Невро Лингвистичко Програмирање

Невро Лингвистичкото Програмирање (НЛП) е модел кој се користи за усовршување во комуникацијата, личниот развој и постигнување посакувани промени.

Создаден е од страна на Richard Bander и John Grinder во САД, ‘70те години. Од своето создавање, сè до денес, забрзано се прифаќа и користи широко низ светот (како на индивидуално, така и на организациско ниво).

Креаторите на овој метод поаѓаат од идејата дека постои поврзаност меѓу невролошките процеси, говорот и бихевиоралните шеми (однесувањето) научени низ искуството (програмирање). Од таму, овој модел дозволува да создаваме нови начини на разбирање за тоа како вербалната и невербалната комуникација влијаат врз целокупното функционирање на личноста. Исто така, ни помага не само да препознаеме како да комуницираме подобро со другите, туку и да имаме поголема контрола над она што го нарекуваме автоматско невролошко функционирање.

НЛП се дефинира и како учење за структурата на субјективното искуство кое може да се пресмета и предвиди поаѓајќи од верувањата врз кои се темели однесувањето. Професионалците како Fritz Perls, Virginia Satir и Milton Ericson, имале одлични резултати со нивните клиенти. Врз делови од нивниот пристап, Richard Bandler извлекол инспирација за создавање модел кој потоа го применил во својата работа. Понатаму се креирале и сè уште се создаваат нови техники во рамки на НЛП.

Моделите кои го содржат НЛП опишуваат како работи човековиот мозок и се користат за да нè научат како да го подобриме нашето функционирање. НЛП не е дијагностичка алатка. Еден од клучните аспекти е што може најдобро да се научи од неговата практична примена, а далеку помалку од теоретското запознавање. Накратко, НЛП моделот е склоп на моќни техники за стекнување вештини кои може да ги употребите за да си помогнете на себе и на другите во усовршување на сите области во живеењето.

Стекнатите вештини може да се употребуваат за да се ослободите од нездравите навики и ограничените верувања, да изградите поголема самодоверба, создадете долготрајни здрави навики кои служат на вашето самоуправување, да го живеете својот полн потенцијал, да им помогнете на другите да направат полезни промени за надминување на бариерите кои стојат на патот кон нивниот развој… и многу повеќе!



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *