Основни човекови потреби

Основните човекови потреби се генетски програмирани предиспозиции, постојани и заеднички за сите луѓе кога било и каде било. Нивното (не)задоволување има значајна улога во задоволството и исполнетоста на луѓето во нивното живеење. Тие се препознаваат преку средствата кои ги употребуваме за да ги задоволиме, преку побарувањата и преку фрустрациите кои се јавуваат кога тие не се задоволени. Засега не постои согласност за природата, универзалноста , хиерархиската поставеност и бројот на човековите потреби, но постои согласност дека сите базични потреби имаат иста важност и тие треба да бидат задоволени.

Основни човекови потреби

Определување, сличности и разлики на поими кои се поврзуваат со потребите

Потреби – пројавата на потребата означува отсуство на нешто битно, неопходно, нужно за човекот (на пример потреба за засолниште – дом).

Желби – означува конкретизирано доживување на потребата, свесност за нешто кое ја задоволува потребата, како замисла, претстава, односно мечта за задоволување на потребата. За разлика од потребата, желбата нема значење на неопходност (на пример, потреба за човекот е да има засолниште – дом, а желба е ако личноста сака да има дом кој е уреден во одреден стил, со одредена големина итн.)

Мотиви – поттик/побуда за дејствување, причини за дејствување. Главна составка е чувство. Мотивацијата е севкупност на побуди. Основната мотивациска појава се потребите. Иако во науката и секојденвието поимите „потреба“ и „мотив“ се користат како синоними, сепак во бројни случаи тие се разграничени.

 Како влијае врз човекот задоволувањето или незадоволувањето на потребите?

Кога потребите не се задоволени постои полнеж на напнатост, вознемиреност, што води до незадоволство и фрустрација, но и до избувливост, агресија и насилство. Ниту една потреба не може да биде задоволна засекогаш. Нивното задоволување е привремено. Добро е ако се задоволуваат навреме и без големи потешкотии. Сепак, проблемите и тешкотиите кои произлегуваат од незадоволените потреби имаат и свои позитивни страни. Кога незадооволството не е присутно постојано и во голема мера, може да придонесе за личниот развој, каде освен развој на толерантност на фрустрација, поттикнува и созревањето и облагородувањето на луѓето. Негативни последици за развојот има ако задоволувањето на основните потреби е честопати спречено, ако бара големи напори и ако има голема неизвесност за нивното задоволување во иднина. Потребите можат да се задоволуваат со разни нешта и на разни начини. За задоволувањето на основните човекови потреби не се неопходни пари и имот, тие во голема мера може да се задоволуваат и без пари.

Теоретска позадина за основните човекови потреби

Една од најпознатите теории за човековите потреби и мотиви е теоријата на А. Маслов. Тој прави хиерархиска поделба на човековите потреби од најнижите, до највисоките (претставени во вид на пирамида). Истите ги набројува во следниот распоред: биолошки потреби (храна, вода, сон), потреба за сигурност (безбедност, заштита); социјални потреби (љубов, припаѓање); самодоверба (самопочит, позитивна слика за себе); самоактуелизација (личен развој, целосно остварување на личниот потенцијал).

Основни човекови потреби

Значајно за човековите потреби е и тоа што справувањето со конфликти и постигнувањето на социјална правда е можно само преку задоволување на човековите потреби. Така што, при решавање конфликти се прави проценка на оправданите и неоправданите цели на страните, а како референтната рамка се земаат основните човекови потреби. Целите се оправдани само ако секоја страна води сметка за основните потреби на другите страни.

Галтунг, како основни потреби ги наведува потребите за: опстанок (спротивно на смрт); благосостојба (средства за живот, можност за образование, здравствена заштита); идентитет (смисла на животот); и слобода (еднакви шанси).

Кристи, во неговата теорија за основни човекови потреби ги издвојува потребите за безбедност, идентитет, материјална благосостојба и самоопределување.

Стауп, (во неговата теорија за групно насилство и геноцид) ги издвојува следните човекови потреби: безбедност, чувство на ефикасност и контрола, позитивен идентитет, позитивна поврзаност со другите луѓе, осмислено прифаќање на реалноста и автономија. За него потреби од повисоко ниво се трансцедентноста и потреба за далекосежно, долготрајно задоволство.

Потреба за безбедност значи да нема опасности од материјални и психолошки штети (напади повреди на телото или личното достоинство) и да има можност за задоволување на основните биолошки потреби.

Потреба за позитивен идентитет, позитивна слика за себе, себеприфаќање со сите доблсти и недостатоци, кога е задоволена, овозможува да се води осмислен и целисходен живот. Оваа потребна е поврзана со потребата да бидеме почитувани и од други луѓе, која исто така е базична потреба.

Позитивна поврзаност со другите луѓе, поединци или групи е неминовна за постојан развој, за добро здравје и благосостојба, па дури и за опстанок.

Потреба за ефикасност и контрола значи потреба да се има способност за самозаштита, за успешни активности во остварување на цели и да се влијае врз општеството. Оваа потреба, неминовно е поврзана со безбедноста.

Потреба да се осмисли реалноста, нашиот живот да има значење е базична потреба. Поврзувањето на случувањата овозможува нивно предвидување и контрола. Но, исто толку човекот има потреба од нови сознанија, откритија на непознатото. Тоа се јавува во услови на безбедност, благосостојба и сигурна поврзаност.

Потреба да се биде независен, авотономен се јавува рано во животот. Луѓето имаат потреба сами да донесуваат одлуки и да се грижат за својот опстанок.

Потребите од повисок ред се:

Потреба за далекосежно, долготрјно задоволство, чувство дека има напредување, развој кон повисок квалитет на личен и општ план, ова се определува со повисоко ниво на надеж т.е постои цел, патишта до целта и волја и истрајност за остварување на целта. Но, во тој момент предност имаат незадоволените основни потреби.

Потреба за трансцедентност, за себенадминување, т.е. потреба да се отиде повисоко од себе, над личните иматеријални и психолошки потреби и желби. Транцедентноста е моќна кога се задоволени другите основни потреби. Кога не се задоволени основните потреби, може да се јави псевдотрасцедентност која претставува стремеж да се надминат ограничувањата на Јаството (целење кон себеостварување, максимален личен развој) преку целосно себевклучување за остварување на повисок квалитет на живот или од верска природа.

 

Извори:

Мурџева-Шкариќ, О. (2007), Ненасилна трансформација на конфликти. Скопје: Филозофски факултет

Јанаков, Б. (2010), Личност (работен материјал). Скопје: Филозофски факултет



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.