Поигрување со слободата

Живееме во време во кое сè повеќе се наметнува трендот на плурализам на мислења, различни вредности, лични избори, зголемена потреба за индивидуалност… Дури, толку се нагласува истото, што почнува да здосадува како комарец на уво, губејќи од својата вредност и сериозност.

И навистина, има ли позначајно нешто од човековата слобода на избор и уважување на слободната волја на човекот? Сепак, како сите избори, мислења, ставови и стилови на живот да ги обезличивме и изедначивме во нивната вредност, легитимност и пожелност…

Дали си поигравме со релативноста и ја злоупотребивме слободата на избор и волја, за наметнување на секој – своите лични идеологии, фиксации, пристрасности…? Кога револуцијата за слободната волја на човекот стана револуција на егото? Тогаш кога упатувањето на тоа дека различни животни стилови и вредности носат различни плодови, нè навредува дека можеби правиме избор кој е погрешен, помалку вреден. А упатувањето дека правиме нешто погрешно, нè боли како ставање сол на рана, па роптаме, се буниме, релативизираме и филозофираме, злоупотребувајќи го, или криејќи се зад – Јас Имам Право…! „Реалноста е релативна, лична конструкција“ – колку добро звучи. Нема критериуми, нема ни одговорност и совесност… Наместо унапредување на човековиот живот и вредности, сè повеќе унапредуваме во софистицираноста на его манипулацијата.

Поигрување со слободата

Во обидот сè да релативизираме, како да ја подизгубиме границата меѓу здравото и болното, корисното и регресијата, доброто и злото… Прашањето каде е таа граница, слободно може да се упати и до нас психолозите – како грижници, негуватели на човековата душа – барем во однос на менталното здравје, несомнено значајно за човекот.

Зошто, како да не знаеме да се носиме со здравиот баланс… Или одиме во ригидност, крутост и слепо следење на правила и норми, или либералноста и лажна слобода не носат до крајната дестинација кон нихилизмот. Како да мора да натежнуваат работите или кон едниот или другиот екстрем, и двете еднакво нездрави. Е тука, можеме да зборуваме за еднаквост. Еднаквост во нездравоста на двата екстреми, а не во плодовите на различните стилови на живот, избори и вредности.

Што можеме да сториме расплеткувајќи го сложениот сплет од многуте различни вредности, верувања, ставови, критериуми, однесувања… во нивната борба за доминација како на индивидуално, така и на општествено ниво?

Можеме да го земеме „развојот“ како критериум за вредното, доброто, корисното, здравото. Психологијата определува дека развојот е процес и промени кои водат кон повисоки стадиуми, подобра рамнотежа и поголема стабилност и ефикасност; зголемување на хармонијата меѓу единката и средината; и пораст на чувството за својата индивидуалност. Ова е значајно за нас бидејќи насекаде околу нас и во нас, во науката, во нашата интуиција…  се среќаваме со различни критериуми за едно од најважните нешта – според кои вредности да живееме, односно како да го живееме овој живот. А различните критериуми, следејќи ги, нè водат во различни правци.

Што е тоа што води кон развој е една тема за која е далеку од разумно дека може да се опфати во целост со еден текст, но она што можеме, е за момент да се свртиме кон себе и да се запрашаме – Каква е нашата моментална позиција, какви критериуми сме внедриле во умот и срцето и следејќи ги, какви плодови даваме…? Бидејќи само плодовите во животот се оној реален, сурово вистинит показател за вредноста на нашите внатрешни критериуми, верувања и однесувања.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.