Надминете го стравот преку соочување

Стравот е едно од основните чувства кое има значајна функција во насока на заштита и алармирање на организмот при опасност. Но, стравот може да биде и инхибиторен за личноста, особено ако е ирационален (како што е стравот од темница) и во многу случаи може да нè спречи од возбудливи искуства – јавен настап, занимавање со авантуристички спорт и активности, разговор со личност која ни се допаѓа итн.

Дали треба да ги предизвикуваме своите стравови?

Кога стравот е многу интензивен и нè обзема, станува главна основа на нашето однесување и преземањето актвности. Стравот, освен што ни ја одзема моќта, ни ги ограничува и искуствата, а дел од нив може да бидат значајни и да ни го направат животот поисполнувачки и поквалитетен. На пример, личноста може да сака да патува низ светот, но истовремено се плаши да лета со авион.

Соочувањето со стравовите е начинот преку кој го надминуваме парализирачкиот квалитет на ова чувство. Прашањето како и кога ќе го сториме ова е прашање на личен избор и одговорност, зад кој не може да застане никој друг освен ние самите. Другите личности и ситуации може само да имаат улога на давање мотивција и инспирација, која е исто така многу значајна во целиот процес. Затоа, опкружете се со луѓе кои ќе ви помогнат во неизбежните моменти кога ќе ви биде потребна храброст и истрајност.

Соочувањето и надминувањето на стравовите е фактор на личен развој. Потребна е храброст и ментална сила за да надминеме ситуација или искуството кое нè плаши и за кое првичната реакција ни е избегнување. За ова, потребно е да развиваме вештини за контрола на мислата, користење заштитни стратегии, контрола на внатрешниот говор и психолошко советување ако е потребно. Можеби зучи тешко, но животот без овие вештини, за кои е потребен личен влог, има повисока цена доколку гледаме на последиците. Изборот секако го правиме, дури и кога мислиме дека не носиме одлуки, прашањето е само дали го правиме изборот свесно-намерно или несвесно.

Соочување со стравот

Чекорите и времетраењето во надминувањето на стравовиите е процес кој е индивидуален и зависи од целокупното лично искуство. Поради тенденцијата за повлекување во зоната на комфорот и динамичноста на процесот на реедукација, пожелно е да бидеме водени од професионалец како психотерапевтот, кој ги разбира динамиките на процесите на промена.

Прифатете дека значајна промена нема да се случи одеднаш

Успесите најчесто се постигнуваат низ комплексен, на моменти обесхрабрувачки, но и возбудлив, исполнувачки процес на учење, преку обиди и грешки. Затоа, очекувано е кога учите нова шема на однесување, да правите грешки и да треба да се обидувате повторно (затоа и е пожелна помош од професионалец и искусна личност, за да колку што е возможно, да избегнете грешки и да избирате поефикасни стратегии за справување).

На почетокот, мудро е да ги имате целите во крајниот фокус, но не и да поставувате превисоки критериуми за перформансот во чекорите кои ги преземате.

Прашањето „а што ако..?“

Секоја претпоставка за исходот од некое однесување е наша конструкција. Оваа конструкција може да биде повеќе или помалку прецизна, зависно од тоа колку ги познаваме факторите во дадената ситуација со кои е поврзан исходот. Многу често и не располагаме со доволно информации за факторите за некоја ситуација за да донесеме прецизна, издржана претпоставка за некој исход. Оваа празнина, многу често ја полниме со катастрофични мисли – комбинација од информации од туѓи искуства, несреќи и сл. или со лични сеќавања од минати болни искуства, со цел да се заштитме од вакви исходи.

Повторно, изборот е наш дали ќе останеме во креираниот ужас во нашите мисли, повторувајќи ги одново и одново, избегнувајќи нови искуства,  или ќе искочиме од комфорот (најпрво со мали, прифатливи за нас чекори) и низ верба и надеж ќе делуваме во насоката која е посакувана за нас.

Држете ја во фокус крајната цел

Најголем дел од луѓето доживуваат огромно ослободување и моќ откако ќе се соочат со некој свој страв. Најтешкиот дел е излегувањето од зоната на комфор е соочувањето со стравот за прв пат.

Како и за сè останато во животот, така и справувањето со стравовите бара тренинг, верба, желба и истрајност. Најчесто, катастрофичните сценарија не се исполнуваат, и со соочувањето сфаќаме дека стравот и не бил толку „страшен“. На крајот, или ќе растеме сомнеж и катастрофични мисли за себе, светот и другите, или пак свесно ќе одбирме храброст, верба и акција. Голем е бројот на луѓето кои несвесно го бираат првото, но секогаш може било кога да се одлучиме за втората, можеби позастршувачка, предизвикувачка, но и поисполнувачка опција која води кон развој.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.