Наведната глава сабја не ја сече

Се обидуваме ли нешто да промениме и дали воопшто можеме да дојдеме до позиција на која искрено би можеле да смениме нешто на подобро? Се трудиме ли да се надградиме со знаење или трчаме по „звање“, ја задушуваме нашата љубопитност и почнуваме да живееме механички без да го вклучуваме мозокот, сè со цел да се заштитиме самите себеси. Да се заштитиме од фактот дека се соочуваме со потценување на знаењето и воедно сме пренатрупани со формални закони кои не се направени заради прогрес или подобар квалитет туку ете така, колку да ги има. Министрите виделе некакви закони надвор од нашата земја, па ќе ги применуваат кај нас, во земја каде не се исполнети ниту елементарните услови.

Моментално е актуелна темата за екстерно тестирање или државен испит. Некој дури го измеша и полагањето за лиценца. Сите три се разликуваат, но никој не излезе да ни објасни за што се работи, бидејќи сето тоа е за наше добро и ние треба само да слушаме, да си молчиме и да прифатиме сè што доаѓа од „големите умови“. А сè би било поедноставно доколку се подигне нивото на квалитет на факултетите. Да се обидат да состават литература на македонски јазик, да обезбедат поквалитетни предавања, пракса и здрава комуникација во релацијата професор-студент. Па потоа, за вработување на одредено работно место, тестирање на знаењето и примање на најдобрите кандидати. Но, така не би имало место за повеќето кои во моментов носат одлуки. Па единствено решение е да се малтретираат учениците кои на крајот нема да бидат загрижени колкаво знаење стекнале, туку дали ќе го положат испитот кој најверојатно ќе го доживеат како едно трауматично искуство кое ќе им ја убие креативноста.

Наведната глава сабја не ја сече

Гледајќи Al Jazeera Balkan се потсетив дека немаме информативен медиум кој ќе разбуди кај нас нешто што ќе не поттикне да размислуваме. Во последно време често наидувам на луѓе кои велат дека нема потреба толку да се вложуваме и нема потреба да се надградуваме бидејќи тоа нема никаква цел, едноставно со ништо нема да ни се врати. Зарем треба да останеме медиокритетна нација и да се задоволиме со било што?

На босанските вести видов луѓе кои во нивните очи имаа искра на надеж и искрена желба да направат нешто за својата земја и да ја подигнат на повисоко ниво. Ми беше драго додека ги гледав, на некој начин ми ја стоплија душата со нивната амбициозност. Отворена фарма за производство на млеко сè со цел да го намалат увозот. И тоа го дебатираат посветено, прифаќајки идеи од секој човек, без бесполезни дискусии за тоа кој колку украл додека бил на власт. Потоа следуваше професорка по англиски јазик која со 11 компјутери во целото училиште и интернет во само 1 училница прави креативни часови, се поврзува со земји од светот и им обезбедува онлајн настава на своите ученици каде тие ќе можат самите да поставуваат прашања. Бев фасциниран од надежта и упорноста на овие луѓе. Од истите вести слушнав и различни ставови за нашиот грб од наши сограѓани. Тука тоа не можеме да го видиме иако сме директно инволвирани во актуелната ситуација. Па, што е тоа што тие луѓе ги прави подобри од нашиве? Можеби едноставно стигнале до работното место по сопствена желба, со труд, после долги обиди и учење на својата професија, а не преку „мама и тато“ кои го обезбедиле работното место на тацна.

Кај нас обезбедија компјутер и интернет за секое дете, но за жал тоа не нè направи понапредни. Имаме странски инвестиции каде нашите луѓе работат за 150 евра. Дали и тука сме понапред? Имаме рекламни кампањи за задржување на младите мозоци во нашата земја, но дали некој сака да ги слушне идеите на тие млади луѓе кои би требало да бидат иднината на оваа земја и се гладни за напредување, но едноставно немаат врски за да стигнат до работно место.

Браво за Босна, верувам и искрено се надевам дека со крупни чекори ќе оди напред. Нас ни останува да гледаме бескрајно препукување и да продолжиме да тапкаме во место како и досега. Да го слушаме нашиот напатен народ како деноноќно дебатира на политички теми, а во меѓувреме да си течат вработувањата со партиска книшка и рамковен договор на лица со купени дипломи кои не се способни да чуваат ниту златна рипка.



Психолог, Семеен и системски советник. Лиценциран од Комора на психолози на РМ. Претседател и основач на Здружение Психоинтегра. Работно искуство во областа на клиничката психологија. Советувач во психолошко советувалиште на Здружение Доверба и координатор на проекти од областа на зависностите и психодијагностиката.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *