Петфакторски модел на личност

Петфакторскиот модел на личноста е психолошки модел предложен од страна на Costa и MacCrae. Тој опишува 5 значајни димензии на личноста – отвореност, совесност, екстроверзија, согласност и невротицизам. Изработен е и психолошки тест (најновата верзија е НЕО ПИ-3)  кој ги мери овие динемзии и дава опис на личноста според нејзините доминантни црти. НЕО ПИ-3 има широка примена во истражувачката и клиничката психологија.

Отвореност кон искуства: личностите кои имаат високо ниво на отвореност, се креативни, љубопитни, трагаат постојано по нови идеи и искуства, и имаат неконвенционален пристап кон нештата. Наклонети се кон естетика, односно кон убавото и уметноста.  Тие имаат богат внатрешен свет и висока имагинативност.

Совесност: високиот степен на совесност кај луѓето се поврзува со висока амбициозност, посветеност, истрајност, потреба за ред и контрола, организираност и интринзична (внатрешна) мотивираност во однесувањето и постигнувањата. Личностите кои се совесни, се ориентирани кон цели, компетентни се и имаат чувство за сопствена ефиксност. Често се водени од чувство на должност и се придржуваат кон правила, принципи и морални вредности. Доколку личноста има низок степен на совесност, поверојатно е да биде мрзелива, неорганизирана и да ги одложува обврските и плановите.

Екстроверзија: за лицата со висок степен на екстроверзија специфично е што се отворени кон различни доживувања во контакт со околината, често се пријателски настроени и лесно воспоставуваат релации. Со нивната тенденција да бидат опкружени со луѓе, често се во некакви акции, движања и во потрага кон нови возбуди и надворешни стимулации. Вообичаено се топли и сочувствителни во односите со луѓето.

Согласност/соработливост: луѓето кои пројавуваат висок степен на соработливост, вообичаено се емпатични, доверливи, љубезни и често ги ставаат потребите на другите луѓе пред своите потреби. Тие поаѓаат од верувањето дека другите луѓе се чесни и добронамерни и дека треба несебично да даваат и да служат во корист на другите. Имаат низок степен на агресија и ретко се конфронтират. Во своето однесуање се благи, скромни и умерени.

Невротицизам: луѓето кои имаат висок степен на невротицизам имаат поголема веројатност да страдаат од анксиозност и депресија. Често се оптеретени од чувство на страв, загриженост и внатрешен немир. Кај нив, нагласено е чувството на инфериорност, срам и непријатност во контактите со другите. Специфично е што имаат низок праг на толеранција на стрес, тешко ги контролираат импулсите и лесно се фрустрираат.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.