голем капацитет за  недовршени искуства, што е добрo бидејќи во животот се соочуваме со многу такви ситуации. Сепак, овие искуства имаат тенденција да бидат завршени, така што потребата за завршување создава внатрешна психичка напнатост, која опстојува во нас сè додека таа потреба не се задоволи.

Моќта на „недовршените работи“

Доколку недовршената работа заземе централно место во нашиот живот, силата на нашиот ум станува попречена, а со тоа и можноста за задоволство во однос на себе и животот. До затворање се доаѓа или по пат на враќање на „недовршената работа“ во минатото, или преку поврзување со паралелните искуства во сегашноста. „Недовршени работи“ е една од позначајните теми обработувани во Гешталт терапискиот пристап.

Што всушност претставуваат недовршените работи?

Fritz Perls (оновач на Гешталт терапевтскиот правец) сметал дека недовршените искуства се оние ситуации од минатото, попратени со чувства кои никогаш не се целосно доживеани, освестени и изразени во дадена ситуација. Тие чувства може да се тага, бес, вознемиреност, жал, вина, одбивање. Ваквите чувства испливуваат во сегашноста, го нарушуваат остварувањето на автентичен контакт и доведуваат до однесување како опсесивност, компулсивност, крутост и самодеструктиви постапки.

Што укажува на постоење на недовршена работа?

Може да се посомневаме на недовршена работа тогаш кога личноста се наоѓа во застој или доколку ѝ е досадно да се занимава со одредена тема, кога смета дека тука нема за што да се зборува, дека сè е доволно кажано (тоа може да укажува на некои непријатни чувства или ситуации кои личноста сака да ги избегне преку чувство на незаинтересираност и досада). Од друга страна, и постоењето на невообичаена вознемиреност во врска со одредена тема може да биде индикативно.

Кои се последиците од недовршената работа?

Недовршеното искуство од минатото кое е многу силно, може да манифестира две екстремни можни исходи:

  • Од една страна, може да се јави опсесивност или компулсија, односно личноста да има ригидна потреба да се заврши недовршената работа, што доведува до крутост во однесувањето. Недовршената работа го окупира целото внимание и сите случувања во сегашноста личноста ги доживува во тоа светло. Ваквата крутост го намалува опсегот на отвореност во животот.
  • Другиот екстремен исход на недовршена работа е лабилностa. За неа е карактеристично што потребата за довршување на искуството не се задржува доволно долго во свесноста на личноста. Оваа личност ништо не може да држи доволно осветлено за да почувствува завршување и останува без границата што постои кога некој има чувство за почеток и крај. Личноста не се чувствува исполнето во животот и покрај значајните активности во кои е ангажирана.

Како Гешталт терапијата ја третира оваа психичка појава?

Истражување на позадината подразбира истражување на тоа како настанала недовршената работа, историјата, верувањата кои ја поддржуваат. Потребно е да се идентификува недовршената ситуација, најјасното сеќавање на недовршената ситуација, како и да се охрабри клиентот да ги освести чувствата, мислите и телесните сензации.

Соочување со проблемот има за цел да се пронајде начин да се појави она што е неизразено. Терапевтот ја фокусира работата директно на откривање на тоа како проблемот се одржува сега и овде.

Се вклучува и работа со имагинација која подразбира водење на фантазија и креативност во експериментирање со проблемот, низ играње улоги или фантазирање. Неопходно е клиентот на некој начин повторно да го преживее она за што зборува што ќе му овозможи завршување на недовршените работи. Терапевтот може да користи различни гешталт експерименти – разговорот за експериментот е заменет со акција што подразбира активност на клиентот и одигрување.

Во работата со недовршени работи со клиент, гешталт терапијата остварува своја цел – му помага на клиентот да стане единствена, целовита и интегрирана личност, да инвестира во својата животна енергија во автентичен контакт со другите и остварување на своите лични потенцијали.

Во идеален случај, личноста без „недовршени работи“ е слободна спонтано да се ангажира во било што што неа ја интересира и во тоа да остане додека нешто друго не и го привлече вниманието. Тоa е природен процес и личноста која живее во склад со тој ритам се доживува себе си како флексибила и ефикасна.

Изборот е само наш!



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.