Нагласено чувство на вина

Она што истражувањата го покажуваат е дека неуспехот не мора нужно да води кон депресивност. Во еден експеримент на Селигман, една третина од кучињата кои се соочувале со искуство на неуспех, тоа не ги довело до научена беспомошност. Слично е и со луѓето. Многу зависи од тоа како ги проценуваме ситуациите на неуспех.

Нагласено чувство на вина

Кога луѓето се наоѓаат во ситуација на беспомошност, обично се прашуваат зошто се беспомошни. Некои може да мислат дека ситуацијата е таква и дека ништо не може да се направи. Други може да мислат дека не преземале сè што можеле да направат, додека трети може да се чувствуваат дека се неспособни било што да направат. Многу е проблематично ако беспомошноста се препише исклучиво на сопствената неспособност. Често личностите кои се депресивни поставуваат многу високи критериуми и стриктно се држат до нив. Штом не успеваат да ги одржуваат тие критериуми, склони се да се само-омаловажуваат и да се потценуваат. Други луѓе, во иста ситуација, едноставно применуваат флаксибилни стандарди или отстапуваат од моментално недостапните цели, отколку да се обвинуваат себе си.

Кога даваме најнегативно објаснување за одредена ситуација, тоа има тенденција да се интензивира. Личноста мисли само за тоа и се што и се случува станува само уште еден доказ за нејзината безвредност.

Самообвинувањето е насилство над својата личност

Кога личноста се обвинува, таа лошо мисли за себе си, се презира и склона е да се казнува. Кон самата себе се однесува како кон непријател.

Што би направиле кога другите луѓе би се однесувале кон нас на таков девалвирачки начин? Веројатно би се побуниле и би се бореле за својот интегритет. А истото тоа насилство знаеме да си го правиме на себе си. Ако за нешто навистина сме виновни, единствено што можеме да направиме е да не ја повториме грешката. Постојаното самообвинување нема ништо да промени.

Зад самообвинувањето стои суета

Негативната слика за себе е заедничка карактеристика на лицата кои се депресивни. Поради тоа, тврдењето дека зад самообвинувањето се крие суета може да звучи нелогично. Како што беше наведено, тавите личности имаат многу високи критериуми кон кои тешко покажуваат флексибилност. Грешите ги допуштаат кај другите луѓе, но не и кај себе си. Личноста тежнее кон совршенство. Тешко може да го поднесат фактот дека и тие се само луѓе: несовршени, со маани и грешки. Затоа, подобро е од себе да се престане да се очекува совршено однесување и своите постапки да се прифатат такви какви што се.

Замислете си особа која мора нешто да направи. Таа се обидува, се труди и дава сè од себе. Друга личност постојано ја надгледува, критизира, бара „влакно во јајце“, ја брза… Што мислите, како се чувствува првата особа? Веројатно многу непријатно. Тоа сигурно не би го препорачале никому. Зошто тогаш го правеле тоа на себе си?

Зад самообвинувањето стои недостаток на храброст

Често луѓето се самообвинуваат за различни работи, само поради стравот да не мораат нешто да променат. Така може да се случи некоја личност од нас да бара и да очекува премногу. На пример сопругот очекува од сопругата секогаш да биде уредна и расположена, куќата да биде совршено чиста, ручекот секогаш да биде готов на време и децата да не прават никакви проблеми. Секој пат кога нешто од ова недостасува, таа се чувствува виновна мислејќи дека е лоша мајка и сопруга. Но, тоа не е вистина. Сите нејзини пријатели се согласуваат дека станува збор за личност која добро се грижи за своето семејство. Грешките за кои зборувала се занемарливи. Вистинскиот проблем произлегувал од односот со сопругот. Би било поконструктивно да разговара со сопругот за неговите очекувања и да востановат што е реално, а што не. Таа не била во состојба за такво нешто и се плашела за тоа што може да се случи. Во тој случај и бил „полесен“ изборот да се обвинува себе си и да води однапред изгубена битка за совршенство.

Ваквата тенденција на личноста води кон погрешно процесирање на информациите. Вообичаените, секојдневни, непријатни ситуации се сметаат за трагедија, а ако дојде до соочување со одбивање, на тоа се дава значење „Никој не ме сака“. На тој начин, освен самообвинување се јавува и самосожалување, што дополнително ја влошува состојбата.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.